/ Прочитано:

1.224

СУДЕЊЕ „МУЗЕЈ“: По втор пат одложена седницата на Апелација

Жалбите на обвинетите во случајот „Музеј на Македонија“ и денеска не беа разгледани од второстепениот суд. Јавната седница во скопска Апелација се одложи за 18 јануари поради тоа што досегашниот судија бил прераспределен во друго одделение, а новиот судија не е запознаен со предметот.

Sudenje-muzej-1На ова второ одложување бурно реагираа роднините и адвокатите, бидејќи најголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор речиси 2 години.

„Само со почитување на законите може да се зачува правната држава, а во случајов се случува спротивното. Сите рокови се пробиени, а недостатоци и незаконитостии во делот на постапувањето ги има многу. Распоредот за судиите се прави или на почеток на годината или после годишните одмори. Ова се случува на еден ден пред расправата и зачудува што не му е дадено време на новиот судија да се подготви. Ниту предметите се најдени ниту сторителите, а луѓе се држат во притвор. Ова  преставува казна за нив без тие да се осудени правосилно“, изјави Соња Петрушева, бранител во случајот.

Пред судот, во знак на поддршка, беа собрани колеги на обвинетите, кои тврдат дека на обвинителна клупа се невини луѓе.

Предметот за кражбата на 162 артефакти од Музејот на Македонија се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како  членови на  Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за  противзаконски откуп на монети.

Со првостепената пресуда донесена на 20 март 2015 година од советот на чело со судијката Моника Бахчованска, сите обвинети беа прогласени за виновни и казнети со високи затворски казни. Пресудата предизвика негативни и жестоки реакции во јавноста, особено поради фактот што сторителите на кражбата и предметите до денес не се најдени.