/ Прочитано:

1.416

СУДЕЊЕ „Шпион“: Повлечени материјални докази од предметот

Петок, 21 февруари 2014 – На денешното рочиште кое продолжи во фаза на доказна постапка, обвинителството повлече дел од материјалните докази. Според појаснувањето на обвинителот, станува збор за докази што немаат директна врска со делата опишани во обвинението, кои им се ставаат на товар на обвинетите. Следниот главен претрес закажан за 10 март, продолжува со сослушување на сведоци. 

Според обвинението кое опфаќа 19 лица, обвинетите собирале документи и информации, а првообвинетиот поранешен разузнавач, Марјан Ефремов, како организатор на групата, соработувал со странски разузнавачки служби. Во обвинението е наведена како најголема соработката на првообвинетиот со унгарската, но и со руската, швајцарската и српската служба. Од она што се слушна, еден од обвинетите во Солун за 650 евра на грчки разузнавач му продал информации за односот на македонските медиуми околу спорот со името, состојбата во партиите, активностите на здружението на Македонците во Грција, „Виножито“. Исто така обвинителството тврди дека обвинетите се обиделе да изнудат пари од бизнисмени, во спротивно им се заканувале дека ќе го нарушат нивниот углед во општеството. Меѓу обвинетите се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари Ване Цветанов, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски. Против новинарот Зоран Божиновски постапката е во прекин и ќе продолжи по одлуката за неговата екстрадиција од Србија.

Тие се обвинети за за шпионажа, уцена, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување.