/ Прочитано:

1.587

СУДЕЊЕ „МОНСТРУМ“: Сведоците не се појавија — процесот продолжи со изведување на докази прибавени со ПИМ мерки

Понеделник, 28 април 2014 – Иако за денеска беше предвидено пред Судот во улога на сведоци на Обвинителството да проговорат двете лица кои се поврзуваат со регистарските таблички кои му припаѓаат на возило од марката „Мерцедес“ , а кои беа најдени на „Опел омегата“ со која според обвинието се превезувале обвинетите по убиствата, тие не се појавија поради неуредна достава. 

Што се однесува, пак, на сведокот на одбраната, кој не дојде на минатото рочиште, а за кој бранителите побараа Судот да направи напори за да го обезбеди, беше образложено дека според известувањето од МВР истиот веќе со години не живее на адресата под која е заведен, а неговотото моментно живеалиште не е познато, па оттука е недостапен за органите на прогонот. Сепак, судијата кој го води предметот посочи дека сведокот ќе биде испитан доколку одбраната успее да го обезбеди.

По ова, судскиот процес продолжи зад затворени врати за јавноста. Судечкиот совет донесе решение со кое се исклучува јавноста поради изведување на материјални докази обезбедени со посебни истражни мерки.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се обвинети за тероризам. Според Обвинителството, тие на 12.04.2012, Велики Четврток, со цел да влеат страв и несигурност кај македонското население, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. На обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири им се суди во отсуство. Тие се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје и се чека на нивната екстрадиција. При крајот на месец август, полицијата го уапси Сами Љута (28) под сомнение дека е дел од осомничената група осомничена за извршувањето на петкратното убиство.

>> Повеќе за предметот можете да прочитате тука.