СУДЕЊЕ „Тајвански кредити“: Во петок, на 22 март, нова пресуда за Тупурковски и Андонов
Среда, 20 март 2013 – Бидејќи минатото рочиште беше одложено, „Тајванските кредити“ денеска по третпат беа отворени во Основниот Скопје 1, откако Апелација ја укина ослободителната пресуда за ексдиректорот на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски, и неговиот тогашен заменик, Јован Андонов-Реган. На денешното рочиште, откако одбраната изјави дека останува на исказите од претходната постапка, со истите докази, судскиот совет одлучи да изврши преоценување на доказите. Новата пресуда ќе биде објавена во петок, на 22 март 2013 година. Обвинителството ги товари Тупурковски и Андонов за злоупотреба на службената положба, односно дека со одобрување на средства (договори кои биле склучени со 8 фирми) од тајванската кредитна линија, ја оштетиле државата за 172.304.092 денари. Кредитите биле доделени за околу два месеца, во периодот од 9 септември до 25 октомври 1999 година. Обвинетите, за целот време во текот на судските постапки тврдеа дека се невини. Сепак, Обвинителството остана на тврдењето дека парите од тајванскиот кредит биле доделувани без гаранции дека ќе бидат вратени.
Ова е третпат како Тупурковски и Андонов ќе седнат на клупата за обвинети. Предметот за првпат беше вратен на повторно одлучување откако Апелациониот суд во Скопје ја укина простепената пресудата на Кривичниот суд со која Тупурковски беше осуден на казна затвор во траење од 3 години и надомест на штетата на Република Македонија во износ од 89.008.917,00 денари. Јован Андонов беше осуден на казна затвор од 2 години. Солидарно беа осудени да и го надоместат износот од 61.992.398,00 денари на Република Македонија и да ги платат трошоците за кривичната постапка. Пресудата беше укината поради утврдување на повреди во постапката. Жалбата на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција беше отфрлена како беспредметна. Откако Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење, по нешто повеќе од половина година финишираше со ослободителна пресуда за Тупурковски и Андонов. Ваквата одлука е донесена врз основа на образложение дека немало докази за да се докаже обвинението од ЈО. 11 месеци подоцна, Апелација ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство и ја укина првостепената пресуда со образложение дека истата била нејасна, неразбирлива и противречна сама на себе.
>> Предметот целосно можете да го проследите тука.
Тек на рочиштето
10:45 – Oдбраната на Васил Тупурковски и на Јован Андонов изјави дека останува на исказите и на доказите дадени во претохдна постапка. Судскиот совет предводен од судија Гордана Спиревска, во консултација со обвинителството и со одбраната, одлучи да изврши преоценување на доказите, по што, во петок, на 22 март 2013 година, во 10.30 часот, ќе биде објавена новата пресуда.
10:30 – Старт на рочиштето, условите за одржување на главен претрес се исполнети.