Судење „Монструм“: Вештите лица ги изнесоа своите наоди — прецизно објаснија на кој начин биле ликвидирани жртвите на петкратното убиство
Среда, 13 февруари 2013 – 6 вешти лица од Институтот за судска медицина и МВР кои ја направиле обдукцијата на жртвите ги изнесоа своите наоди на денешниот главен претрес при што се потврди дека жртвите на петкратното убиство биле ладнокрвно егзекутирани. Прецизно објаснија на кој начин и со колку куршуми биле убиени тие, раскажаа за местоположбата на телата и на убијците. Во убиените е пукано со неколку проектили одзади, но во двајца е пукано и однапред директно во стомакот. На телата нема механички повреди освен траги и набиеници од куршмите.
>> Предметот целосно можете да го проследите тука.
Тек на рочиштето
13:50 – Судскиот процес продолжува на 15.02.2013 во 10 часот со вештачењето кое е направено само од крим техничарите, без стручните лица од судска медицина.
13:40 – По вештаците од судска медицина, пристапија крим техничарите од МВР. Накратно објаснија за барутните честички, но за балистиката, ДНК, биолошките остатоци рекоа дека на следното рочиште ќе зборуваат повеќе.
13:30 – Адвокатот Митко Солаков стави забелешка на вештачењето, објасни дека не приговара, но дека мора да ја посочи суштината.
„Не приговарам, ова е јасно имаме жртви, но не знам зошто е толку битно дали е пукано во глава или во грб, па вака детално се анализира вештачењето. Судот треба да се сконцетрира да се најде оној што пукал, а не како пукал. Барам како што ова беше прецизно презентирано и транскриптите со телефонските разговори на истоот начин да се презентираат бидејќи таму е суштината на кривичното дело“, Солаков му се обрати на судскиот совет.
12:15 – По паузата вештачењето го презентираше менторот и главниот потписник на сите наоди и лабораториски анализи Билјана Јаневска која даде прецизна и комплетна слика за смртоносните повреди на жртвите, местоположбата на телата, како и местоположбата на лицата што пукале. Кај едно од момчињата е пукано со 4 проектили, од кои еден завршил во вратот, а останатите во грбот. Лицето што пукало се наоѓало зад и над жртвата. На облеката на починатиот се пронајдени барутни честички што укажува на фактот дека лицето што пукало и жртвата биле на растојание од 1 до 1,5 метри.
Кај другото момче при обдукцијата биле видливи три прострелни рани, со влезна рана во грбот, а сторителот се наоѓал зад жртвата. Телото на починатото момче било во лежечка положба, а сторителот се наоѓал зад жртвата, поточно над неговите нозе. Една од прострелните рани имала длабочина од 47 сантимери, а според вештакот тоа укажува дека е пукано од поголема висина над телото. На блузонот на жртвата исто така се пронајдени барутни честички.
Кај едно од момчињата е пукано со 4 проектили, од напред и назад. Еден од куршум бил испукан во неговиот стомакот, а останатите се одзади при што завршиле во грбот. Барутните честички се присутни по облеката на оваа жртва.
Во едно од момчиња пак, е испукано со 8 проектили, еден куршум е пукан од напред и завршил во стомакот на жртвата, а останатите се испукани одзади. Од наодот произлегува дека еден од сторителите и жртвата биле еден спроти друг. Тој што пукал бил на повисоко, а жртвата клечела или била наведната. Еден од проектилите завршил во левото стапало на жртвата. Еден од сторителите се наоѓал зад и над телото.
Кај петтата жртва, рибарот кој случајно се затекнал на местото на убиството, се најдени 4 прострелни рани. Зад него се испукани 3 куршуми на кои излезната рана им е градниот кош, а еден куршум завршил во неговата глава. Жртвата е пронајдена близу вратата на возилото, а според вештакот сторителот пукал зад жртвата. На капакот на моторното возило биле пронајдени остатоци од мозок, па според вештаците за време на пукањето жртвата клечела, а главата и била во близина на капакот на возилото. На облеката на жртвата исто така се пронајдени барутни честички кои упатуваат на фактот дека е пукано од близу.
11:30 – Пауза до 12 часот. До првата пауза пред судот зборува 4 вештаци од Институтот за судска медицина, а по паузата сите вештаци вклучувајќи ги и вештите лица од МВР ќе зборуваат за едно исто вештачење.
10:30 – Доказната постапка продолжи со образложение на вештиот наод направен од страна на 6 вешти лица од Институтот за судска медицина и од МВР кои потврдија дека петте жртви биле ладнокрвно егзекутирани. Според вештаците во секого од убиените било пукано со повеќе проектили, а на смртоносниот исход најмногу влијаела една прострелна рана посочија стручните лица.
Кај едно од момчињата прострелната рана е во вратот при што проектилот излегол од главата. Кај друг случај е пукано во задната страна на градниот кош при што проектилот го поминал срцето и како резултат на тоа настанала смрт. Кај едно од момчињата е пукано во левата страна на грбот, при што проектилот направил раскин на ‘рбетниот мозок и излегол на десната страна од вратот. На една од жртвите делувале 8 проектили, 7 прострелни и 1 застрелна при што проектилот во градниот кош бил пресуден. Врз еден од убиените е пукано со 4 проектили, а на телото има 5 канални оштетувања – вештото лице појасни дека има можност еден проектил да направил 2 прострелни рани.
10:25 – Старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.