/Прочитано:

848

Судењата во разумен рок сè уште предизвик за Македонија

Граѓаните и правните субјекти и натаму се соочени со долготрајни судски постапки со што правото на судење во разумен рок сè уште отежнато го остваруваат – стои во последниот извештај на Народниот правобранител. Не нè поштедија ниту од Европа. Според извештајот на ЕК за 2011 година, неразумно долгите постапки освен што имаат негативно влијание врз основните права граѓаните, истите лошо се одразуваат на атрактивноста на земјата за странски директни инвестиции. Досега заради повреда на правото на судење во разумен рок, судскиот буџет се олеснил за 345.000 евра.

Во обид да се решат овие проблемите со судењата што траат со години и децении, пред 4 години се воведе правно средство и се формираше Одделот за судење во разумен рок при Врховниот суд на РМ, каде што граѓаните наместо да се жалат во Стразбур, прво правдата ја бараа во највисоката судска истанца.

За 4 години, Одделот за судење во разумен рок примил 2696 предмети; од нив 2465 се од граѓанските судови, а 231 од кривичните. Од сите предмети, Врховниот суд постапувал по 642 предмети. Од нив, 509 предмети се од првостепените судови, а 133 се од второстепените.

Секоја година се повеќе предмети и поголеми оштети

Досега заради повреда на правото на судење во разумен рок, судскиот буџет се олеснил за 345.000 евра. На почетокот на 2008 година, кога на граѓаните им се даде шанса да го искористат овој правен лек, до Врховниот суд пристигнале 98 предмети, но Одделот за судење во разумен рок, разгледувал само еден предмет.

Во 2009 година судот примил 285, а незапазување на рокот за разумно судење, утврдил во 60 предмети. Државата за овие премети платила оштета од околу 28.000 евра. Во 2010 година, од 368 примени предмети, во 207 е утврдено повреда на правото на судење во разумен рок. Оштетата ја олеснила државната каса за 88.000 евра. Следната година, 2011, веќе шесткратно е зголемен бројот на граѓани што побарале правда поради одолговлекувањето на судските постапки. Од 1529 примени предмети, се утврдила повреда во 242 предмети, а се исплатиле  140.000 евра.

Оваа година, за 7 месеци Врховниот суд примил 357 предмети. Во една третина од нив, судот констатирал повреда на правото на судење во разумен рок. Само оваа година од судскиот буџет се исплатени 90.300 евра оштета за долгите судски постапки.

Според статистичките податоци од Одделот за судење во разумен рок, многу повеќе има жалбени постапки за граѓански предмети, отколку за кривични.

До неколку илјади евра, оштета за граѓаните

Најмалиот исплатен износ за предмет во кој што е утврдено повреда на правото на судење во разумен рок изнесува 64 евра, а најголемиот износ е 5300 евра за предмет во кој има поголем број на странки. Трошоците паѓаат на терет на судскиот буџет.


 Автор: Паула Божиновски Објавено: 25.7.2012