/ Прочитано:

2.148

СУДЕЊЕ „МАЃАР ТЕЛЕКОМ“: Вештите лица потврдуваат дека недостасуваат докази за склучени договори

„И покрај тоа што се работи за специфичен вид на услуга, треба да постои договор кој треба да го изработи фирмата која ја дава услугата и доколку таков договор постои, да го има во документацијата на „Телеком“, а не на Агенцијата за електронски комуникации, но при вршењето на увидот во документацијата на „Телеком“ ние не пронајдовме таков договор“, рекоа вештите лица пред судот.

Судење „Маѓар телеком“

Во Основниот суд Скопје 1 денеска започна судењето за случајот „Маѓар телеком“ кое, поради недостапност на обвинетите Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус,  ќе се одвива во нивно отсуство.

Пред да започне сослушувањето на претставниците на оштетените страни во постапката и вештите лица кои го изработиле економско-финансиското вештачење, адвокатот на Сендреи, Ненад Јаниќевиќ, потенцираше дека Судот нема доставено уредна покана и обвинителен акт до неговиот клиент и побара, освен поканата и обвинителниот акт, на точната адреса на Сендреи во Унгарија да му биде доставен и вештиот наод преведен на унгарски јазик.

„Од увидот во списите на предметот и од податоците од унгарското Министерство за јавна администрација и правосудство се гледа дека поканата и обвинителниот акт биле испратени на валидна адреса која обвинетиот ја имал оставено, но поканата се однесувала на лице Имре Атила Сендреи кој е негов татко и е починат“, рече Јаниќевиќ.

Судење „Маѓар телеком“

Судијата што го води процесот истакна дека според унгарскиот закон за уредно доставени се сметаат и поканата и обвинителниот акт кои биле испратени преку дипломатска пошта преку македонското Министерство за правда бидејќи Сендреи добил покана од унгарското Министерство дека за него има пратка што треба да ја подигне.

Обвинителот во целост остана на обвинението. Потенцираше дека станува збор за пет штетни договори кои се детално прецизирани во обвинението и дека во целост останува на висината на штетата изразена преку оштетените страни.

Полномошникот на „Телеком“, адвокатката Татјана Поповски-Булоски истакна дека таа не е запознаена со содржината со спорните договори кои се предмет на обвинителниот акт и дека како полномошник на оштетените може да се произнесе само за висината на  штетата.

„Произнесувањето во однос на висината на штетата е предмет на корпоративна одлука. Сакам да го известам Судот дека дополнително ќе доставам известување за висината на штетата. Според моите сознанија, овој податок ќе биде познат кон средината на јуни“, рече  Поповски-Булоски.

Адвокатот Јаниќевиќ побара да биде повикан претставник на „Телеком“во понатамошната фаза од постапката, кој ќе може да одговара на прашањата на одбраната.

Судење „Маѓар телеком“

Застапникот на Државното правобранителство на Република Македонија истакна дека се приклучува кон кривичниот прогон на тројцата обвинети и истакна дека отштетното побарување на државата изнесува 942.323,00 евра. Тие истакнаа дека го задржуваат правото во текот на постапката да извршат допрецизирање на отштетното побарување.

На судењето беа сослушани и вештите лица кои го изработиле економско-финансиското вештачење уште во 2010 година. Тие истакнаа дека во целост остануваат на наводите изнесени во вештачењето.

Одбраната прашуваше за договорот за консултантски услуги склучен со фирмата „Чаптекс холдингс лимитед“ за посредување за намалување на таксата за користење на фреквенција,  дали таков договор бил пронајден и како треба да изгледа договор за давање на такви услуги, на што вештите лица одговорија:

Судење „Маѓар телеком“

„И покрај тоа што се работи за специфичен вид на услуга, треба да постои договор кој треба да го изработи фирмата која ја дава услугата и доколку таков договор постои, да го има во документацијата на „Телеком“,  а не на Агенцијата за електронски комуникации, но при вршењето на увидот во документацијата на „Телеком“ ние не пронајдовме таков договор“, рекоа вештите лица пред судот.

Постапката продолжи со сослушување на вештаците.

Случајот „Маѓар телеком“ беше поведен во 2008 година по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи поради злоупотреба на 1,8 милиони евра државни пари од страна на обвинетите. Сендреи, Плат и Кишјакус се товарат за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 став 5, а во врска со став 4 и став 1 од КП.