/ Прочитано:

843

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Одбраната на Санадер бара намалување на бројот на рочишта, не можат да го постигнат темпото кое го наметнаа бројните предмети што се водат против екс-премиерот

Вторник, 5 март 2013 – Главниот претрес беше одложен поради болест на сведокот на одбраната Винко Младинео, поранешниот директор на хрватскиот Фонд за заштита на животната средина. Екс-премиерот Иво Санадер кој е првообвинет во овој процес, а моментално се наоѓа во затворот Реметинец поради првостепената пресуда за обединетиот предмет за случаите „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“, побара од судијата да им се овозможи на неговите бранители посета и надвор од дозволеното време. Одбраната исто така со барање да се намали бројот на неделните рочишта со цел да можат да се припремат за стартот на третиот предмет што наскоро ќе влезе во судница, а се води против Санадер – случајот Планинска.

Иако денеска требаше да сведочи Винко Младинео, кој пак во издвоена постапка е исто така осомничен за малверзации со приватната маркетинг фирма „Фими медиа“, по која и е именуван овој случај, тој денеска од здравствени причини не се појави на рочиштето. Одбраната го повлече предлогот за сведочење на претседателот на Управата на „Кончар“, Даринко Баго од причина што тој не бил на состанокот на владата за кој имале намера да биде сослушан. Судскиот поцес продолжува на 11 март, а Младинео повторно ќе биде повикан да сведочи на 19 март .

Адвокат Слоковиќ: Ние сме веќе година и пол во судница со по три или четири рочишта неделно и сите сме малку  уморни

Во меѓувреме, Санадер на денешното рочиште ја замоли судијката Ивана Чалиќ да им овозможи посета на неговите бранители во Реметинец и по 15 часот – до кога инаку се дозволени посети.

Неговиот бранител, адвокат Јадранка Слоковиќ објасни дека одбраната ја чека многу работа од причина што на повидок е почетокот и на предметот за случајот „Планинска“ каде исто така е обвинет Санадер, оправдувајќи го на овој начин барањето за одобрување на посетите во Реметинец вон дозволеното. Слоковиќ укажа дека наскоро Санадер ќе треба да се појавува на суд три пати неделно што значи тешко припремање на квалитетна одбрана.

„Ние сме веќе година и пол во судница со по три или четири рочишта неделно и сите сме малку  уморни“, ѝ се обрати адвокат Слоковиќ на судијката.

Додаде дека е свесна дека евентуалниот позитивен одговор би можел да значи повластена положба за Санадер во однос на другите притвореници, но укажа дека нема друг притвореник против  кој се водат толку предмети. Потсети дека вакво барање било доставено и до хрватскиот министер за правда, но тој ги одбил со образложение дека посетите се регулирани со Правилник кој е еднаков за сите.

На крајот посочи дека за одбраната се најприфатливи две рочишта неделно.

Судијката Чалиќ на ова одговори дека регулирањето на посетите во затворите не се под нејзина надлежност, но дека ќе размисли дали да направи пауза на судскиот процес со цел одбраната да може да се спреми за случајот „Планинска“ . 

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.