/ Прочитано:

1.452

Судење „Монструм“: Откако го негираше обвинението, контрадикторниот Хаки Азири соочен со својот исказ даден во истражна постапка

Четврток, 10 јануари 2013 – Хаки Азири, единствениот обвинет што во истрага ги потврди наводите на обвинителството за неговата инволвираност во убиството, денеска го отфрли овој исказ и рече дека не го прифаќа обвинението. Поради контрадикторноста на исказите, беше пуштена видео-снимка од истражната постапка каде тој јасно ја потврдува неговата улога. Ги земал обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кој сега се во бегство, од обиколницата близу Железарското езеро. Потврди, му признале дека убиле човек. Денеска тврдеше дека бил психички малтретиран од припадници на МВР, се плашел за својот живот, па затоа пред истражен судија ја раскажал приказната, која наводно му ја монтирала полицијата. 

Од лево кон десно: обв. Агим Исмаиловиќ, адв. Насер Рауфи, обв. Фејзи Азири, обв. Хаки Хазири, обв. Рами Сејди

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на  на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство, им се суди во отсуство.

Согласно наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот  момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

16:45 – Судијата ги соочи останатите обвинети со исказот на обвинетиот Хаким Азири. Судењето ќе продолжи на 15.01.2013 година во 10 часот кога во судницата ќе седнат оштетените лица, родителите и роднините на жртвите во грозоморното петкратно убиство што се случи кај Железарскoтo езерo, пред 8 месеци.

16:30 – По неколку часовниот исказ пред истражен судија кој го виде јавноста, судијата го праша обвинетиот: „Што е точно, ова што го видовме на снимката што си го кажал во истрага, или она што го велеше денес“?

Точно е тоа што денес го кажав, ова од снимката го реков бидејќи бев присилен и психички малтретиран. Можеби некој може да го издржи притисокот, но јас не можев, во МВР ми рекоа што да кажам пред истражен судија, ми ветија дека ќе ме пуштат дома. Не ги познавам тие што ми се закануваа, но никој не ми го гарантираше животот, можеа да ме убијат. Сега судењето е јавно и затоа кажувам сите да слушнат, немам никаква врска со убиството“, обвинетиот му одговори на судијата.

15:10 –  По паузата во судницата повторно се пушти видео снимката. Од неа се виде дека откако стигнале кај него дома, Демири му рекол дека ќе оди кај нивниот заеднички братучед Џевад Азири за да играат карти, и го поканил подоцна и тој да им се придружи, а Африм Исмаиловиќ веднаш си заминал, но не кажал каде оди. Вечерта во 23 часот истиот ден, во куќата на нивниот братучед имало собрано неколкумина, Хазири пред сите јасно кажал дека слушнал за убиството кај Смилковци. Молк, само Демири ја наведнал главата, но не изустил збор, се виде исказот на обвинетиот на видеобимот.

Кога ми стана јасно што се случува имав кошмари, не спиев, ме гризеше совеста, ослабев 20 килограми, на никого ништо не кажав,  го чував за себе додека не ме побара полицијата“, раскажува Хазири на видео снимката.

Ситуацијата му била уште појасна кога бил повикан во полиција, како што рече таму му ги покажале доказите, знаел дека нема ова вака да заврши, но се плашел да зборува. Кога ги возел обвинетите според неговите зборови тој не знаел што се случува, да знаел дека убиле некого никогаш немало да го прифати тоа. Пред истражниот судија рече дека е свесен за тежината на изјавата, дека повторно ќе зборува во постапката доколку му обезбедат услови каде ќе биде заштитено неговото семејство, а и неговиот живот. На видео снимката се слушна како неколкупати истражниот судија го праша дали изјавата ја дава по своја волја или нечија присила. Обвинетиот рече дека цврсто останува на она што го изјавил бидејќи не сакал да е дел од нешто за кое ниту го знаел, ниту го планирал.

13:30 – Поради контрадикторните искази на обвинетиот, судијата Ивица Стефановски најпрвин му ја прочита изјавата каде ја потврдува неговата улога во петкратното убиство, а потоа на јавноста во судот и ја пушти видеоснимката од неговата изјава дадена во истражна постапка.

На видео-бимот се виде истражниот судија Владимир Туфекџиќ, бранителот Насер Рауфи и обвинетиот кој чисто зборува и разбира македонски јазик. На снимката тој ја појаснува својата улога која била да ги пречека обинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ на обиколницата кај Качанички пат бидејќи како што наводно му рекле имале нерасчистени сметки со некого.

Според исказот даден во истрага на 11.04.2012 година во 23 часот тој добил телефонски повик од Алил Демири при што се договориле наредниот ден околу 12 часот напладне да се сретнат кај Демири дома. Откако се сретнале се упатиле кон Сингелиќ кај Африм Исмаиловиќ, кој му рекол дека денеска ќе направат нешто поради нерасчистени сметки и го упатил истиот ден во 18 часот да го земе брат му Агим од дома и да го однесе во Топанско поле. По договореното го сторил тоа и видел како Агим влегува во марка автомобил Опел омега – црвена боја кој бил паркиран на автобуската постројка. Агим го запалил автомобилот и се упатил во непознат правец. Потоа по договорениот план, сам со својот автомобил марка Мазда се упатил кон обиколницата и чекал да дојде 19:20 часот и според планот да се појават Афим Исмаиловиќ и Алил Демири. Околу 20:00 часот, позади него се паркирало возило. Според неговите зборови дадени во истрага не можел да види кој се има внатре, но во неговото возило влегле Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

„Тие кај себе немаа оружје, носеа црни капи, но јасно им го видов ликот. Имаа ракавици и на себе носеа црни тренерки. Ги прашав што се случи, а Африм ми одговори: Направивме гомнарија, убивме човек, вози кај тебе дома. Тргнав со автомобилот, возев право, ништо не ги прашав ниту пак тие двајца разговараа“, вели обвинетиот на снимката.

12:00 – Прашања на обвинетиот му поставуваа бранителите. Вели дека исказот во истражна постапка го дал под притисок.

 „Полицијата ми се закануваше дека ако не сведочам против другите обвинети ќе добијам 15 години затвор, а може и никогаш да не излезам. Јас не сум терорист, ниту монструм, јас сум Албанец со муслиманска веросиповед. Ми беше страв дека ќе ме егзекутираат и ќе монтираат самоубиство“, тврди Азири.

Појасни дека по акцијата од 1-7 мај 2012 година го држеле во полициска станица Кочани и таму наводно доживувал психичко малтретирање.

11:15 – На обвинетиот прашања му поставуваше обвинителството. Обвинителот Гордана Гешкоска  го испрашуваше обвинетиот детално за работата на интернет-кафулето, неговите релации со обвинетите, за комуникацијата со чичко му Фејзи Азири, за концесијата на местото кај езерото.

На ова Хазири одговори дека никогаш не бил на езерото, не му е познато местото, туку само му било познато дека чичко му поседува концесија. За обвинетиот Фејзи Рами рече дека не го познава и никогаш не го видел во животот.

11:00 – Обвинетиот Хаки Азири кој најпрвин беше заштитен сведок, а потоa го изгуби овој статус и стана шестообвинет го отфрли исказот даден во истрага каде вели дека  со своето возило ги чекал обвинетите кај Качаначки пат и потоа ги возел до нивните домови. Рече дека не го прифаќа обвинението, посочувајќи дека стравува за сопствениот живот.

Не е точно дека сум возел некого да изврши некакво убиство, имам 9-члено семејство, немам време да организирам некакво криминално дело. Не сум криминогена личност, на 1 мај за првпат бев во полициска станица. Не ме интересира кој што прави, ова што се случува е катастрофа“, му се обрати на судскиот совет обвинетиот.

Откако го отфрли исказот даден во истрага, објасни дека кобниот ден не бил на своето работно место каде работи како транспортер, бидејќи имал слободен ден. Денот како што вели му поминал вообичаено, 5 пати дневно се молел, а точно напладне бил во џамија. Рече дека има видео снимки низ Скопје на кои се гледа дека бил во посета на роднините во кои живеат во Сингелиќ. За денот претходно, 11.04.2012 не можеше детално да се сети. Со обвинетиот Алил Демири кој се наоѓа во бегство, вели дека можеби разговарал телефонски дента бидејќи се братучеди. Појасни дека понекогаш се слушаат и по два пати на ден, понекогаш поретко. Тврди дека воделе нормални разговори, како роднини и другари. Обвинетите Агим и Африм Исмаиловиќ ги познавал преку Демири, бидејќи тие тројца заедно биле сопственици интернет-кафуле во Сингелиќ. За Фејзи Азири посочи дека му е чичко и дека се занимавал со сточарство, истакнувајќи дека и двајцата потекнуваат од селото Брест.

10:40 – Старт на рочиштето, условите за одржување на главен претрес се исполнети. На денешниот главен претрес се повикани и оштетените лица при што во судница влегоа семејствата на жртвите. Судијата ги нотираше  присутните, но бидејќи распитот на обвинети не е завршен, ги замоли оштетените да ја напуштат судницата.