/ Прочитано:

1.205

СУДЕЊЕ„Јашари“: Првообвинетиот е во бегство, сведочеше момчето кое Јашари го бранел

Четврток, 6 септември 2012 – Судењето продолжи со отсуство на првобвинетиот кој е во бегство. Момчето за кое Јашари загина во обид да го одбрани, ја раскажа својата верзија за трагичниот настан. Откако добил удари со метална шипка, видел како Јашари се обидува да го спречи првообвинетиот да избега. Според неговите зборови, обвинетите дошле во училишниот двор за да предизвикаат инцидент, а загинатиот Јашари не сакал тие да избегаат.

лево:Д.Т., средина: Стефан Гелов, десно: Петар Маневски (фото Војкан Миленковиќ)

 Обидувајќи се да го заштити другарот, матурантот Мухамедали Јашари заврши трагично поради удар од камен во градите во дворот на средното градежно училиште „Здравко Цветковски“, во април 2011 година. Според обвинението, Јашари го изгубил животот во обид да му помогне на својот другар кој влегол во тепачка со тројцата сега обвинети, односно да ги спречи истите да избегаат од училишниот двор.  Обвинетите кои се на возраст од 17 до 19 години наводно дошле во училиштето за да ги расчистат сметките. Обвинителството ги гони за нанесување на тешки телесни повреди со смртни последици, а родителите на Јашари бараат тие да одговараат за убиство.

>> Предметот за случајот Мухамедали Јашари проследете го тука.


Тек на рочиштето

12:00  – Со оглед на тоа што е потребно да се сослушаат остнатите малолетни сведоци за да се утврди фактичката состојба, судијката Александра Ристевска одлучи рочиштето да го закаже за 26.09.2012 година во 10 часот. Нареди стражарско приведување на сведоците доколку тие не се појават на закажаниот термин.

11:50 – Психологот кој беше надлежен да направи стручни наоди и мислења за обвинетиот кој е малолетен, застана пред судскиот совет. Одговори дека наодите ги приложува во писмена форма без никакви усмени дополнувања или измени.


11:40 – Пауза од 10 минути.


11:03 – На прашањето на обвинителот,  дали Д.А. видел како Петар замавнува со камен кон Јашари, одговори дека не видел, но го препознал Јашари по црвената маица, а потоа 90% од учениците што стоеле околу нив и гледале што се случува му кажале дека Петар го удрил Јашари. Бранителот на првообвинетиот, адв. Ристо Петров, преку прашања се обидуваше да докаже колку сведокот и оштетениот бил присебен во моментот кога го удирале и јасно можел да види што навистина се случува. На неколку прашања на адвокатот приговараше обвинителот, посочувајќи дека исказот на сведокот е конкретен и јасен.

10:50 – Откако втoрообвинетиот Стефан Гелов и третообвинетиот, малолетникот Д. Т. останаа на исказот даден во претходната постапка, процесот продолжи со сведочењето на оштетениот Д.А.,  момчето кое Јашари бранејќи го, го изгуби животот.  Д.А., 40-тина минути раскажуваше за трагичниот настан посочувајќи го второобвинетиот Стефан Гелов дека дошол во дворот заедно со малолетникот Д. Т. , а околу нив се наоѓале ученици кои сега во процесот се во својство на сведоци. Како што наведува, најпрвин имало буткање од второобвинетиот и оштетениот Т.С., по што  Т.С. се завртел и се упатил кон училницата, второобвинетиот и третообвинетиот го напуштиле дворот. По 10-тина минути, тројцата обвинети вооружани со метални шипки и боксерица се појавиле во училишниот двор.

 „Петар ми удри шлаканица и ми се нафрли, почна да ме удира со метална шипка и јас паднав на земјата. Осетив несвестица и почуствував дека крварам, но видов  како Стефан и Петар почнаа да бегаат и го препознав  Јашари, кој беше облечен во црвена маичка, како му го попречува патот на Петар за да не избега“, се изјасни Д.А..

10:40 – Отсутен е првообвинетиот Петар Маневски, тројцата малолетни сведоци и Т.С. во својство на оштетен. Судот донесе решение да се суди во отсуство на првообвинетиот, а неговиот адвокат Ристо Петров се изјасни дека останува бранител. Судскиот совет добил известување  од П.С. Центар дека првообвинетиот не е достапен на органите на прогон, поради ова процесот почна од почеток.

10: 38 – Рочиштето почна.