/ Прочитано:

905

СУДЕЊЕ „Ровер“: Судскиот процес почнa од почеток

Понеделник, 10 јуни 2013 – Иако за денеска беше предвидено обвинителството да го даде својот завршен збор, поради смена во судскиот совет процесот почна од почеток. Имено, на минатата седница на Судскиот совет на РМ, вториот судија Лидија Чачева беше избрана за судија во скопскиот Aпелационен суд. Поради ваквиот тек на околности, денеска повторно се изведуваа вербалните докази, а материјалните докази и завршните зборови на обвинителството ќе се дадат на следното рочиште закажано за 17.06.2013 во 10:00 часот. Новите предлози на одбраната, судскиот совет ги одби.

Со обвинението за случајот „Ровер“, 15 лица се товарат за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Најгoлемиот дел од останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Марјан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски е седмообвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Марјан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .