СУДЕЊЕ Санадер („Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“): Санадер ја изнесе одбраната за „Хипо банка“, тврди дека не е воен профитер, кривичниот прогон и го препишува на Косор
Понеделник, 12 ноември 2012 – Обединетиот предмет за аферите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“, првиот од низата корупциски предмети кои се водат против поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер е пред самиот крај. Санадер денеска ја изнесе својата одбрана во врска со случајот „Хипо банка“, тврди дека не воен профитер и дека е горд на неговиот придонес за меѓународната афирмација на Хрватска.
На почетокот од главниот претрес, судскиот совет го отфрли предлогот за сослушувањето на Марика Томљановиќ Кипријановски, која е позната како „Мадам“ од аферата за елитната проституција во Загреб, која тврди дека нејзиниот невенчан сопруг Драго Видаковиќ, лажно го теретел Санадер за делата кои му се ставаат на товар.
Санадер својата одбрана ја почна од случајот „Хипо банка“, првиот случај во Хрватска каде некој е обвинет за збогатување за време на војната во Хрватска. Обвинителството го товари за воено профитерство и злоупотреба на службената должност. На екс-премиерот му се припишува дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993). Тој ја почна својата одбрана со приговор дека му се суди ретроактивно врз основа на Законот за незастарување на военото профитерство, кој од донесувањето не бил применет на ниту еден граѓанин на Хрватска.
„Во интерни кругови тој закон го нарекуваат „Лекс Санадер“. На ова ме предупреди мојот адвокатски тим пред речиси една година кога ми кажаа дека според УСКОК единствениот воен профитер е премиер, министер, пратеник…“, огорчено ја почна одбраната Санадер.
Тврди дека случајот е покренат по иницијатива на неговата наследничка, Јадранка Косор, која според него во Државното обвинителство на Хрватска наредила кривичен прогон против него притоа подметнувајќи сведоци.
Имаше приговор и на тоа што на целиот имот кој го стекнал во 1994 година се гледало низ призма на криминал.
„Не сум добил никаква провизија, но и да сум, тоа сигурно не би имало врска со воено профитирање. Можеби не припаѓам меѓу најзаслужните за хрватската независност, но јас сигурно не сум воен профитер“, рече Санадер.
„По 20 година во политиката, горд сум на својот придонес за меѓународна афирмација на Хрватска“, додаде тој, потсетувајќи дека е и одликуван за воени заслуги.
Опширно ја објасни ситуацијата во Хрватска за време на војната, односно идејата на државниот врв дека за да се промовираат во светот потребно е да се купат згради за амбасадите. Целата работа како што наведе ја водел неговиот тогашен шеф и министер за надворешни работи на Хрватска, Мате Граниќ кој го потпишал договорот со „Хипо банка“, откако истата била предложена од страна на тогашниот австриски министер за надворешни работи, Алојз Мок. Го отфли сведочењето на Граниќ дека му помагал во одбрувањето на кредитот, а проба да го побие и исказот на сведокот кој тврдеше дека го запознал со мистериозниот Еуген Лакс, личноста на чие име според обвинителството е префрлена милионската провизија. Според УСКОК, името Еуген Лакс, наводно се наоѓа на исплатниците кои ги примил Санадер, но графолошкото вештачење покажало дека тоа не е потписот на Лакс, кој во меѓувреме починал. (Според некои пишувања, Лакс бил високо позициониран масон со хрватско потекло, кој живеел во Бразил, припадник на ложите кои се гордееле со хрватската државотворност. Некои пак го поставуваат прашањето: Дали Еуген Лакс бил само „подметната личност“ од страна на Санадер или пак неговата партија ХДЗ?)
„Како е можно провизијата да ја добие некој кој не носи одлуки? Пола држава одлучува, а јас треба да ја добијам провизијата, тоа е апсолутно надвор од секоја реалност и инсинуација која нема никаква основа“, рече Санадер, посочувајќи дека не сака да оговара на прашањата на обвинителството, туку само на судот и неговата одбрана. Додаде дека е очигледно дека некој примил провизија, но дека тоа не е он.
Санадер утре ќе продолжи со давање на одбраната за случајот „ИНА – МОЛ“, каде УСКОК го товари дека примил мито – 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска.
Во среда завршни зборови ќе дава обвинителството, а четврток е предвиден за одбраната. Првата пресуда за поранешниот премиер на Хрватска и претседател на ХДЗ, се очекува да биде донесена најрано петок, а најдоцна на почетокот на идната недела. >> Обединетиот предметот за случаите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“ проследете го тука.