/ Прочитано:

1.531

СУДЕЊЕ „Ликвидација“: Сведочењето на братот на „Бреза“ наместо во прилог на обвинителството заврши во корист на обвинетите

Понеделник, 2 септември 2013 – Проговорија првите сведоци на обвинителството, дел од велешката судска администрација како и братот на поранешниот заштитен сведок „Бреза“ во судскиот процес за убиството на старецот во селото Ореше. Судските службеници освен што велеа дека предметот уште од самиот почеток бил „замрсен“, проговорија и дека биле повикани од обвинителството да дадат исказ уште пред апсењата поврзани со случајот. Братот на „Бреза“ тврдеше дека инспектори од МВР му извршиле притисок да потпише кривична пријава против судијата Илија Танев, во која стои дека тој му барал поткуп за да го ослободи неговиот брат од притвор. Сведокот рече дека инспекторите му кажала кого се да опфати во пријавата, а го убедувале во локални кафулиња. Одбраната побара обвинетите да бидат ослободени од притвор, а текот на судењето да се одвиа со брзо темпо. 

Судии, адвокати, обвинител, новинар заедно на клупата на обвинети – ова е предмет кој поради специфичната структура на обвинети несомнено ќе остане запишан во аналите на македонското судство. Осуммина обвинети се товарат за: „примање поткуп“, „злоупотреба на службената положба и овластување“, „неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица“,  „противзаконито посредување“, дело кое инаку не постои како такво во Кривичниот законик бидејќи е преименувано во „примање награда за противзаконито влијание“  и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали.

Во обвинението се споменуваат повеќе судски предмети со кои обвинетите на најразлични начини кореспондираат, а меѓу нив и крајно контроверзниот случај „Ореше“ кој и по повеќе години се’ уште нема разрешница.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

14: 00 – Судскиот процес продолжува на 06.09.2013 година во 09:30 часот, со сослушување на останатите сведоци. По завршувањето на рочиштето, адвокатите од судница излегоа незадоволни од одлуката на Кривичниот совет за продолжувањето на притворот на обвнетите. Исто така, одбраната вели дека денешните сведоци се контрадикторни, а она што според нив е најсимптоматично, е тоа што сведоците неколку пати биле повикувани во обвинителство, токму за овој случај.

„Сите сведоци се категорични дека никој не се сеќава што се одвивало, никој не знае што треба да сведочи додека претставници на обвинителство не им појасниле и не им го освежиле памтењето, дури последниот, тоа и самите вие го видовте, рече дека нема претстава за што требало во судот да дојде додека не му се јавил истражниот судија и не му кажал за што станува збор“, изјави адвокатот Александар Тортевски.

13:30 – Меѓу сведоците кои денеска зборуваа, беше и адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, тогашна одбрана на обвинетите за убиството на старецот во селото „Ореше“. Адвокатот појасни како била спроведена истрагата за убиството во Ореше и на кој начин е сослушуван сведокот „Бреза“.

13:00– Најсилни реакции кај јавноста присутна во судницата предизвика, братот на „Бреза“, кој беше повикан во својство на сведок, предложен од страна на обвинителството. Тој веднаш го негираше тврдењата во обвинението дека еден од обвинетите судии му барал мито за да го пушти неговиот брат од притвор. Појаснуваше дека тој своерачно ја потпишал кривичната пријава за обвинетите во „Ликвидација“, но тоа го направил под присила на полицијата.

„Ми велеа да сме направеле притисок затоа што судијата не работел добро и дека тие ќе му помогнат на брат ми, а јас да им помогнам нив. Јас ја потпишав пријавата во која пишуваше се што ми рече полицијата и се она што го договаравме да го кажам со инспекторите по локалните кафулиња. Ми кажуваа што да речам, како да го кажам тоа и кого да опфатам со пријавата“, сведочеше Арсовски.

11:00 – Mеѓу сведоците се појавија и службеници на велешкиот суд, шефицата на судската писарница, припадник на судската полиција, судскиот доставувач. Првите двајца зборуваа за тоа колку се заштитени предметите во судот, и кој се има пристап до нив. Откако обвинетите судии и нивните судски соработници се контрираа околку тоа кој на кого каква наредба му дал во врска со предметот, одбраната инсистираше сведоците да појаснат околу нивната соработка со обвинителството за организиран криминал. На изненадување на сите, шефицата на судската писарница рече дека заедно со претходниот сведок – судскиот полицаец, биле носени до обвинителството во Скопје со службено возило од велешкиот суд, по наредба на Претседателот на судот. Таму, како што рече, биле повикувани во врска со предметот „Ликвидација“.

Според обвинението, првообвинетиот Илија Танев, водечкиот судија во „Ореше“, наводно ја искинал веќе залепената  доставница за пресудата и наместо неа залепил нова со нов невистинит датум, со цел обвинителот и обвинет во овој предмет Илија Ефремов кој го пропуштил рокот, да поднесе жалба за висината на казната. Денешниот сведок, доставувачот упорно тврдеше дека доставницата која ја носел по наредба на обвинетиот Ефремов, била токму онаа за случајот „Ореше“, за подоцна да не знае да одговори од каде знае дека доставницата се однесувала токму на овој предет. На крајот, по исцрпните прашања на одбраната, сведокот рече дека се сеќава бидејки истражниот судија на „Ликвидација“ веднаш го известил дека е повикан за даде изјава во врска со случајот „Ореше“.

10:40 – Првиот сведок за денеска беше дактилографката на истражниот судија Валентин Зафировски, сега обвинет за неовластено оддавање на информации за тогашниот сведок „Бреза“ и противзаконско посредување. Таа накратко ја објасни средбата помеѓу обвинетиот Зафировски и сведокот „Бреза“ што се случила во канцеларијата на директорот на штипскиот затвор. Таа кажуваше и детали од исказот на „Бреза“, посочи дека тогашниот истражен судија Зафировски го предупредил „Бреза“ дека од неговиот исказ може да му се открие идентитетот, сепак тој самиот инсистирал во исказот да стои дека лично добил повик од Ѓоре од Америка, еден од обвинетите во „Ореше“. Според обвинението, Зафировски при посетата на „Бреза“ во штипскиот затвор, наводно му рекол да го потпише записникот со вистинското име, а доставницата да ја потпише со псевдонимот „Бреза“ – на овој начин, според обвинителството, спротивно на законот, Зафировски го оддал вистинскиот идентитет на загрозениот сведок. Меѓутоа, неговата дактилографка која е очевидец на оваа средба, а исто така очевидец на исказот на „Бреза“ во истрага, потврди дека во канцеларијата на директорот на штипскиот затвор, лично таа му го дала записникот на „Бреза “ да го потпише, а обвинетиот Зафировски воопшшто не му се обратил. 

10:30 –  Судскиот процес започна со половина час доцнење, со однос на тоа што пред судот, а особено пред судницата се направи гужва од јавноста, сведоците и адвокатите. Судскиот совет нотираше дека од вкупно 18 сведоци предложени од страна на обвинителството, се појавија 13. Меѓу отсутните беше и поранешниот заштитен сведок „Бреза“, во случајот Ореше. За него беше констатирано дека нема примено уредна покана од судот. Од присутните сведоци беа: поранешниот директор на штипскиот затвор, судски службеници од велешкиот су, дел од одбраната на обвинетите во „Ореше“, братот на „Бреза“ и др.

(П.Б)