СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Обвинетиот Захир Бекири побара изземање на обвинителката и на судијката од случајот
Судот најави дека ќе се произнесе во однос на барањето на обвинетиот на следното рочиште, кое е закажано за 26 мај. Со сослушувањето на сведоците што сведочеа денес беше исцрпена листата на сведоци предложени од Јавното обвинителство. На следното рочиште ќе бидат сослушувани сведоците предложени од одбраната.
На денешното рочиште за случајот во јавноста познат како „Фабрика за афери“, во кој обвинети се браќата Захир и Имер Бекири, сведочеа вештаци од Министерството за внатрешни работи кои го извршиле вештачењето на одземените предмети од домот на Бекири, компјутери и хард-дискови, и вештачењето на личните карти кои новинарот Љубиша Арсиќ ги предал во МВР.
Вештите лица, на прашања на Обвинителството и на одбраната во случајот, објаснуваа какви работни задачи има секој од нив во Одделението за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР и на кој начин се врши вештачење на ваков вид докази.
Обвинетиот Захир Бекири, преку прашања упатени до вештите лица, се интересираше дали можат конкретно да потврдат дека материјалите од хард-дискот, кои биле предмет на вештачење, потекнуваат од неговиот компјутер, изразувајќи сомнеж дека тие биле подметнати и биле предадени како докази кога биле одземени од неговиот дом.
Вештите лица истакнаа дека не утврдуваат кој е сопственик на доказниот материјал предмет на вештачење бидејќи ги добиваат материјалите со потврда за привремено одземени предмети и со наредба за вештачење од Јавното обвинителство.
Адвокатот на обвинетите, Мирослав Вујиќ, побара да биде изготвено дополнително вештачење со кое ќе се утврди кога биле креирани документите на хард-дискот, кои се дел од доказите, со цел да се утврди точното време кога тие биле впишани, дали биле избришани и дали постои и друга копија од нив.
Покрај вештаците, пред Судот сведочеа уште три лица чии лични податоци биле употребени на фалсификуваните лични карти. Тие пред Судот истакнаа дека не ги познаваат обвинетите ниту, пак, ним или на кој било друг им дале согласност за употреба на нивните податоци.
На крајот од денешното рочиште, обвинетиот Захир Бекири побара изземање на обвинителката во случајот Наташа Гоџовска и на судијката Гордана Спиревска.
Судот најави дека ќе се произнесе во однос на барањето на обвинетиот на следното рочиште, кое е закажано за 26 мај. Со сослушувањето на сведоците што сведочеа денес беше исцрпена листата на сведоци предложени од Јавното обвинителство. На следното рочиште ќе бидат сослушувани сведоците предложени од одбраната.
Основното јавно обвинителството Скопје ги товари браќата Захир и Имер Бекири за повеќе сторени кривични дела: изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа по повеќе ставови од членот 378 и злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, а во врска со пронајдените лични карти и опрема за изработка на фалсификувани лични карти при претресот во домот на обвинетите.
М. С.
СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Новинарот Арсиќ сведочеше, но не го откри идентитетот на пријавувачот