/ Прочитано:

1.976

СУДЕЊЕ „Шпион“: Обвинението ги опиша мрежата на шпионирање и соработката со странските разузнавачки служби

Понеделник, 27 јануари 2014 – Денеска со поголем степен на безбедност од вообичаено, почна судскиот процес за мега аферата наречена „Шпион“ во која првообвинет е поранешниот разузнувач, велешанецот Марјан Ефремов. Според обвинението кое беше јавно прочитано во судницата, обвинетите собирале документи и информации, а Ефремов како организатор на групата, соработувал со странски разузнавачки служби. Во обвинението е наведена како најголема соработката на првообвинетиот со унгарската, но и со руската, швајцарската и српската служба. Од она што се слушна, еден од обвинетите во Солун за 650 евра на грчки разузнавач му продал информации за односот на македонските медиуми околу спорот со името, состојбата во партиите, активностите на здружението на Македонците во Грција, „Виножито“. Исто така обвинителството тврди дека обвинетите се обиделе да изнудат пари од бизнисмени, во спротивно им се заканувале дека ќе го нарушат нивниот углед во општеството. Меѓу обвинетите се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари Ване Цветанов, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски. Против новинарот Зоран Божиновски постапката е во прекин и ќе продолжи по одлуката за неговата екстрадиција од Србија.

Со обвиненито за „Шпион“ се опфатени 19 лица кои се обвинети за за шпионажа, уцена, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување.

Тек на рочиштето

10:00 – Присуството на огромен број медиуми пред судската палата го потврди интересот за првиот процес за шпионажа во Македонија. По два часа, јавноста влезе во судница откако претходно најпрво на одбраната, потоа и на новинарите им се вршеше детален претрес од страна на судската полиција.

Новинарите негодуваа зошто при вршење на претресот, полицијата детално ги претресува чантите, како и поради фактот што на минусни температури новинарските екипи претресот не можеа да го чекаат во големиот хол на Врховниот суд.

12:15 – Пред започнувањето на главниот претрес адвокатот на првообвинетиот Марјан Ефремов, Еленко Миланов побара одложување на процесот. Како што образложи сертификатот за безбедносни информации го добил на 24.01.2014, па оттаму рече дека не е возможно физички, ниту психички, првообвинетиот да може да ја спреми својата одбрана на толку обемно обвинение. Судскиот совет одлучи претресот да се одржи. Судијата Ѓоко Ристов рече дека „првообвинетиот ќе има можност во текот на главниот претрес да врши увид во доказите, а со оглед на тоа што обвинетите се во притвор, претресот треба да почне“.

Судијата Ристов појасни дека исказите на деветмина обвинети од вкупно 19, ќе бидат зад затворени врати за јавноста поради тоа што ќе се повикуваат на класифицирани докази.

12:35 – Главниот претрес почна со читање на обвинителиот акт од страна на обвинителката Лиле Стефанова. Според наводите во обвинението, првообвинетиот Марјан Ефремов во 2009 година заедно со уште тројца обвинети создале група која имала за цел вршење на шипонажа. Останатите обвинети се припадници на групата, кои како што тврди обвинителството, за да присвојат противправна имотна корист, освен што се занимавале со шпионажа вршеле измами и изнуди од бизнисмени и политичари. Дел од обвинетите користејќи ја својата службена положба како поранешни и сегашни разузнавачи, вработени во мобилни оператори…, прибавувале тајни документи, а првообвинетиот ги предавал на унгарските и грчките тајни служби, преку специфичен сателитски систем. Според обвинението, Ефремов најмногу соработувал со унгарската, но и со руската, швајцарската и српската тајна служба.

Како што стои во обвинението, прибавените информации од страна на обвинетите се за разузнавачки служби на Русија, за движењето на вахабистите во Македонија и Босна и Херцеговина, состојбата на во ИВЗ, општата безбедност на државата, евентуалните ескалации и меѓуетничката нетрпеливост меѓу националностите во Македонија, како и за соработката на македонските служби со МОСАД и ЦИА. Според обвинението, Ефремов пишувал писмени извештаи, а потоа ги предавал на унгарските служби. На грчките разузнавачи им предал извештаи за состојбите во партиите ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, како и информација дека лица на УБК нападнале грчка новинарка во Скопје. Според диспозитивот на обвинението, обвинетите собирале информации за интересите на агентите на ЦИА кои претстојувале во Скопје, а меѓу предадените информации се наоѓа и ЦД на кое се прикажани вахабисти како се враќаат од молитва.

Според актот, обвинетите прибирале информации за присуство на странски разузнавачи во земјава, односно за разузнавачи на Словенија, Србија, Русија и Турција.

Според обвинението, обвинетиот Ване Цветанов како директор на Управата за спречување на пари, пред да ја напушти Управата скенирал документи кои се со степен на строга доверливост.

Во обвинението се наведува дека дел од обвинетите уценувале бизнисмени, односно обвинетиот новинар Зоран Божиновски му се заканувал на Драган Даравелски дека доколку не сака да исплати 200.000 евра, на медиумот „Буревесник“ ќе бидат презентирани извештаи поврзани со него. Обвинителството ги товари обвинетите дека се обиделе пари да изнудат и од бизнисменот Минчо Јорданов, во спротивно го известиле дека ќе објават документи за „коруптивната приватизација“ на неговите фирми. Меѓу оштетените, во обвинението се споменува и името на Ванчо Шехтански, кој е поранешен директор на Агенцијата за управување на одземен имот и актуелен директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

14:00 – Главниот претрес продолжува на 29.01.2014 во 09:30 часот, а одбрана зад затворени врати за јавноста, се очекува да ја даде првообвинетиот Марјан Ефремов.

По завршувањето на главниот претрес, адвокатот Еленко Миланов даде изјава за новинарите.

„Во обвинението не постои ниту една државна тајна, во спротивно денеска јавноста ќе беше исклучена. Побарав одложување бидејќи на 24 месецов го добив сертификатот, можам да постапувам во постапката како бранител, но не можев ниту физички ниту психички во 350 страници со докази да извршам детален увид и да овозможам на обвинетиот квалитетно да ја подготви одбраната и да има доволно време да се запознае со доказите. Сметам дека шпионажа со оддавање на државна тајна во моментот кога беше прочитано пред вас обвинението, падна во вода. Доколку постоеше нешто што е класифицирано како државна тајна, а тоа мора да стои во обвинението, истовремено се става на товар на обвинетиот, тогаш јавноста мораше да биде исклучена, односно вие немаше да можете да присуствувате“, изјави Миланов пред судот.