/ Прочитано:

896

Судење „Монструм“: Проговорија сведоците на обвинителството – не ги препознаа обвинетите иако кај езерото биле пресретнати од убијците

Четврток, 17 јануари 2013 година – Тројца рибари кои биле на Смилковското езеро за време на масакрот денеска проговорија во судница. Двајца од нив тврдат дека ги виделе момчињата кога дошле на езерото, а сите го раскажаа истото – кога сакале да си заминат вооружен маж во придружба со уште неколку лица пресекувајќи им го патот им се заканил дека ќе ги убие ако не се вратат назад.  Откако исплашени се вратиле на местото каде претходно рибареле слушнале рафално пукање. Ниту еден од нив, не можеше да ги препознае убијците меѓу четворицата обвинети во судницата. 

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на  на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство, им се суди во отсуство.

Согласно наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот  момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

13:05 – Судскиот процес продолжува на 08.02, 13.02. и 15.02. 2013 година во 10:00 часот. Се очекува да сведочат останатите сведоци на обвинителството.

12:30 – По паузата сведочеше и третиот сведок, Несим Кемал кој е еден од четворицата рибари кои критичниот ден биле на езерото. На местото каде рибареле, тој од останатите тројца сведоци се наоѓал на оддалеченост од околу 50 метри. За разлика од претходните двајца сведоци тој не ги видел младите рибари како пристигнуваат на езерото. Ги потврди наводите на другите рибари дека на заминување патот им го пресекол вооружен човек кој според неговите зборови не носел маска. За разлика од претходниот сведок, не забележал други лица. Посочи и дека подоцна слушнал рафални истрели, но и дека забележал паркирано темно сино возило-караван со фаровите свртени кон езерото. Судијата бараше од него подетално да објасни за возилото и дали имало други рибари во тоа време, но сведокот рече дека немале голема прегледност поради тоа што се стемнувало и имало трски.

Во истрага сведокот рекол дека лицето со пушка не зборувало чист македонски јазик, па адвокатот Насер Рауфи праша според што тој имал таква констатација, но судијата не го дозволи прашањето бидејќи било одговорено во претходната постапка.

Обвинителството немаше прашања, додека адвокатот Митко Солаков побара од сведокот да ги погледне обвинетите и да одговори дали меѓу нив го препознава вооруженото лице што ги пресретнало.

„Човекот што излезе пред нас со пушката, не личи на овие тука“, одговори сведокот кој претходно спомена дека лицето не носело маска.


11:50 – Пауза до 12:30. Се очекува по паузата да биде испитан уште еден сведок.


11:30 – Запрашан од обвинителот за растојанието на кое стоел мажот со пушката, одговори дека стоел на отприлика на 10-тина метри.

На прашања на адвокатот Рауфи, сведокот прецизираше дека кога решиле да си заминат, забележал во близина уште едно возило сива боја во близина на мртвите тела. Според зборовите на сведокот била длабок мрак бидејќи поминало околу 1 час откако вооружениот маж им се обратил. За разлика од исказот даден во истрага каде сведокот вели дека тој им се претставило како полицаец, за време на денешното сведочење рече дека се сеќава само на тоа дека носел панцир.

Одбраната го праша сведок дали може да препознае некој од обвиниетите.

„Јас не можам да земам некого на врат и да тврдам дека е некој од нив“, одговори сведокот.

На прашање дали им се обратиле и другите 3-4 лица кои тврди дека ги видел, тој рече дека само човекот со пушката зборувал, а другите молчеле.

11:20 – Втор сведочеше Несим Кемал, другар на првиот сведок, заедно рибареле на Смилковското езеро. Сведокот ја потврди средбата со младите лица, како и средбата со вооруженото лице, дополнувајќи дека позади него стоеле уште други тројца или четворица. Посочи дека пред да го видат лицето со пушката од нивната лева страна,  на местото викано “Втора плажа” рече дека видел паркирано возило со темна боја. Судијата му посочи фотографија со цел да потврди кое е возилото, но сведокот рече дека се сеќава само дека возилото е темно.

11:00 – Прашања на сведокот му поставуваше одбраната. Адвокатот Насер Рауфи го праша сведокот околу растојанието на кое бил вооружениот маж кога им се обратил, дали носел панцир, дали им се претставил. Сведокот одговори дека веќе се стемнувало и од таа причина не може да одговори детално на прашањето.

10:50Обвинителот Гордана Гешкоска побара одговор на прашањето на кое растојание и на кој јазик им се обратило лицето со пушката. Сведокот одговори дека се обратил на македонски јазик на растојание од 5 до 10 метри.

10:15 – Главниот претрес почна со распит на сведоци на обвинителството. Сведокот Ахмет Бекир раскажа како со уште тројца другари критичниот ден околу 16 часот се сместиле на крајниот дел од Смилковското езерото. Според неговите зборови во тој период им се приближило бело возило, а од него излегле 4 млади момчиња кои побарале леб за да рибарат и тие. Потоа како што вели заминале во непознат правец. Според раскажувањето на сведокот по неколку часа тој и неговите другари тргнале по земјениот пат за да си заминат, но патот им го пресекол маж со пушка кој прво ги прашал како се викаат, а потоа им рекол бегајте назад за да не ве убијам. Исплашени се вратиле на местото каде рибареле, слушнале пукање, а по еден час кога повторно тргнале назад веќе било темница, но ги забележале мртвите тела на младите лица и нивното возило. Сведокот не можеш да препознае дали вооружениот маж е еден од обвинетите, само посочи дека лицето на себе носело темна облека.

10:00 – Старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.