СУДЕЊЕ „Ровер“: Сведочеа последните сведоци, на следното рочиште завршни зборови
Среда, 5 јуни 2013 – Доказната постапка финишираше со двајца пензионирани инспектори на Секторот за набљудување и документирање (СНД) при МВР, кои беа предложени од страна на одбраната. Денеска во судница детално ја опишаа работата на тајната полиција. Сведокот кој одбраната го подолго време го бараше, нема да се појави во судот: од касарната Штип стигнало известување дека лицето е на службен пат во странство. Одбраната повторно го побара полициското досие „Ровер“ бидејќи за нив може да претставува можен извор на нови докази. Обвинителството се противеше на предлогот, обвинителката појасни дека службените полициски белешки немаат никаква релевантност и поврзаност со институтот помагање. Судскиот совет одлучи досието „Ровер“ да не влезе во судница.
Со обвинението за случајот „Ровер“, 15 лица се товарат за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Најгoлемиот дел од останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Марјан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски е седмообвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Марјан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.
>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .
Teк на рочиштето
13:20 – Заврши доказната постапка. Обвинителството ќе дава завршни зборови на 10.06.2013 во 10:30 часот.
10:40 – Денеска сведочеа двајца пензионирани инспектори од Секторот за набљудување и документирање (СНД) при МВР. Во детали го опишаа начинот на работа на тајната полиција, нејзиното следење, прибавување траги, нивните задолженија: што им е дозволено, а што не. Тие објаснија кога екипите се повлекуваат од местото на настанот, кој го прави распоредот, кој ги изготвува белешките, како се предаваат, итн.
Претходно, одбраната побара Упатството на СНД да биде изведено како доказ, но од МВР го известиле судот дека документот не може да се декласифицира. Исто така, одбраната уште еднаш побара полициското досие „Ровер“ да влезе во судница, појаснувајќи дека тоа претставува можен извор на нови вербални и материјални докази. Обвинителот реагираше на барањето, појасни дека полициските службени белешки немаат никаква врска со институтот помагање, за кој се товарат обвинетите инспектори од СНД. Судот донесе одлука да го одбие предлогот на одбраната.
10:30 – Рочиштето почна. Спроводот на обвинетиот Гоце Митровски доцнеше половина час. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.