27 јуни, 2013 06:48
paula
/ Прочитано:
СУДЕЊЕ „Монструм“: Берберот на браќата Исмаиловиќ тврди дека тие никогаш немале бради
Четврток, 27 јуни 2013 – Oд тројцата сведоци предвидени за денеска, во судницата се појавија само двајца: берберот на обвинетите браќа Ислаиловиќ и земјоделецот кој ја обработувал нивата на обвинетиот Фејзи Азири којашто се наоѓа крај Смилковци, во периодот кога се случи петкратното убиство. Берберот тврди дека последниве 6 години браќата никогаш не носеле бради, а земјоделецот раскажа дека дента на убиство не видел никој од обвинетите крај езерото, не слушнал никакво пукање, иако бил на оддалеченост само од 150 метри воздушна линија.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје, моментно се чека на нивната екстрадиција – им се суди во отсуство.
Согласно наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.
>> Предметот целосно можете да го проследите тука.
Тек на рочиштето
13:30 – По завршувањето на рочиштето, адвокатот Насер Рауфи даде појаснување во врска со исказите на сведоците предложени од негова страна.
„Сведокот тврдеше дека од 2 април 2012 година, па натаму, секој ден работел на нивата, нас ни претставија круцијален сведок бидејќи нивата каде работел е на 150 метри воздушна линија, и тој можел да види дента што се случувало на езерото. Сведокот потврди дека тој период воопшто го нема видено обвинетиот Фејзи Азири. Другиот сведок сведочеше на околност на докази кои се прибавени со посебни истражни мерки“, изјави пред судот адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.
13:20 – Судењето продолжува утре, на 28.06.2013, во 10:30 часот, со сослушување на сведоци предложени од одбраната.
12:10 – Вторниот сведок за денеска, Мухамед Арифи, берберот на обвинетите браќа Агим и Африм Исмаиловиќ. пред судскиот совет тврдеше дека обвинетиот Агим последниве 6 години редовно го потстрижувал, а понекогаш и неговиот брат Африм. Рече дека никогаш откако ги познава браќата, не носеле брада, и покрај потсрижувањето тој им ги бричел и брадите.
10:40 – Првиот сведок за денеска е Рамадин Мурати, земјоделец кој 6 години му ги обработувал нивите на обвинетиот Фејзи Азири. На судот му раскажа за неговото движење дента кога се случи петкратното убиство. Сведокот опиша дека нивата на која садел бостан, се наоѓа на растојание од 300 метри по пат и 150 метри воздушна линија со местото каде се случи убиството. Според неговите зборови, дента заедно со работници се задржале до 19 часот на нивата, не ги видел момчињата, ниту некој од обвинетите да се движат околу езерото. Откако заедно со работници завршиле со работа на нивата, како што рече, се упатил нив да ги разнесе по дома. Единствено нешто што му оставило впечаток тој ден, раскажа дека е жолт чамец што се движел во езеро преку целиот ден. Посочи дека вообичаено, како и другите денови, на езерото доаѓале рибари од македонска, албанска и ромска националност, а токму обвинетиот Фејзи Азири уште во 2006 година самиот го направил земјениот пат, кој им служи на рибарите да дојдат до езерото.
10:30 – Судењето почна. Условите за одржување главен претрес се исполнети. Од предвидените тројца сведоци, во судницата се појавија двајца.