СУДЕЊЕ „Ровер“: Петмина вработени во МВР се ослободени од обвинение
Понеделник, 17 јуни 2013 – Обвинителката со својот завршен збор денеска ги ослободи петмината вработени во МВР, кој во времето кога се случило убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев биле инспектори од Секторот за набљудување и документирање, од обвинението за помагање на убиство. Полициските службеници беа обвинети дека службено се нашле на местото на убиството, а никој од нив не презел ништо тоа да не се случи. За поранешниот министер Љубе Бошковски, обвинителството појасни дека спаѓа во групата на психолошки помагачи за кој постои вербален доказ против него. Во својот завршен збор, обвинителката рече дека нарачател на убиството е Орце Коруновски, а мотивите се превласт на скопското подземје. Обвинителството преку анализа на вербалните, материјалните докази и одбраните на обвинетите даде одговор кој, кога, како и зошто го извршил двојното убиство.
Со обвинението за случајот „Ровер“, 15 лица се товарат за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Најгoлемиот дел од останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Марјан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски е седмообвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Марјан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.
>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .
Teк на рочиштето
14:20 – Со честитки и бура од емоции, ослободените заедно со своите бранители излегоа од судница. Обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова пред судот им се обрати на новинарите.
„За клучни докази се дел од исказите на сведоците. Од материјалните докази ништо не се издвојува бидејќи сите имаат еднаква важност во постапката. За ослободените, во доказите недостасуваше еден важен елемент, а тоа е – немавме докази дека постоела однапред дадена информација каде и кога ќе се случи убиство. Кога во текот на постапката во фаза на откривање кога имате каков било доказ, во конкретниов случај за поранешниот министер Бошковски, се работи за вербален доказ кој посочува дека тоа лице има дејствија на помагање вие едноставно во својство на јавен обвинител мора да гоните“, изјави обвинителката Раичевиќ Вучкова.
14:00 – На следното рочиште закажано за 19.06.2013 година во 10:00 часот, одбраната ќе почне со давање на своите завршни зборови.
12:20 – По паузата, судскиот совет ги одби предлозите на одбраната за проширување на доказната постапка. Потоа, јавниот обвинител Лидија Раичевиќ Вучкова почна да го дава својот завршен збор.
Обвинителката детално преку анализа на доказите даде одговор, кога, како, кој и зошто го извршил двојното убиство во 2001-та година. Појасни дека материјалните и вербалните докази упатуваат на вината на обвинетите, а проговори и за мотивите на убиството. Обвинителката потсети дека низа на сведоци зборуваа за дејствувањето на ривалите Марјан Тушевски и Орце Коруновски во тој период. Од доказите, обвинителството тврди дека нарачателот на убиството е Орце Коруновски, кој дознал дека Тушевски давал 200.000 марки за да го ликвидира. Обвинителството смета дека Коруновски откако ја слушнал оваа информација почнал да го планира и организира убиството, а директните извршители како што појасни поради сопствена корист и по нарачка го извршиле убиството. Според обвинителката, меѓу обвинетите директни извршители се четворицата Срби, а останатите се помагачи. Обвинетите ги подели во неколку групи на помагачи, како што рече, меѓу нив има посредни, психолошки и непосредни помагачи. За поранешниот министер Бошковски, обвинителката рече дека бил во добри односи со Тушевски и Коруновски се додека неговиот шура не станал ортак со Коруновски. Обвинителката го распореди Бошковски во групата на психолошки помагачи. Откако ја направи деталната анализа на одбраните на обвинетите и ги поврза со изјавите на сведоците, обвинителката стигна до последните петмина обвинети кој во 2001 година се нашле на место на убиството како вработени во Секторот за набљудување и документирање при МВР. Најпрво посочи дека нивна задача како полициски службеници е да го штитат секој оној што е во опасност, но бидејќи обвинителството нема докази дека на обвинетите однапред им било соопштено за убиството, ги ослободи од обвинение. По ова, солзи радосници на лицето на обвинетите и бурно ракоплескање ја исполни судницата. Сепак, обвинителката од обвинетите Бранислава Стојчевски, Благоја Димитриевски, Едвард Фишер, Горан Петровски и Милан Спасов иако ги ослободи од гонење за помагање на убиство, побара во иднина да ја вршат својата работа согласно законските рамки и полициските упатства.
12:00 – Пауза до 12:15. По паузата судскиот совет треба да се изјасни во однос на предлозите на одбраната, а потоа обвинителството да го даде својот завршен збор.
10:30 – Најпрвин се изведоа материјалните докази што се дел од списите на предметот. Потоа одбраната предлагаше сослушување на нови сведоци, меѓу кои веќе споменатата поранешна девојка на Марјан Тушевски, Зека Јеж и сведокот Ангел Георгиевски. Одбраната бараше повторно да се сослуша сведокот Александар Василевски и полициските службени белешки од досието „Ровер“ да бидат изведени како доказ. 10:20 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.