СУДЕЊЕ „ШПИОН“ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОДБРАНАТА: Нема докази за шпионажа, тврди адвокатот на првообвинетиот
Вторник, 8 јули 2014 – На денешното продолжение од судскиот процес за првата шпионска афера во Македонија, завршниот збор го даде Еленко Миланов, бранител на првообвинетиот Марјан Ефремов, кој според обвинението е „мозокот“ на наводната злосторничка група што шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Според Миланов обвинителниот акт е контрадикторен и Обвинителството не успеало да докаже дека Ефремов ги сторил кривичните дела кои му се стават на товар.
Осврнувајќи се посебно на сите кривични дела за кои се обвинува поранешниот разузнавач Ефремов, бранителот Миланов побара од Судот да отфрли голем број докази кои биле изнесени на главните претреси, бидејќи, истите како што рече биле изведени, како и прибавени надвор од законските процедури.
„Сметам дека сите докази кои се наоѓаат во списите за овој предмет, а кои се изведени и прибавени врз основа на посебни истражни мерки судот треба ги издвои и врз основа на нив да не ја заснова одлуката“, рече адвокатот. Според Миланов за кривичното дело „Шпионажа“ наредба за следење на комуникациите издава судија на Врховен суд, а во конкретниот случај наредбата е издадена од Основен суд Скопје 1.
Одбрана смета дека „ниту самиот обвинител не верува во содржината на обвинителниот акт“. За бранителот е контрадикторно тоа што Ефремов се товари за шпионажа, но не и оние обвинети кои, според обвинението, за него прибирале државни тајни.
Тој истакна дека Обвинителството не понудило никаков доказ на која странска разузнавачка служба и на кои лица наводно неговиот клиент ги продавал информациите.
„Кои се тие лица? Нема официјален податок дека тие лица се припадници на странска разузнавачка служба. Обвинението зборува за лице X непознато, лице Y непознато – припадници на унгарска разузнавачка служба…“, истакна Миланов.
Иако обемот на изнесени докази, како што рече, е навистина голем, тој не видел доказ на кој го има потписот на Ефремов како припадник на странска разузнавачка служба, ниту пак има доказ дека за таквото наводно делување примил парични средства.
Миланов посочи дека исто така никаде нема снимен материјал дека Ефремов на кое било лице, припадник на странска разузнавачка служба, предава какви било документи. Адвокатот за пронајдените ворд документи со доверливи податоци и информации во компјутерот на Ефремов рече дека нема докази дека тие некому биле испраќани.
„Во комјутерот на Марјан Ефремов не е пронајден никаков линк или поврзување со било каков сателитски систем за да може да се тврди дека било кој документ бил препратен на некоја адреса или странска разузнавачка служба“, рече бранителот.
Што се однесува за пронајдениот сателитски телефон кај првообвинетиот, Миланов наведе дека од вештачењето било утврдено дека со овој телефон не била воспоставена комуникација од 2001 година, единствено три пати била надополнувана сметката.
Според адвокатот, Ефремов не се познавал со дел од обвинетите за кои се тврди дека биле припадници на наводната злосторничка група која тој ја создал, а тоа, како што рече се утврдува и од доказите прибавени со посебни истражни мерки.
„Како можеме да зборуваме за група во која има поделба на улоги и обврски, а нејзините припадници не се познаваат меѓусебно“, нагласи Миланов.
Според одбраната не се докажало ниту тоа дека Ефремов сторил уцена, измама, како и тоа дека предметите пронајдени во неговиот дом, кој според обвинителството претставуваат културно наследство на РМ, се прибавени од кривично дело.
Бранителот посочи дека ниту здравствената состојба на неговиот клиент кој преживеал мозочен удар во 2011 година не му дозволува да ги презема дејствијата наведени во обвинителниот акт.
Миланов на крајот од својот завршен збор истакна дека е симптоматично што Обвинителството прибавило доказ со меѓународна помош од поранешниот директор на македонската Царина, Драган Даравелски, кој во обвинението се наведува како едно од лицата кои биле уценувани.
„Ова лице ниту е повикано како сведок, а и во јавноста се знае дека е недостапно за органите на погонот, па останува непознато како од ова лице може да се земе изјава“, нагласи адвокатот.
„Сметам дека од се’ што е изнесено на главниот претрес произлегува дека Обвинителството не успеа да докаже дека Марјан Ефремов ги сторил кривичните дела што му се ставаат на товар и предлагам тој да биде ослободен од обвинение“, заклучи бранителот на првообвинетиот.
Обвинителството на минатото рочиште во својот завршен збор побара сите деветнаесетмнина обвинети да се прогласат за виновни.
Одбраната ќе продолжи со изнесување завршните зборови на 14 јули во 9.30 часот.
Судскиот процес за првата афера за шпионажа во Македонија започна на 27-ми јануари. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба.
Обвинението опишува како првообвинетиот Марјан Ефремов заедно со уште Иџет Абди, Алексо Ангеловски и Зоран Костадиновски, поранешни разузнавачи, создале група која главно се занимавала со шпионажа соработувајќи со унгарските и грчките тајни служби. Меѓу обвинетите се и: поранешниот генерал – Горан Стојков, поранешниот шеф на кабинет на собранискиот спикер – Марјан Маџовски, поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција – Ване Цветанов, новинарот и сопственик на „Буревесник“ – Зоран Божиновски.
Постапката за Божиновски, кој првично беше недостапен за органите на прогонот, е прекината бидејќи веќе неколку месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Нови Сад. Доказниот материјал за него е испратен, но српските власти сѐ уште не одлучиле дали ќе го испорачаат или не. Постапката исто така е прекината за обвинетиот Борис Перков, кој, пак, беше екстрадиран од Чешка пред неколку месеци, но само за делото злосторничко здружување. Моментно се чека дали Чешка дополнително ќе одобри да му се суди шпионажа.
>> Повеќе за предметот прочитајте тука.
(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)