/ Прочитано:

1.508

СУДЕЊЕ Калдрма: Агенцијата за државни патишта бара оштета од 107 милиони денари, но на виделина излегоа слабостите на системот на наплата

Понеделник, 10 септември 2012 – Штета во висина од 107 милиони денари пријавија претставниците од Агенцијата за државни патишта. Преку исцрпните адвокатски прашања на виделина излегоа слабостите на системот на наплата. Цели четири часа поминаа во тензична атмосфера и бурни реакции од адвокатите. Претставниците од Агенцијата најрвин рекоа дека не се во никаков однос со обвинетите, споменувајќи некако договор потпишан со ЈП „Македонија пат“, за потоа да ја премолчат содржината на договорот и немоќно со пола уста да им одговараат на адвокатите и обвинетите.  

Обвинението по овој предмет е напишано на 400 страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три и пол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северо-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека првите двајца обвинети го осмислиле планот и ги организирале останатите  обвинети. Поголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор. Според обвинителниот акт тие ја оштетиле државата за 1,8 милиони евра така што на патниците им издавале лажни  фискални сметки и парите оделе во приватни џебови.

>> Предметот за случајот „Калдрма“ проследете го тука. 

Тек на рочиштето

14:30 – За наредното рочиште закажано за 12.09.2012 година во 10 часот е предвидено изведување на докази прибавени со посебни истражни мерки. Во текот на доказната постапка ќе се прегледаат 8 класери со транскрипти, 100 ДВД цедиња на кои има видео и аудио снимки од обвинетите. Судијата одреди и неколку термини за загрозените сведоци кои во судница треба да се појават следниот месец.

14:10 – Откако по час и половина заврши излагањето на двајцата претставници од Агенцијата за државни патишта, сите адвокати приговараа по однос на нивниот исказ. Адвокатот Саво Коцарев со неколку реченици даде краток приговор. „Приговарам целосно на исказот на претставниците за наводната штета на Агенцијата за државни патишта. За да постои штета, треба да има оштетен, штета и штетник. Самите претставници на Агенцијата, на почеток се изјаснија дека немаат никаков договорен или целосен однос со обвинетите, па според тоа не постои штета што им ја направиле обвинетите“. На приговорот на адвокатот Коцарев му се приклучија и останатите бранители.

13:35 – Скоро еден час претставникот се обидуваше да го задоволи апетитот за одговори на адвокатите и обвинетите. Излегоа на виделина  сите  дупки на системот на наплата. Еден од обвинетите објасни пример како се случувало поради полициски увид на наплатната рампа да поминат и преку 50 возила кои нема да платат. Исто така, се утврди и дека поставеноста на бројачите која е на половина километар пред или по патарината, не дава компетентна и прецизна бројка на поминати возила бидејќи постојат локални патишта, па може да се случи возилото да биде измерено на бројач, а да не помине патарина. 

12:45 – По паузата, судскиот процес продолжи со излагањето на истиот претставник од Агенцијата за државни патишта. Тој како електро инжењер се обиде во судницата детално да го објасни системот на наплата. Адвокатите и обвинетите преку безброј прашања бараа одговори за начинот на работа на бројачите, сензорите, детекторите на патарините како и функционирањето на компјутерскиот систем. Иако претставникот беше задолжен да го објасни техничкиот дел на работата на патарините, сепак немаше доволно информации за густината на сообраќајот, тежината и категоријата на возилата. Ситуацијата се вжешти откако преку исказот на претставникот се утврди дека протокот на ослободени возила не секогаш може да се евидентира, ниту дека бројачите можат да дадат прецизна бројка на поминати возила. 


12:00 – Пауза од 45 минути.


11:35 – При крајот на исказите на претставниците, атмосферата стана помирна со оглед на тоа што авокатите престанаа да прашуваат, а продолжија, судијата и обвинителот околу начинот на работа на патарините.

11:20 – Обвинителот реагираше дека адвокатите ги избезумиле претставниците, па тие не можеле да се снајдат во ситуацијата. Атмосферата кулминираше кога судијата прокоментира дека и нему и  не му се јасни одговорите на претставниците и се запраша дали треба да го повика директорот на агенцијата. „Судија очигледно е дека ова се бесполезни сведоци, прочитале весела математика со зборовите бараме 107 милини денари, друго ништо не знаеме“, приговори адвокатот Сашо Дуковски.

11:03 – Судијата се обиде да ја смири атмосферата повикувајќи уште еден претставник од Агенцијата за државни патишта. Адвокатите повторно бараа одговори, како Агенцијата ја утврдила шетата, дали имаат црно на бело, да се покаже разликата меѓу пријавените приходи и заработувачката од проектираниот годишен план.

10:15 – Претставникот на Агенцијата за државните патишта побара материјална штета од 107 милиони денари, во период од 31.07.10 до 09.08.2011 година. Скоро еден час, адвокатите го бомбардираа претставникот со прашања, а особено кога слушнаа дека претставникот е правник, а не знае прецизно да одговори на нивните прашања. Владееше тензична атмосфера и бурни реакции од адвокатите околу договорот потпишан меѓу Агенцијата за државни патишта и ЈП Македонија пат. По многу прашања и дилеми остана нејасно што конкретно стои во договорот, односно кои треба да ја плати шетата, обвинетите како физички лица или ЈП Македонија пат.

10:09 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети. На самиот почеток од претресот, судијата Ѓоко Ристов ги опомена обвинетите бидејќи добил известување од полициските станици, им се закани дека ако не ги почитуваат правилата на куќниот притвор, ќе ги врати во затворски.