/ Прочитано:

2.911

СУДЕЊЕ „Шпион“: Првообвинетиот Марјан Ефремов одлучи да молчи пред судот

Понеделник, 17 февруари 2014 – Судот денеска ги затвори вратите за јавноста на сослушувањето на дел од 19-мината обвинети за шпионажа, оддавање државна тајна, изнуда, измама и злосторничко здружување. Иако на стартот на процесот, адвокатот на првообвинетиот Марјан Ефремов побара повеќе време за да ја спреми одбраната, денеска Ефремов го искористил правото на молчење. Претходно, поранешниот директор на Управата за спречување на перење на пари и корупција, Ване Цветанов изрази желба да зборува пред јавноста, сепак судскиот совет донесе одлука, тој да зборува зад затворени врати.  

Додека обвинетите: Влатко Стаматовски (35) кој бил вработен во Државниот архив на РМ, Ване Цветанов (35) кој е поранешен директор на Управата за финансиско разузнавање и поранешниот разузнавач, Александар Диневски (54) зад затворени врати се бранеа пред судскиот совет, судските известувачи надвор три часа се обидуваа да дознаат што се случува во судницата. Најпрво неизвесен беше моментот дали првообвинетиот Марјан Ефремов ќе ја дава својата одбрана за која однапред беше најавена како тајна, па потоа не се знаеше дали на пултот ќе застане Цветанов, чии родители останаа пред вратата на судот.

По неколку часа неизвесност, одбраната на првообвинетиот Ефремов, адвокат Еленко Миланов извести дека неговиот клиент се бранел со молчење и дека во оваа фаза од постапката не е подготвен да зборува за делата кои обвинителството му ги става на товар.

По него, адвокатот Саво Коцарев информираше дека неговите клиенти, Ване Цветанов и Влатко Стаматовски ја дале својата одбрана пред судскиот совет. Тој појасни дека исказите останале тајни бидејќи по предлог на обвинителот, судијата одлучил исказот на Цветанов да остане недостапен за јавноста.

Мајката на Ване Цветанов: Библијата е наше оружје!

Заедно со новинарите, неколку часа да влезе во судница чекаше и мајката на Цветанов, Милева Цветанова. Покрај тоа што неколку часа ги помина со библијата во рака, подеднакво беше заинтересирана дали ќе може да влезе внатре за да ја слушне одбраната на својот син.

„Цела македонска јавност знаеше дека син ми денеска требаше јавно да даде исказ, меѓутоа  во тајност веќе дал исказ. Мојот син е невин , со сигурност ви тврдам, видете дали има станови, коли, куќи, нема ништо. Знаеме сите зошто е син ми таму, нека кажат подобро, премногу знае за нашите криминали, не сакам да именувам. Тој е учен на правда и чесност, така го учевме како родители, на ништо друго. Нашето оружје е Библијата, фамилии имаат нека се плашат од Господ, од никој друг. Не колнам, оставам во рацете на Господ“, изјави Милева Цветанова.

По паузата, беше најавено дека денеска ќе зборува и поранешниот разузнувач, обвинетиот Александар Диневски кој се товари дека бил дел од групата што се занимавала со оддавање на одржавни тајни и шпионажа.

Судскиот процес продолжува утре во 10 часот со исказ на останатите обвинети.

ОЈО: Првообвинетиот соработувал со грчката, унгарската, швајцарската и српската разузнавачка служба 

Според обвинението кое беше јавно прочитано во судницата, обвинетите собирале документи и информации, а првообвинетиот поранешен разузнавач, Марјан Ефремов, како организатор на групата, соработувал со странски разузнавачки служби. Во обвинението е наведена како најголема соработката на првообвинетиот со унгарската, но и со руската, швајцарската и српската служба. Од она што се слушна, еден од обвинетите во Солун за 650 евра на грчки разузнавач му продал информации за односот на македонските медиуми околу спорот со името, состојбата во партиите, активностите на здружението на Македонците во Грција, „Виножито“. Исто така обвинителството тврди дека обвинетите се обиделе да изнудат пари од бизнисмени, во спротивно им се заканувале дека ќе го нарушат нивниот углед во општеството. Меѓу обвинетите се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари Ване Цветанов, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски. Против новинарот Зоран Божиновски постапката е во прекин и ќе продолжи по одлуката за неговата екстрадиција од Србија.

Со обвиненито за „Шпион“ се опфатени 19 лица кои се обвинети за за шпионажа, уцена, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување.