/ Прочитано:

1.291

СУДЕЊЕ „ДИВА НАСЕЛБА“: Полицајците нападнати во Гошинце сведочеле пред судот

На повеќе од дваесет новинарски екипи денеска им беше оневозможено да присуствуваат на третото рочиште за предметот „Дива Населба“, кое се води во Кривичниот суд во Скопје. Образложението на Судот е дека тоа е поради просторните услови бидејќи во малата судница број еден нема доволно простор за да присуствуваат сите засегнати страни, но и дека бројот на лица кои можат да го следат судењето бил ограничен поради безбедносни причини.

2 diva naselba

Денешниот главен распит за предметот „Дива Населба“ продолжи во фаза на сослушување на сведоците предложени од страна на Обвинителството. Ова го потврди адвокатот на еден од 29-темина обвинети за случувањата во Куманово од 9 и 10 мај минатата година, на паузата од судењето на кое не присуствуваше јавноста бидејќи просторните услови во Судот не дозволуваа сите медиумски екипи да можат да го проследат судењето.

„На денешниот распит беа повикани пет сведоци, и тоа четирите сведоци службени лица кои биле во полициската станица Гошинце и еден сведок за настанот во Дива Населба. Според информациите на одбраната, и на следниот главен претрес ќе продолжи сослушувањето на сведоците што се предложени од страна на Обвинителството“, изјави адвокатот Асмир Алиспаиќ.

Алиспаиќ рече дека би се воздржал од пренесување или коментирање на исказите на полициските службеници дадени на главната расправа.

На повеќе од дваесет новинарски екипи денеска им беше оневозможено да присуствуваат на третото рочиште за предметот „Дива Населба“, кое се води во Кривичниот суд во Скопје. Образложението на Судот е дека тоа е поради просторните услови бидејќи во малата судница број еден нема доволно простор за да присуствуваат сите засегнати страни, но и дека бројот на лица кои можат да го следат судењето бил ограничен поради безбедносни причини.

Од Судот изјавија дека на судењето можат да влезат само шест лица од претставниците на медиумите, по што јавноста одлучи да не присуствува.

„Основниот суд Скопје 1 – Скопје им упатува извинување на сите претставници на медиумите кои денеска сакаа да присуствуваат на главната расправа за предметот со КОК бр. 127/15, поврзана со настаните од 9 и 10 мај 2015 година во Куманово. Беше предложено на главната расправа да влезат само дел од новинарите, но тие го одбија тоа, за што како суд имаме целосно разбирање, но воедно бараме и разбирање од нивна страна за условите и ограничувањето на нашата судница“, се огласија со официјално соопштение од Судот.

Новинарите не можат да го следат случајот „Дива населба“

На судењето покрај обвинетите, кои беа донесени со силно полициско обезбедување од затворите каде што издржуваат притвор, има и претставници на судската полиција како и набљудувачи од ОБСЕ, претставници на амбасадата на Косово во Република Македонија, претставник на Хелсиншкиот комитет и коалицијата „Сите за правично судење“.

Инаку, и од Судот потврдуваат дека на денешната главна расправа свој исказ дале пет сведоци предложени од Обвинителството, а судењето продолжува со доказната постапка на 25.3.2016 година во 10.00 часот.

Просторните проблеми на Судот се познати веќе неколку години. За првите две рочишта за процесот „Дива Населба“, во кој се обвинети 29 лица, беше обезбедена големата сала во Врховниот суд, која денеска не беше ставена во функција поради, како што наведуваат оттаму, нејзино реновирање.

Во минатото, голем процес со многу обвинети, како што е овој, беше процесот за случајот „Змиско око“, кој беше преселен надвор од Судската палата и се одвиваше во сала на зградата на Царинската управа.

За следното рочиште, кое треба да се одржи в четврток, од Судот најавуваат дека ќе обезбедат видеоврска со судењето кое новинарите ќе можат да го следат од судската библиотека. Доколку и тоа не успее, оттаму велат дека ќе ги направат сите напори медиумите кои се заинтересирани да го следат судењето да можат да известуваат од судењето.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива Населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група. Според официјалните информации, меѓу загинатите се и Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, кои наводно биле водачи на групата. Обвинетите се товарат за кривичните дела „терористичко организирање“ и „тероризам“.

М.С.