/ Прочитано:

1.421

СУДЕЊЕ ДЕМОНСТРАНТИ: Државното правобранителство некоординирано во однос на вештачењето за штетата од протестите

Според адвокатот на Савески, Сашо Дуковски, ваквото однесување на Државното правобранителство отвора сомнеж дали постои еднаквост на оружјата и положбата на странките во постапката.

Судење Здравко Савески и Владимир Куновски

Денешно рочиште за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, беше одложено поради две процесни пречки за започнување на судењето: првата пречка е тоа што предметот физички не се наоѓа кај судијата поединец бидејќи е во Апелациониот суд, кој одлучува по жалбата на Обвинителството на решението на судијата поединец да не определи ефективен притвор, туку куќен притвор по приемот на обвинителниот предлог, и втората пречка е тоа што Државното правобранителство како застапник на Република Македонија до денешен ден сè уште ѝ го нема доставено на одбраната одамна изготвеното вештачење за висината на штетата.

Според адвокатот на Савески, Сашо Дуковски, ваквото однесување на Државното правобранителство отвора сомнеж дали постои еднаквост на оружјата и положбата на странките во постапката.

„Во неколку други постапки за истиот предмет вештачењето е веќе доставено, а ние немаме добиено вештачење со генерално образложение од  државниот правобранител дека друг го водел предметот, па ќе се обиделе за следното рочиште да биде обезбедено, а тоа што луѓето се наоѓаат во притвор изгледа дека на никого не му е грижа што претставува лоша појава“, рече Дуковски.

Претставникот на Државното правобранителство во судница рече дека за денешното судење добил само покана за присуство.

Судијката Весна Петровска-Тагасовска, која го води овој и предметот против обвинетите демонстранти Никола Аризанов и Филип Наковски во кој Државното правобранителство достави вештачење на вкупната штета која е проценета за 522 илјади денари, се обврза да ѝ го достави вештиот наод и мислење на одбраната.

Судењето го презакажа за 31 мај. Во меѓувреме, на 25 мај истекува 30-дневниот куќен притвор кој им е определен на Савески и Куновски. Во меѓувреме, како што потврдуваат Апелациониот суд, одбиени се жалбите на Обвинителството.

Вчера, во случајот на студентот Борјан Ефтимов, исто така обвинет за кривичното дело учество во толпа што ќе стори кривично дело, врз основа на признание на вина, судот му определи условна казна од 3 месеци доколку во рок од една година не стори ново кривично дело.

Утре повторно ќе биде направен уште еден обид за почеток на процесот против Аризанов и Наковски кои, како што најави нивниот бранител Владимир Данаилов, ќе ја признаат вината која им се става на товар.

М. С.