СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Захир Бекири тврди дека нема ниту еден доказ дека фалсификувал лични карти
Захир Бекири во својот исказ пред судот потенцираше дека полицискиот претрес во неговиот дом траел 12 часа, се одвивал под силно полициско обезбедување како во неговото семејство да се најголемите криминалци, а на крајот полицијата му покажала 30 вреќи со запленети предмети кои тој не ги видел, така што не знае што му било одземено, а што му било подметнато.
Откако судот го одби барањето за издвојување на доказите од предметот во кој обвинети се браќата Захир и Имер Бекири, главното рочиште продолжи со сослушување на обвинетите.
Пред судот прв сведочеше обвинетиот Захир Бекири, кој на прашањата од адвокатот Мирослав Вујиќ и од судијката во процесот, Гордана Спиревска, одговараше за случувањата од полицискиот претрес во неговиот дом до почетокот на судењето.
Захир Бекири во својот исказ пред судот потенцираше дека полицискиот претрес во неговиот дом траел 12 часа, се одвивал под силно полициско обезбедување како во неговото семејство да се најголемите криминалци, а на крајот полицијата му покажала 30 вреќи со запленети предмети кои тој не ги видел, така што не знае што му било одземено, а што му било подметнато.
„За време на претресот, кој полицијата ми го најави како налог за претрес за дрога, јас бев многу нервозен и загрижен за мојата мајка која, исто така, беше дома. Не знам што зеде полицијата од мојот дом. Овие предмети кои тука ги покажавте не ги познавам“, рече Захир Бекири и додаде дека бил присилен да го потпише записникот за одземени предмети, што одбил да го стори.
Обвинетиот истакна дека, додека бил на издржување на казната затвор во затворот „Идризово“, добивал закани по неговиот живот и по животот на неговото семејство од страна на високи владини и полициски функционери, доколку не каже дека изработувал фалсификувани лични карти и дека поседува прислушувани разговори кои му ги дале Зоран Заев, лидерот на СДСМ, и Зоран Верушевски, поранешниот разузнавач. Тој никогаш не дал никакво признание кое се изнудувало од него.
Захир Бекири побара од судот да му се суди правично бидејќи ниту еден доказ не докажува дека тој имал каква било улога во фалсификувањето лични карти.
И Имер Бекири, братот на Захир Бекири, пред судот истакна дека не ги видел предметите кои се дел од доказниот материјал одземен од нивниот дом и дека тие не се негови.
„Јас никогаш не сум направил прекршок во животот, никогаш не сум бил казнуван“, рече Имер Бекири.
Захир Бекири е обвинет за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 вв со чл. 22 , три кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 сите од Кривичниот законик, додека, пак, обвинетиот Имер Бекири се товари дека сторил кривично дело изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22 , фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со ст. 1 и две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22.
М. С.
МВР се обиде неовластено да снима во судница на судењето за случајот „Фабрика за афери“
СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Новинарот Арсиќ сведочеше, но не го откри идентитетот на пријавувачот