/ Прочитано:

1.831

Судење „Ровер“: Љубе Бошковски – Ја издржав хашката голгота ќе ги издржам и овие прогонувања, судете ме колку сакате совеста ми е чиста

Четврток, 13 декември 2012 –  Неколку часа поранешниот министер Љубе Бошковски раскажуваше за според него валканите работи на тогашната власт од 2001 година и моќта на обезбедувањето на видните политички фигури. Тврди дека Орце Коруновски му правел рекет на неговиот шура, но колку што нему му е познато односите меѓу Коруновски и Марјан Тушевски во 2001 година биле средени. Судијата му дозволи да зборува за Хаг, за поранешниот предмет „Кампања“, за актуелната власт, за правниот систем и неговото министерување во 2001 година. Ја обвини власта дека монтира процес против него, ја повика јавноста да ги отвори очите, а Македонија ја нарече понижена правна држава. Oд судскиот совет побара да ги ослободи останатите обвинети нарекувајќи ги сироти луѓе што се колатерална штета само поради него.

Со обвинението за случајот „Ровер“, 15 лица се обвинети за убиство и помагање на убиство извршени врз Маријан Тушевски и на Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица, Предраг Чубрило, Милан Илиќ,Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ се во бегство, четворица кои се товарат за помагање се во притвор, меѓу кој е и Бошковски кој моментално е во Идризово на издржување казна затвор за друг случај. Петторица од обвинетите се бранат од слобода. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на 6-то обвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, во најмен стан претстојувале отприлика еден месец. Потоа, обвинетиот Зоран Трајковски ги прераспоредил останатите обвинети кои се тогашни инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР. Обвинителството ги гони дека знаеле информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Маријан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е 7-мо обвинет, се товари за помагање на убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Маријан Тушевски, притоа му ветил дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука  .

Тек на рочиштето

14:00 – Обвинетиот Љубе Бошковски се изјасни дека се чувствува изморено и побара од судот прашањата од неговата одбрана да се одложат за следното рочиште. Судскиот процес продолжува на 17.12.2012 година во 09:30 часот. 

13:30 – На прашање на судот од каде го познава обвинетиот Зоран Трајковски и во какви односи бил со него, Бошковски појасни дека тој во 2001 година бил шеф на неговото обезбедување. Потоа детално го објасни неговото обезбедување во 2001 година, како специјални единици секојдневно му го проверувале домот, го обезбедувале неговото семејство, го проверувале неговото возило, канцеларијата и секаде каде тој се движел. Рече дека никогаш не му дал усмена наредба на Зоран Трајковски. 

13:00 – За Зоран Азманов, познат македонски бизнисмен за кој подоцна се обелодени дека правел криминал со станови и недвижнини, Бошковски тврдеше дека го сретнал само еднаш и тоа по некое време откако во јавноста се посочи дека Aзманов незаконски продавал станови, па тој се присетил дека се има запознаено со тоа лице. Во 2001 година Бошковски во неколку наврати му бил загрозен животот па затоа службите на МВР одлучиле дека треба да има засилено обезбедување кое 24 часа било пред неговиот дом. 

12:10 – По паузата судскиот совет му поставуваше прашања  на обвинетиот. Од сите 15 обвинети во овој предмет, рече дека го познава само Зоран Трајковски кој во тоа време, во 2001 година бил шеф на неговото обезбедување. За Марјан Тушевски рече дека го сретнал неколку пати во предизборната кампања за претседателски избори во 1999 година кога Тушевски бил обезбедување на тогашниот кандидат за претседател, Борис Трајковски. Познато му било дека Тушевски имал досие на кое не може да се завиди. Тврди дека никогаш не  истражувал со што се занимава Марјан Тушевски, бидејќи за тоа биле задолжени службите во МВР, а тој како министер се занимавал со како што ја нарече татковинската војна.

Во продолжение Бошковски направи компарација меѓу „Нинџата“ за кој слушнал дека вчера паднал во притвор и Тушевски. Според него тие имале слично занимање, вршеле рекет и криминал за актуелната власт. Во јавноста според него овие лица се познати како „рекетари“ или „горила„. Пред да стане министер за внатрешни сите работи за полицијата ги дознал од тогашниот главен човек на ДБК, Пане Велов, па оттука слушнал и за Тушевски, имал сознанија дека обезбедувањето на високите политички фигури ги злоупотребуваат своите врски со идните политичари за да го избегнат законот и да прават криминал.

За Орце Коруновски појасни дека го сретнал неколку пати, тој бил лично обезбедување на Тодор Петров кој во тоа време бил претседател на Светскиот и македонски конгрес. Петров пак му бил кум на шурата на Бошковски, Љупчо Костадинов со надимак „Сокол“.

Раскажа за стриптиз барот кој го отворил неговиот шура Костадинов со амин како што вели од тогашната министерка за внатрешни, Доста Димовска.

Бошковски зборуваше и за партиски списоци за вработување кои според него се правеле во тоа време, а со иронија спомена дека не знае како денес тоа функционира. Додаде дека уште од самиот почеток се противел на партиски списоци, но Димовска била многу блиска со неговиот шура и му рекла на Бошковски „Каде сакаш да го ставам, да беше академик ќе го ставев во академија, тоа знае да работи, па нека заработува“. Бошковски рече дека бил лут на одлуката на Димовска, но не можел да ги бира роднинита. Наводно, од својата сопруга дознал дека Орце Коруновски го рекетира и малтретира нејзиниот брат, а негов шура Костадинов. Меѓутоа тврди дека наводно малтретираниот никогаш не побарал ништо од него, а колку што нему му е познато односите меѓу Коруновски и Тушевски се средиле, сето тоа го дознал како што рече од првиот човек на ДБК во тоа време, Пане Велов. Рече дека не му се познати  активности на Тушевски и Коруновски што се случувале по 2002 година затоа што тој бил отсутен од Македонија.


11:30 – Пауза од 20 минути. По паузата следува распит на обвинетиот.


09:40 – Исказ дава Љубе Бошковски, кој е 7-обвинет. Вели дека не го разбира обвиниението, обвинува дека се работи за „класичен монтиран процес“.

– „Македонија подолг период е понижена правна држава и понижен правен систем со срушени вредности и нарушени човекови права, тој е мотивот на популистичкиот режим на Груевски“, обвини Бошковски.

Бошковски скоро два часа објаснуваше дека бил херој во 2001 година, но сегашната власт сака да го прикаже и да му го смени профилот во криминалец. Сето тоа почнало, како што вели на последните претседателски избори кога како независен кандидат имал 200.000 гласови. Судот неколку пати се обиде да го прекине, предупредувајќи го да се осврне на обвинението, меѓутоа Бошковски рече дека е политичар и лидер на политичка партија.

Во текот на исказот, тој се осврна на претходниот предмет што се водеше птотив него за случајот „Кампања“. Го спомена според него „измислениот“ загрозен сведок правдајќи се дека мора тоа да го направи за да ја охрабрел „заспаната“ македонска јавност, обвинителите и судиите за да не се случела реприза на  „Кампања“.

– „Не сакам да се случи моите бранители, да не го видат ликот на загрозениот сведок како што беше случај во „Кампања“. Тука има два феномени, едниот е фатаморгана со измислени настани и личности, а другиот е еден сведок исто како ниеден, правниците за ваков случај би рекле дека нема кривично дело.

Се наврати во 2001 година, кога бил министер за внатрешни работи. Посочи дека имал обезбедување од јавна и тајна полиција во неговиот дом и не постоеле никакви шанси, сега починатиот Орце Коруновски да го посетел во негоиот без притоа обезбедувањето да не го забележи, а уште помалку на шоферот на Коруновски да му било пренесено дека дал амин да го ликвидираат Маријан Тушевски.

Бошковски најодговорно тврди дека никогаш не дал наредба Маријан Тушевски да биде предмет на обработка на истражните органи.

Се осврна и на времето кога беше во Хаг, за да оттаму како што вели, излезе како слободен човек притоа бранејќи го суверенитетот на Македонија.

– „Ја издражав хашката голгота и прогонувањето од оваа власт што трае со години. Сум покажал и досега дека ќе издржам се за граѓаните на Македонија. Не барам од оваа Влада да ми изгради споменик, но сакам да ми се почитуваат моите права. Во Хаг докажав дека Македонија водела исправна војна во 2001 година“, потенцираше Бошковски.

09:35 – Рочиштето почна, условите за одржување на главен претрес се исполнети.