/ Прочитано:

893

Судење Младиќ: Сведокот на обвинителството раскажа за логорот Кератерм

Вторник, 4 септември 2012 – Судењето на поранешниот командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, продолжи со сведокот на обвинителството, Сафет Тачи. Во хашката судница тврдел дека во логорот Кератерм, во близина на Приједор ги видел српските сили како убиваат 150 мажи.

Логорот „Кератерм“, општина Прједор

Во текот на своето сведочење, сведокот Сафет Тачи го опишувал периодот кога бил уапсен од страна на српските сили. Некаде во мај 1992 година тој бил уапсен кај селото Козарец и однесен во логорот Кератерм. Со него имало околу стотина Бошњаци. По два месеци, кон крајот на јули според неговите зборови, српските сили убиле 150 мажи, пренесува српски „Блиц“.

Сведокот тврдел дека биле чувани во нехумани услови и секојдневно измачувани и тепани. Ноќта околу 24 и 25 мај тој се наоѓал во логорската соба број 2. Лично видел како еден српски војник поставил митралез спрема логорската соба со бр 3. Отворил оган врз собата, а во неа имало затворено околу 150 затвореници од приједорското село Хамбарине.

Ратко Младиќ е обвинет за злосторства против човештвото во 7 босански општини, а една од нив е токму општината Приједор.

– „Од собата се слушаа повици за помош, лупаа по вратата да им отворат. Најверојатно ја бутнаа вратата за да можат да дишат, но српските војници почнаа да пукаат во нив. Слушнав како еден војник им рече, не излегувајте пукаме во вас“!, навел сведокот.

Од еден преживеан од собата бр.3 дознал дека српските војници им ставиле отров во собата за да се гушат. Кога насилно ја отвориле вратата, српските сили пукале со митралез во нив. Лицето што му кажало што се случило во собата, се онесветило од отровот и благодарение на таа состојба, српските сили не го стрелале.

Тачи како што рекол наредното утро дошле камиони, а тој заедно со другите затвореници морале да ги товарат со мртвите и ранети тела.

Кога му бил покажан извештајот од корпусот на војската на Република Српска на кој стои дека 50 затвореници се стрелани во бегство, Тачи одговорил дека тоа не е точно.

Во вкрстеното испрашување, одбраната на Младиќ сакала да покаже дека сведокот е војник од страна на Бошњаците и дека поради тоа бил уапсен, а не заради неговата националност.