/ Прочитано:

2.460

Судење „Ровер“: По 11 години почна судењето за убиството на Марјан Тушевски, за Бошковски обвинението е фатаморгана

Вторник, 11 декември 2012 – „Денеска не давам одбрана, не бегам од обвинение, но тоа е фатаморгана со измислени актери и настани. Тука сум за отстрел, ова е полициско-обвинителски монтиран процес. Со овие зборови, поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски се обрати до судскиот совет во врска со случајот за убиството на Маријан Тушевски. Жестока расправа меѓу адвокати и обвинителката во текот на целото рочиште. Судијата се обидуваше да ја смири топката додека одбраната настојуваше дека станува збор за предмет во кој нема докази, а обвинителството пак се обиде со лекција за професионалност, да ги опомене адвокатите. Уште на самиот почеток, ситуацијата се вжешти, причината се првите четворица обвинети кои се товарат дека се директни извршители на убиството на Маријан Тушевски и Кире Јанев, а им се суди во отсуство. 

Со обвинението за случајот „Ровер“, 15 лица се обвинети за убиство и помагање на убиство извршени врз Маријан Тушевски и на Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ се во бегство, четворица кои се товарат за помагање се во притвор, меѓу кој е и Бошковски кој моментално е во Идризово на издржување казна затвор за друг случај. Петторица од обвинетите се бранат од слобода. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на 6-то обвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, во најмен стан претстојувале отприлика еден месец. Потоа, обвинетиот Зоран Трајковски ги прераспоредил останатите обвинети кои се тогашни инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР. Обвинителството ги гони дека знаеле информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Маријан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е 7-мо обвинет, се товари за помагање на убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Маријан Тушевски, притоа му ветил дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука  .

Тек на рочиштето

15:05 – Судскиот процес продолжува со распит на обвинети на 13.12.2012 година во 9:30 часот.

14:10 –  Обвинетиот Љубе Бошковски му појасни на судијата дека има неколку причини зошто денеска не можа да ја даде својата одбрана. Најпрвин наведе дека тој е правник, но и покрај тоа, ниту еден интелегентен правник не би можел да го разбере обвинението нарекувајќи го „фатаморгана“. Во втората причина наведе дека судскиот совет се уште не му овозможил увид во доказите. Потоа Бошковски појасни дека на неговиот бранител не му бил овозможен пристап во КП „Идризово“ за да му помогне околу неговата одбрана. Тој објасни дека медиумите уште вчера најавиле дека почнува процес против него, а не процес против Предраг Чубрило. Потоа направи компарација со хашката обвинителка Карла Дел Понте односно рече дека кога доаѓала во Македонија не носела со себе такво вооружено обезбедување како што носи сегашната обвинителка за овој предмет. 

„Се плашам за својот живот, зошто обвинителката има обезбедување што носат пиштоли, од кого се плаши? Каде пишува дека освен судска полиција, друго лице смее да внесува пиштол во судница“, праша обвинетиот Бошковски

Исто така и неговиот бранител Дончо Наков приговараше зошто судскиот совет дозволил обвинителството да има обезбедување кое носи пиштоли во судница. Обвинителката прокоментира дека тоа и го дозволува законот, но не појасни во кој закон или правилник стои дека има право на вооружено обезбедување. 

14:00 – По петтообвинетиот, на ред дојде обвинетиот Ивица Ристиќ, кој според обвинението, на директните убијци им помогнал да ја напуштат земјава. Рече дека се брани со молчење. 

13:30 – По паузата, судскиот процес продолжи со распит на обвинети. Пред судскиот совет се обрати петтообвинетиот Сашко Јовановски, рече дека останува на исказот даден во истрага. Само што почна да зборува, неговиот адвокат Димитар Савевски  побара од судијата на обвинетиот да му се предочат сите докази. Сепак, судскиот совет одлучи дека обвинетиот може да се произнесе бидејќи го примил и разбрал обвинението. Обвинетиот Јовановски појасни дека го познава првообвинетиот Предраг Чубрило преку сега починатиот Орце Коруновски. Како што посочиго видел само неколку пати во негово друштво. Тврди дека преку Коруновски го познава и обвинетиот Вук Вукановиќ. Останатите обвинети рече дека воопшто не ги познава. Во период кога се случил критичниот ден, односно убиството на Марјан Тушевски, тој рече дека работел како озбезбедување во Агенцијата „ОСА“, а не во МВР како што тврдело обвинителството. На критичниот ден бил во скопската населба Капиштец, непосредно каде се случило во убиството, слушнал истрели и веднаш излегол од кафулето каде се наоѓал. Според неговиот исказ, тој не се задржал на местото каде почнале да се собира толпа народ. Како што појасни, не се сеќава кој му кажал, но дознал кој е убиен. За Коруновски рече дека го познава преку неговиот другар Владо Милошев, притоа не појаснувајќи дали е тоа истиот Владо Милошев кој смртно беше застрелан во ресторанот „Биг Фиш“ во скопски Аеродром. За Марјан Тушевски рече дека го познава од видување, но никогаш не се запознал ниту контактирал со него. 


12:45 – Пауза од 15 минути. Следува распит на 5-обвинетиот, Сашко Јовановски.


12:15 – Судијата и даде збор на обвинителката Лидија Раичевиќ Вучкова која го прочита обвинителниот акт.

Според обвинението, Предраг Чубрило,  Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ кои се во бегство стојат како платени убијци кои биле најмени од трето лице за да извршат ликвидација на Марјан Тушевски. Овие лица влегле во Република Македонија со посредство на 6-то обвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, во најмен стан претстојувале отприлика еден месец. Потоа, обвинетиот Зоран Трајковски ги прераспоредил останатите обвинети кои се тогашни инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР. Обвинителството ги гони дека знаеле информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Марјан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета кој случајно се нашол на местото на убиството. Според обвинението, тогашниот министер Бошковски бил во пријателски односи со сега починатиот Орце Коруновски, кој истиот пак имал меѓусебни расправии и тепачки со Марјан Тушевски поради бизнис интереси за стриптиз барови и дискотеки во Скопје. Обвинителството го посочува Бошковски дека тој директно му дал одобрување на Коруновски да го лиши од живот Тушевски и му ветил дека ќе го прикрие убиството. Во тоа време кога се случило убиството, останатите  обвинети биле инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР. Тие по налог на нивниот раководител Зоран Трајковски, биле распоредени на места каде знаале информации за сторителот на двојното убиство, но тоа не да го пријавиле.

По образложувањето на обвинителниот акт, судијата им се обрати на адвокатите Гоџо и Наков, дека пред да биде распитот на обвинети имаат право да побараат изземање на судскиот совет, на што тие немаа приговор.

12:00 – Претседавачкиот судија Илија Трпков донесе решение дека на првите 4-ца обвинети ќе им се суди во отсуство, на ова изреагира адвокат Гоџо, со зборовите  „сценариото е спремно“, на што реагираа судијата и обвинителот. Адвокат Наков обвини дека решението воопшто не го куцала дактилографката и дека било однапред напишано. Судијата излезе на 5 минути пауза за да се консултира со судскиот совет, по што  и се обрати на одбраната дека се залага за правично судење според законот.

11:40 – Адвокатскиот тим на Љубе Бошковски – Донче Наков, Владимир Ракочевиќ и Драган Гоџо приговараа зошто им се суди во отсуство на првите 4-ца обвинети кои се во бегство, кога обвинителството и полицијата не нашле начин да ги најде и донесе во судница. Обвинителството на ова возврати дека сакаат да го направат конструктивно рочиштето и дека имало распишана потерница по нив уште во фаза на истрага. По ова речиси половина час, адвокатите и обвинителството приговараа.

11:30 – Со доцнење од цели 2 часа, старт на рочиштето, условите за одржување на главен претрес се исполнети.