/ Прочитано:

915

Судење „Ровер“: Обвинителството тврди дека постоел обид за ликвидирање на првообвинетите во 2003 година

Понеделник, 18 март 2013 – Привршува сослушувањето на сведоците предложени од обвинителството. Денеска прв сведочеше поранешен обезбедувач на Зоран Азманов кој раскажа за релациите меѓу Марјан Тушевски, Орце Коруновски и неговиот тогашен работодавач. Обвинителството делумно откри за извесен обид за ликвидација на првообвинетите што се случил во Скопје, но бидејќи одбраната беше незапознаена со случајот, судскиот совет не дозволи обвинителството и сведокот да откријат повеќе детали за овој нов момент во судскиот процес. Сведочеше и сопственичката ка кафулето каде на денот на убиството седел обвинетиот Сашо Јовановски која тврди дека наводните убијци облечени во маскирни одела и со фантомки на главите и впериле пиштол, потоа исчезнале. Одбраната најави дека ќе бара реконструкција на двократното убиство. 

Со обвинението во случајот „Ровер“, 15 лица се товарат за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Најгoлемиот дел од останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Маријан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е седмообвинет обвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Маријан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .

Тек на рочиштето

14:10 – Надвор од судницата, адвокатот Димитар Савовски за медиумите објасни дека никогаш не застапувал никого во случајот што го спомена обвинителството (се мисли на обидот за убиство на првообвинетите), како што рече, некој можеби го побарал за одбрана, но потоа немал никаква соработка со такво лице. Одбраната, исто така најави дека ќе бара реконструкција на двократното убиство. Следното рочиште е закажано за 05.04.2013 година во 09:30 часот, ќе сведочат  последните тројца сведоци предложени од обвинителството.  

12:15  – На пултот застана сведокот Виолета Русевска, тогашна сопственичка на кафулето „Панта-реи“ каде седел обвинетиот Сашо Јовановски за време на убиството. Потврди дека тој бил присутен во кафулето, каде  седел со девојка. По убиството, наводно не видела дали влегува и излегува надвор од кафулето. Како што раскажа, слушнала истрели и веднаш излегла надвор каде го видела Марјан Тушевски како лежи на земја се уште давајќи знаци на живот. Според нејзините зборови потоа пришло некое лице кое и се претставило како доктор велејќи и да се тргне на страна. По ова, сведокот се вратила на терасата во кафулето која се наоѓала на 6 метри од телото. До неа стоел нејзиниот син, а по 5 минути пред нејзе претрчале две лица облечени во маскирно одело, со фантомки на главите. Како што објасни, еден од нив вперил пиштол кон нејзе и синот, но тоа било само неколку секунди, а потоа исчезнале. По 10 минути како што рече до телото се приближило бело возило, во него биле две лица, дечко и девојка. Двајцата делумно излегле од возилото, само за да го погледнат телото и веднаш заминале. По ова, околу телото немало никој околу половина час, потоа дошла полицијата и почнала да прави увид на лице место. Според меморијата на сведокот, околу телото имало два мобилни апарати и мала торбичка со пари кои наѕирале надвор од истата. 

За обвинетиот Сашо Јовановски потврди дека бил редовен гостин во кафулето и дека ништо невообичаено не забележала дента на убиство во врска со неговото однесување. За сведокот Александар Василевски викан „Нинџа“ рече дека го познава, но и дека не се сеќава дека критичната вечер го видела околу телото на убиениот, или пак во околните кафулиња. 

11:00 – Прв денеска сведочеше Марјан Петров, поранешен обезбедувач на Зоран Азманов кој на минатото рочиште се појави во судницата во својство на сведок. Сведокот како што раскажа почнал да работи за Азманов во 2005 година кој го информирал дека Тушевски се обидел насила да му изнуди пари. Сведокот посочи дека обвинетиот Сашо Јовановски не го обезбедувал Орце Коруновски, ниту Азманов, но дека некогаш обезбедувал негов објект. За Коруновски пак појасни дека го познавал површно и не му е познато во какви односи биле Азманов и Коруновски. За нарушените односи меѓу Тушевски и Коруновски дознал од како штпо вели од „чаршиски муабети“, никогаш лично не присуствувал на нивна средба.

Ситуацијата во судница се вжешти кога обвинителот Лидија Раичковиќ го праша сведокот што тој знае за случајот „Стрејќа“. Судскиот совет не го дозволи прашањето бидејќи адвокатите приговорија дека не се запознаени со овој случај. Сепак Раичковиќ инсистираше да се освежи меморијата на одбраната, па накратко раскажа за овој случај. Според податоците на обвинителството, првообвинетите Срби кои се во бегство, во 2003 година биле нападнати во Скопје со ракетен минофрлач, при што првообвинетиот Предраг Чубрило бил повреден. За овој случај, лице на кое што не беше откриен идентитетот било приведено во полициска станица каде наводно го побарал адвокатот Димитар Савовски за негов бранител. Обвинителот рече дека случувањата околу „извршителите“ се значајни за утврдување на фактичката состојба во „Ровер“. 

На оваа приговараше одбраната укажувајќи дека обвинителот не ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите, нарекувајќи ги „извршители“.  Приговараше и обвинетиот Љубе Бошковски нарекувајќи ја обвинителката „професорка по право“ наспроти толку сведочења каде не се почуствувал како дел од некое убиство и побара и од обвинителството да го почитува уставното начело за презумпција на невиност. 

Во интервју за „Вечер“ првообвинетиот потврдува дека во 2003 година бил ранет во Скопје, а македонската полиција го пренела до граница. 

„Ноќта на 2 февруари во нашата куќа беа испукани шест зољи. Среќа што беа аматери, па преживеавме, иако бевме тешко ранети. Аматери беа бидејќи две од шесте зољи беа школски и не експлодираа, што најверојатно и ни ги спаси животите. Јас имав тешка повреда на ногата и на стомакот и бев хоспитализиран во Клиничкиот центар. Во моментот кога се освестив видов дека полициската заштита поставена пред собите беше буквално мамец за да се заврши работата. Односот беше индолентен и на противење на лекарите јас станав и си заминав. Вашата полиција ме однесе на граница и таков сакат и на патерици ме остави да ги минам тие 500 метри до Србија, најдолгите и најтешките во мојот живот. Тоа е веројатно благодарам за се што сторив за нив. Инаку моето убиство чинеше 100 илјади евра, а за нарачателот нема да ви кажам ништо“, извадок од интервјуто на Чубрило Предграг дадено за „Вечер“

10:55 – Обвинетиот Бошковски е спроведен од КПУ „Идризово“, условите за одржување на главен претрес се исполнети.

10:15Иако главниот претрес требаше да стартува во 09:30 часот, сѐ уште се чека на спроведување на обвинетиот Љубе Бошковски од КПУ „Идризово“.