Судење „Ровер“: Заштитениот сведок од Коруновски слушнал за аминот на министерот Бошковски, а за убиството на Тушевски слушнал на телевизија
Петок, 28 декември 2012 – Заштитениот сведок ФФ15 за убиството на Марјан Тушевски слушнал на телевизија, одбраната обвинува дека сведокот е сослушан против законски, со шаховска фигура наместо изменет глас и лик. Судот ја исклучи јавноста во целост.
По 3 часа почна сослушувањето на заштитениот сведок
16:00 – Повторно шаховска фигура наместо изменет глас и затемнет лик на сведочењето на заштитениот сведок во случајот „Ровер“, тврди одбраната на поранешниот министер Љубе Бошковски. Освен против законското сослушување, одбраната овојпат се сомнева дека сведокот додека го давал исказот се служел со текст, а адвокатот Владимир Ракочевиќ се сомнева и во суфлер. Судењето продолжува на 11.01.201 година во 09:30 часот со распит на останатите сведоци предложени од страна на обвинителството.
„Изјавата е трагикомична, нема факт никаков, не видел ништо, целиот исказ како што кажа го разбрал од телевизијата, а Маријан Тушевски не го ни познавал“, рече адвокатот Константин Кратовалиев.
14:00 – По 3 часа договорање меѓу одбраната и судијата, почна сослушувањето за заштитениот сведок ФФ15. Одбраната бараше да бидат сослушани другите сведоци, па потоа заштитениот, но судијата им ги одби барањата. Експертот по кривично право, Гордан Кајалџиев во својство на стручна јавност изрази желба да присуствува на сослушувањето, но судијата ја исклучи јавноста во целост. На почетокот на судскиот процес поранешниот министер Љубе Бошковски го предупреди судот дека овојпат заштитениот сведок треба да го види одбраната, а со тоа јавноста ќе се увери дека тој навистина постои за да не се случи како што рече реприза на случајот „Кампања“.
Заштитениот сведок ќе проговори во судница
09:00 – Слично како и во минатата судска постапка во случајот „Кампања“, денеска заштитениот сведок на предлог на обвинителството ќе сведочи против поранешниот министер Љубе Бошковски. Обвинетиот Бошковски побара од судот бранителите да го видат сведокот за потоа да нема дилеми дали сведокот навистина постои и сослушувањето да биде според прописите на Законот за кривичната постапка. Денеска рочиштето е затворена за јавноста, а вчера заврши распитот на 11 од вкупно 15 обвинети. Четворица се во бегство, останатите тврдеа дека не се виновни.
>> Предметот целосно можете да го проследите тука.