/ Прочитано:

1.934

Судење „Калдрма“: Обвинетите повторно ги спомнуваа прасињата, телевизорот и тренерките

Четврток, 26 јули 2012 – За само 4 дена, во рекордно време, заврши распитот на 86-те обвинети во овој предмет. Денешното рочиште, меѓудругото го обележаа контрадикторните искази на еден од обвинетите. Во истрага рекол дека добил закани од колега дека ќе го изгуби работното место, ако не плати 300 евра, а денеска вели дека не му се заканувале, но дека му купил скапи тренерки на надредениот како подарок. На досегашните рочишта поголемиот дел од обвинетите негираа дека сториле кривично дело, но имаше и такви  кои ја признаа вината која им се става на товар. Сите обвинети со забелешки на обвинителниот акт. Тврдат дека бројот на смени по човек наведени во истиот, не е точен. 

Обвинението по овој предмет е напишано на 400 страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три и пол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северо-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека првите двајца обвинети го осмислиле планот и ги организирале останатите  обвинети. Поголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор. Според обвинителниот акт тие ја оштетиле државата за 1,8 милиони евра така што на патниците им издавале лажни  фискални сметки и парите оделе во приватни џебови.

 >> Предметот за случајот „Калдрма“ проследете го тука. 


Тек на рочиштето

11:55 – Неколку бранители побараа затворскиот притвор на нивните клиенти да се замени со куќен, но судијата игнорирајќи ги нивните барања го затвори главниот претрес. Следните рочишта се закажани  за 7, 10 , 12 , 17 и 18 септември во 10 часот, за кога е предвидено е да се започне доказната постапка.

11:15 – Обвинетиот Милан Петревски кој работел како сменоводител со контрадикторни искази. Во истрага рекол дека му дал 300 евра на Попкрстевски кој му ги однел лично дома, бидејќи третообвинетиот Александар Марковски му се заканил дека во спротивно ќе го изгуби работното место. Денеска  негираше дека му дал 300 евра на Попкрстевски. Вели дека му подарил еден пар тренерки, но само како подарок бидејќи Попкрстевски никогаш не ги побарал.

11:10 – Обвинетиот Махи Хунели остана на исказот во истрага и да даде дополнение.

10:45 – Обвинетиот Љупчо Стојанов рече дека не е член на никаква група. Вели дека по критичниот период со месеци не бил на работа. Го раскажа пријателството со  Ирфан Идризи и со Бобан Попкрстевски прво и второобвинетиот (раководителот и заменик раководителот на Секторот за наплата). За Попкрстевски рече дека го познавал преку работата. Наводно многупати барал од Попкрстевски да му направи услуга, но овој не му излегувал во пресрет. Тврди дека никогаш не му дал пари на Попкрстевски за распоред, ниту пак овој му побарал пари. Не сум му дал ниту прасиња, ниту тренерки, ниту телевизор“, потенцираше Стојанов.

За првообвинетиот Идризи, рече дека прв пат го запознал на работа, вториот пат го сретнал на патарина Сопот, а трет пат го видел во судница. Тврди дека тоа се сите средби кои ги имале, односно дека немал други контакти со Идризи. Не знам дали ќе ми верувате, но се колнам во најмилото дека не сум дал на ниту еден возач лажна фискална сметка. Со колегите освен за работа, не сум имал никакви други контакти, а обвинението е само една мешаница на измислени смени“, наведе Стојанов. Имаше замерка на бројот возилата на кои наводно издавал лажни фискални сметки.

На патарина Петровец, нервозен шофер ја искрши рампата и во тој момент поминаа 200 возила. Сум имал ситуација кога сум бил физички нападнат дури и ми се заканувале со оружје луѓе што не сакаат да платат“, додаде тој.

10:20 – Обвинетите Сашко Упалев, Горан Трајковиќ, Екрем  Исмаил, Глигор Чатмов, Орхан Георгиев, Миле Димов и Миле Илиевски останаа на исказот даден во истрага. Во целост ги отфрлија делата кои им се ставаат на товар (злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и фалсификување на исправа). Сите имаа замерка на бројот на смените наведени во обвинението.

10:16 – Започна рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.