/ Прочитано:

1.377

СУДЕЊЕ „Ровер“: Полицијата имала осомничени за убиството уште во 2003 година, меѓу нив обвинетите Предраг Чубрило и Милан Илиќ

Петок, 12 април 2013 – Уште во 2003 година полицијата имала осомничени лица за двојното убиство, меѓу нив сега обвинетите Предраг Чубрило и Милан Илиќ, откри тогашниот началник на Одделението за крвни деликти, Бесим Ракичевиќ. Во првата половина на рочиштето, одбраната и обвинителството алудираа на прашањето кој во тоа време не си ја завршил работата, полицијата, истражниот судија или обвинителството. Полицијата имала анонимен извор и успеала да стигне до осомничените преку вештачењето на еден од пиштолите со кое е извршено двојното убиство. Во втората половина, поранешен возач на тогашниот министер Љубе Бошковски го прераскажа движењето на министерот критичниот ден. Се сети дека критичниот ден двајцата сами без обезбедувачи, биле во вилата на МВР во Охрид. Според негова претпоставка, наслушнал како службени лица на МВР телефонски го информираат Бошковски за некакво убиство. Наредниот ден, телефонски преку свој колега се информирал дека станува збор за ликвидација на покојните Марјан Тушевски и Кире Јанев.

Со обвинението во случајот „Ровер“, 15 лица се товарат за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Најгoлемиот дел од останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Маријан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е седмообвинет обвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Маријан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .

Тек на рочиштето

14:30 – Судскиот процес продолжува на 17.04.2013 година во 10:00 часот со изведување на доказите предложени од страна на обвинителството.

12:20 – Вториот сведок за денеска, Бранко Пејчиновски е еден од личните возачи на тогашниот министер Бошковски кој неколку часа детално даде објаснување за движењето на министерот на критичниот ден кога се случи убиството. Според неговите зборови, изутрината го земал министерот од дома и го однел во кабинетот на МВР. По половина час сами двајцата се одвезле до ТЦ Беверли Хилс каде министерот пиел кафе со лицето „Коцаре“. Оттаму, сами двајцата заминале за Охрид, пред влезот на градот застанале да ручаат во еден хотел, а потоа отишле во вилата на МВР во Охрид. Сведокот се сеќава дека околу 20 часот биле внатре во вилата и не ја напуштиле до наредниот ден. Според неговата верзија некаде по полноќ на неговиот личен телефон се јавило лице од Дежурниот оперативен центар (ДОЦ) на МВР и го побарало министерот лично да зборува со него. Сведокот телефонот му го предал на министерот, излегол од собата, но децидно одговори дека само наслушнал разговор за убиство, но не се сеќава на целиот разговор меѓу службеното лице на МВР и министерот. Утредента, се сеќава сведокот дека министерот обавил телефонски разговор, а според претпоставката на сведокот, тој зборувал со некој од директорите на Јавна безбедност.  По ова, љубопитно се јавил кај свој колега да праша за што станува збор, тогаш разбрал дека покојните Марјан Тушевски и Кире Јанев се убиени.

Откако обвинителството побара сведокот да ги преточи телефонските разговори на министерот во вилата во Охрид, одбраната забележи дека службена должност на возачот му е да не ги открива службените и приватните разговори на министерот. Сепак, сведокот не се сеќаваше точно на разговорите на министерот, ниту се обидел да го праша, но сфатил дека се случило убиство за кое лицата од МВР телефонски го информирале министерот.

Сведокот појаснуваше дека критичниот ден заедно со министерот го поминале сами без обезбедување. Во тој период раскажа како не често, но се случувало министерот да побара од своите возачи да го одведат до некоја дестинација без придружба од неговите обезбедувачи. Возачите добивале наредба од шефот на обезбедувањето на министерот, сега обвинетиот Зоран Трајковски. Тој им давал наредби од типот, возилата постојано да бидат полни со гориво, возачите да се постојано наоружани, и никако да не останат со празни батерии апаратите од радио станиците.


12:00 – Пауза од 10 минути. По паузата главниот претрес ќе продолжи со сослушување на вториот сведок, еден од личните возачи на тогашниот министер Љубе Бошковски.


11:20 – По паузата одбраната продолжи да го испрашува сведокот во врска со полициската истрага за двојното убиство. Според она што го раскажуваше сведокот, полицијата имала неколку верзии во врска со тоа кои се убијците, а меѓу нив била и верзијата дека станува збор за нарачано убиство. Според сведокот, во 2003 година кога е пронајден пиштолот, полицијата имала средба со обвинителството, а оружјето било предадено на истражен судија, но немало кривична пријава за осомничените бидејќи имало недостиг на докази за да се основа цврсто сомнение. Одбраната бараше одговори зошто предметот стигнал до истражен судија и обвинител, а не е поднесена кривична пријава од полицијата, но поранешниот началник не даде јасен одговор.


11:00 – Пауза од 20 минути. По паузата, главниот претрес претрес ќе продолжи со сведочењето на поранешниот началник на Одделението за крвни деликти Ракичевиќ.


10:10 – На клупата за сведоци застана Бесим Ракичевиќ, тогашен началник на Одделението за крвни деликти при МВР. Сведокот раскажа за денот на убиството и мерките кои биле преземени потоа. Накратко објасни дека кога стигнал на местото на настанот, увидот бил во тек, како што рече, се вршеле стандардни процедури.  Според зборовите на сведокот, потоа секторите во МВР изготвиле план за да се утврди динамиката на движење на убијците, да се најдат сведоци и докази. Меѓутоа, како што рече, во 2003 година полицијата дошла до сознание за оружјето со кое извршено двојното убиство. Кај лицето „Кнчо“ е пронајден пиштолот, а по балистичкото вештачење, полицијата стигнала до тогаш осомничениот, а денеска првообвинет Предраг Чубрило.

Како полицијата дошла до лицето „Кнчо“ одговор веќе даде досегашниот сведок Кире Станковски, тогашен виш советник  за оперaтивни работи во Бирото за јавна безбедност. На почетокот на 2005 година кај Станковски дошол Горан Милетиќ од Интерпол кој го информирал за наводно за добиени сознанија за сторено кривично дело и го замолил сведокот да остварат контакт со извесно лице кое може да даде повеќе информации за делото. Извесното лице сега е шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Станковски се сретнал со Ристиќ десетина пати, а при првиот нивни контакт Ристиќ барал гаранција дека неговиот идентитет ќе биде заштитен.

Инаку, истиот ден кога сведочеше Станковски, се сослуша и поранешната љубовница на обвинетиот Ристиќ. Оттаму произлезе дека „Кнчо“ е нејзин брат, а оттука обвинителството најде поврзување меѓу Ристиќ, првообвинетиот Чубрило и оружјето.

>>Поранешен колега и љубовница на еден од обвинетите, зборуваа за оружјето со кое е извршено двојното убиство

Обвинителството од поранешниот началник бараше детални одговори, што неговиот Сектор од 2001 до 2016 година презел во врска со откривање на убијците и откривање на нивниот идентитет. Одбраната се задржа на анонимниот извор кој ја информирла полицијата, како да стигнат до оружјето и до идентификација на Предраг Чубрило. Сведокот појасни дека изворот е анонимен и дека сѐ уште не му е познато кој во тоа време ја насочувал полицијата да ги открие убијците. Во периодот кога бил началник на Секторот за крвни деликти прибавени се неколку материјални докази меѓу кои предмети од увид на место на убиството, оружјето, обдукционен протокол, балистичко вештачење. Како што посочи, од сите обвинети, само Предраг Чубрило и Милан Илиќ се наоѓаат во списите на случајот „Ровер“ од 2003 година, останатите обвинети воопшто не се споменувани.

10:00 – Главниот претрес почна со доцнење од половина час, поради спроводот на обвинетиот Љубе Бошковски од КПУ „Идризово“. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.