/ Прочитано:

1.290

СУДЕЊЕ „ДИВА НАСЕЛБА“: Сведоци ќе говорат за случувањата од 9 и 10 мај

Во Кривичниот суд во Скопје ова ќе биде трето рочиште откако на претходните две Обвинителството го изнесе обвинителниот акт и обвинетите и нивните адвокати ја презентираа одбраната.

Дива населба, прво рочиште

Со сослушување на сведоците треба да продолжи судскиот процес против 29 обвинети, кои се товарат за сторени кривични дела „терористичко организарање“ и „тероризам“ за случувањата од 9 и 10 мај минатата година во кумановската Дива населба.

Во Кривичниот суд во Скопје ова ќе биде трето рочиште откако на претходните две Обвинителството го изнесе обвинителниот акт и обвинетите и нивните адвокати ја презентираа одбраната.

Сите дваесет и девет лица, дел од таканаречената Кумановска група, изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар. Дел од адвокатите на обвинетите во своите воведни говори пред Судот не негираа дека нивните клиенти биле на местото, но рекоа дека Обвинителството погрешно ја дефинирало правната квалификација во случајот и дека не се работело за тероризам, туку за спречување службени лица во вршење на службено дејствие.

Дива населба, прво рочиште

Јавниот обвинител од Обвинителството за организиран криминал, Наум Пановски, презентирајќи го обвинението, наведе дека по нападот на караулата Гошинце, од 21 април 2015 година, полицијата започнала обемна истрага и претреси кои се однесувале на лицата за кои постоело основано сомнение дека учествувале во нападот.

„На 9 мај припадниците на Единицата за специјални задачи постапувале по судска наредба за вршење претрес во врска со сомнение за кривично дело тероризам, а во врска со нападот на караулата Гошинце. Приближувајќи се кон објектот, врз Единицата за специјални задачи била фрлена рачна бомба, при што биле повредени дел од полицајците. Потоа групата продолжила да пука со автоматско оружје и снајпери, а борбите траеле цела вечер и другиот ден. Следниот ден вечерта групата била приведена, притоа 18 од нив носеле униформи на УЧК“, наведе обвинителот.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива Населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група. Според официјалните информации, меѓу загинатите се и Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, кои наводно биле водачи на групата.