/ Прочитано:

1.602

Судење „Ровер“: Тушевски се обидел да му изнуди пари, тврди сведокот Зоран Азманов кој барал спас од изнудувачот кај претседателот Трајковски и министерот Бошковски

Понеделник, 11 март 2013 – „Маријан Тушевски имав несреќа да го запознаам како рекетар што изнудува пари“, рече на денешното рочиште Зоран Азманов, сведок на одбраната. За своите релации со Тушевски, Орце Коруновски, но и државниот врв во 2001 година зборуваше до првата пауза на главниот претрес. Според неговото кажување, Тушевски на два пати му побарал значителен износ на пари, претставувајќи се како припадник на „Волците“ и близок човек на тогаш веќе екс-министерката Доста Димовска, претседателот Борис Трајковски и тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски под образложение дека се работи за  „македонската кауза“. Како член на бизнис-заедницата рече дека му е познато дека и други бизнисмени биле мета на рекет од страна на Тушевски. До вистински пресврт дојде кога сведочењето на Александар Василевски викан Нинџа кој исто така е сведок на обвинителството го отфрли како невистинито. Пред судскиот совет зборуваа уште тројца  сведоци на обвинителството.

Со обвинението во случајот „Ровер“, 15 лица се товарат за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година. Првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Најголемиот дел од останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Маријан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски е седмообвинет обвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Маријан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .

Тек на рочиштето

14:30 – Следното рочиште е закажано за 18.03.2013 година во 09:30 часот. Останаа уште тројца сведоци на обвинителството.

14:00 – Последниот сведок за денеска беше веќе претходно во судската постапка, посочената девојка што во моментот на убиството седела со обвинетиот Сашко Јовановски во соседното кафуле во населбата Капиштец. Според нејзиниото раскажување, околу нив имало лица седнати на масите во кафулето внатре, а надвор било раздвижено. Како што појасни, по некое време обвинетиот ненадејно станал и излегол 2 или 3 минути надвор од кафулето, се вратил на масата и рекол „ај да си одиме, надвор има некакво пукање“.  По ова двајцата се упатиле кон возилото на обвинетиот, а потоа тој ја одвел дома. Обвинителот праша во каква врска биле со обвинетиот, на што таа одговори „во љубовна врска“. Потоа обвинителството имаше прашања за истата ситуација во Куманово за која го прашуваше претходниот сведок. Сведокот појасни дека таму по вторпат се сретнала со Коруновски, рече дека се работело за големо друштво, па затоа не може да се сети кој се присуствувал таа вечер.

13:30 – Меѓу сведоците на обвинителството се најде и уште една девојка која во судницата накратко ги објасни нејзините релации со Коруновски и обвинетиот Сашко Јовановски. Обвинителството бараше одговори за една седенка во Куманово каде било собрано поголемо друштво, меѓу кои – таа, Коруновски, и уште неколку лица. Обвинителот ја праша дали во истото друштво имало Срби, на што сведокот одговори дека од дијалектот на кој зборувале лицата, се сеќава дека биле кумановци. Според нејзините кажувања лицето „Анѓел“ и пренел дека Сашко Јовановски и Орце Коруновски ги нарушиле односите.

12:45 – По паузата, сведочеше И. М. која во текот на распитот одговараше кратко со „да“, „не“, „не знам“, „не се сеќавам“… Рече дека лично не го познава Бошковски, но дека отприлика се сеќава дека некогаш седеле на иста маса, вклучувајќи го и Коруновски и уште неколку лица. Објасни дека со Коруновски живееле извесен период заедно, но дека не се сеќава  кои се лица влегле во нивниот дом.  Тврди дека не и е познато зошто Коруновски ја напуштил државата, но посочи дека во тоа време бил лут на своите пријатели и на тогашниот министер Бошковски. Според нејзиното кажување била изолирана од неговиот друштвен живот и тој никогаш не и зборувал за неговите деловни зделки.


12:00 – Пауза до 12:30 часот. По паузата, рочиштето продолжува со сведоци на одбраната.


11:30 – Одбранатa побара од сведокот да одговори дали според неговите сознанија и објаснување смета дека бизнисмените имаат моќ да го нарачаат убиството на Тушевски со оглед на тоа што биле рекетирани од него, на што обвинителот приговараше и судскиот совет не го дозволи прашањето.

11:00 – Обвинителот  Лидија Раичевиќ-Вучкова му постави прашања на сведокот околу пожарот, неговата врска со претседателот Трајковски и неговото евентуално познанство со Орце Коруновски. Сведокот појасни дека имал средба со Коруновски кој наводно сам му се понудил да изврши наплата за извесен договор кој како што рече никогаш не го реализирал. Според неговото раскажување, Коруновски му оставил впечаток дека е интелегентен, а како што посочи по ова имале уште една неформална средба.

Сведокот тврди дека и другпат бил рекетиран од лицето Ѓоко Стојковски и неговите рекетари за кои вели дека се Албанци од Синѓелиќ, а според него тие имале заштита од тогашниот директор на Управата за јавна безбеденост. Како член на бизнис-заедницата рече дека му е познато дека и други бизнисмени биле мета на рекет од страна на Тушевски.

10:15 – „Маријан Тушевски имав несреќа да го запознаам како рекетар што изнудува пари“, со овие зборови го почна своето сведочење  Зоран Азманов. 

Како што рече, со Тушевски имал две средби, првиот пат во март 2001 година за време на конфликтот – наводно Тушевски дошол кај него облечен во маскирно одело претставувајќи се како припадник на „Волците“ и близок човек на тогаш веќе екс-министерката за внатрешни работи Доста Димовска, претседателот Борис Трајковски и тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Тврди дека Тушевски му побарал 30 илјади марки наменети за „македонската кауза“ бидејќи припадниците на УЧК собирале пари.

„Му дадов за македонштината, признавам направив грешка што мислев дека се бори на терен, не знаев со каков човек си имав работа“, се изјасни Азманов.

По средбата со Тушевски, како што вели, преку свои луѓе проверил и дознал дека парите никогаш не стигнале до специјалните едници. Откако поминале 45 денови, наводно Тушевски му побарал уште 75 илјади марки за истата намена, но откако одбил да му ги даде овој му репетирал пиштол, а уште еднпо лице што било со него му удрило два бокса. Во канцеларијата каде се случил инцидентот, сведокот објасни дека биле присутни дури 40 сведоци, меѓу нив биле неговите вработени и луѓе на Тушевски. По инцидентот, сведокот раскажа дека пријавил во ПС Беко, но според неговото тврдење оттаму му рекле дека ништо не можат да преземат.  Како што рече, бидејќи бил главен спонзор и втор братучед на претседателот Трајковски побарал помош од него, а тој го поврзал со тогашниот министер за внатрешни работи, а сега обвинет Бошковски. Во еден разговор, наводно министерот му рекол „сторив се што можев“. Посочи дека тоа е единствениот пат што со Бошковски разговарале за инцидентот. По нивниот разговор, како што рече, имале неформална средба на која воопшто не станало збор за рекетирањето на Тушевски. Меѓудругото Азманов побара да појаснување и за сведочењето на Александар Василевски викан „Нинџа“ кој исто така е сведо на обвинителството, а за кој посочи дека не ја зборувал вистината во однос на неговите запалени магацини во Куманово.

Сведокот појасни дека истата година (се мисли на 2000-та кога биле запалена магацините), дека заработувал 250 илајди долари годишно и наводно немал никаков интерес да наплаќа оштетување, како што тврди Василевски.

>> По 12 години молчење, денеска, Александар Василевски – Нинџа, со свежа меморија, подробно раскажа за денот на убиството на Тушевски и Јанев

10:00 – Старт на рочиштето, условите за одржување на главен претрес се исполнети. Во судницата влегоa четворица сведоци на обвинителството, прв ќе сведочи познатиот скопски бизнисмен Зоран Азманов.