/Прочитано:

3.835

Инфо за предметот

Надлежен суд: Меѓународен кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ)

Бр. на предмет: IT-04-82

СУДЕЊЕ

Почеток: 16.4.2007г.

Судија: Судија Кевин Паркер (претседавач), Судија Кристина Ван Ден Вингерт, Судија Кристер Телин

Обвинител: Дан Саксон, Ниша Валбји, Мерител Регу, Џерард Добин

Обвинети:

  • Љубе Бошкоски - Прогласен за невин
  • Јохан Тарчуловски - Осуден на 12г. затвор

Бошковски и Тарчуловски

Судскиот процес на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски е единствениот од вооружениот конфликт од 2001 година и единствениот од Македонија, кој заврши на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.

Имајќи предвид дека за првпат на македонски функционери им се суди во хашкиот трибунал, станува збор за процес што побуди голем интерес кај стручната јавност.

Во март 2005 година, по истрагата за настаните во Љуботен, Меѓународниот судиздаде обвинение против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски.

Обвинение

На 10 август 2001 година во непосредна близина на селото Љуботен, една нагазна мина со далечинска команда поставена од припадници на ОНА усмрти 8 војници на Македонската армија. Во обвинението на трибуналот е наведено дека на 12 август 2001 година, заради одмазда, припадниците на полициската единица со којашто командувал Јохан Тарчуловски извршиле противзаконски напад на селото Љуботен. Во текот на нападот и како последица на нападот, починале 7 мажи од албанска националност, најмалку 14 куќи биле намерно запалени, а повеќе од стотина мажи од албанска националност, жители на селото, биле притворени и намерно подложени на големи страдања и болки со претепување, понижување, шиканирање и психичко малтретирање. Понатаму, се тврди дека Јохан Тарчуловски наговорил повеќе високи полициски и воени команданти на подрачјето на Љуботен да го поддржат нападот, дека го координирал вооружувањето на редовната и резервната полиција во неговата единица којашто учествувала во нападот и дека командувал со единицата во текот на нападот.

Во врска со Љубе Бошкоски, Обвинителството наведе дека како министер за внатрешни работи, имал целосна надлежност над полициските сили во земјата. Според тоа се тврдеше дека тој знаел или требало да знае дека биле сторени кривични дела. Според обвинението, тој рано попладнето на 12 август 2001 годинина, отишол во Љуботен и наводно се сретнал со полицискате единици под команда на Тарчуловски, ги видел оштетувањата на имотите, и притворените Албанци. Во обвинението се наведува дека тој исто така бил запознаен и со полициските извештаи и известувањата на медиумите за нападот. Обвинителството тврдеше дека Бошкоски не направил ништо да ги казни сторителите и не покренал истрага за настаните.

1. Љубе Бошкоски (министер за внатрешни работи на Македонија од средината на 2001 година до крајот на 2002 година) беше обвинет закомандна одговорност за кривичните дела на неговите подредени во Љуботен. Тој беше обвинет врз основа на лична кривична одговорност од позиција на претпоставен (член 7 (3) од Статутот на меѓународниот суд) за: 

2. Јохан Тарчуловски  (службеник од повисок ранг во службата за обезбедување на Македонија во 2001 година) е осуден врз основа на лична кривична одговорност (член 7 (1) од Статутот на меѓународниот суд) за:

Судскиот процес против  Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски започна на 16 април 2007 година и заврши за една година. На 10 јули 2008 година, Судскиот совет се произнесе со пресудата, ослободувајќи го Бошкоски од сите обвиненија, а Тарчуловски го осуди на 12 години затвор. Одбраната на Тарчуловски се жалеше на оваа одлука, но жалбениот совет ги одби сите основи за жалба и ја потврди казната од 12 години затвор. Претседателот на Меѓународниот суд издаде решение, со кое ја определи Германија за држава во која Тарчуловски ќе ја издржува казната. Јохан Тарчуловски, единствениот хашки затвореник од Македонија.


Коментар

Драган Гоџо, адвокат на Љубе Бошковски

Според ваше толкување на пресудата на трибуналот, дали е дефиниран конфликтот кој што се случи  во 2001 година во РМ, како одбраната го дефинираше во своите поднесоци?

– За да биде трибуналот надлежен да постапува, потребно беше да се утврди постоење на воен конфликт (внатрешен или надворешен). Обвинителството во обвинителниот акт наведе дека во Македонија постоел воен конфликт сметано од месец јануари 2001 до септември 2001 година. Одбраната во приговорот на обвинителниот акт веднаш наведе дека во Македонија немало воен конфликт, туку борба со терористи која не ја зафатила цела територија, ниту пак учествувало цело население. Наведовме дека конфликт помеѓу Македонци и Албанци немало, туку дека имало судири меѓу терористи од една страна и македонски вооружени сили од друга.

Инаку конфликтни ситуации кои не се сметаат за воен конфликт се: побуни, насилни демонстрации, насилни штрајкови, насилни нереди, иако во сите нив може да биде употребена армиска или полициска сила за да се среди ситуацијата и државата да воспостави мир. Наведовме дека немало многу жртви, (околу 200 од двете страни). Нашиот приговор  судот не го отфрли веднаш, но предизвика обвинителството да потроши време, ресурси и докази за да го докаже постоењето на воениот конфликт. По изведување на доказите со снимки, вештаци, воени експерти, набљудувачи и сведоци, судот утврди дека во Македонија имало вооружен конфликт и тоа внатрешен. Тоа беше некој вид претходно прашање. Својот став судот го базираше врз:

  • употреба на големи воени сили;
  • употреба на тенкови;
  • употреба на авиони и хеликоптери;
  • употреба на тешка артилерија / минофрлачи;
  • постоење на две организирани воени структури со командна хиерархија, ознаки, униформи, бригади;
  • етничко чистење на села;
  • голем број раселени лица;
  • фактот што многу македонски генерали напишаа книги на тема или со наслов  „Војната во Македонија“.

Дефиницијата на конфликтот која ја утврди судот во пресудата е за потребите на судскиот спор, што не значи дека историчарите, политичарите или новинарите не можат да го дефинираат поинаку. Поинакви дефиниции можат да се очекуваат во зависност од која националност се гледа.

Дали ваквата дефиниција на конфликтот соодветствува со термините употребувани во сродното македонско законодавство, особено Законот за амнестија или автентичното толкување на Законот?

– Дефиницијата која  ја даде судот нема за цел да биде во согласност со македонското законодавство, но во исто време не е ниту во спротивност со него. Дури и Законот за амнестија повеќе  му помогна на обвинителството и на учесниците од албанска националност отколку на македонската страна.

Како е дефинирана ОНА во пресудите, како терористичка група, група бунтовници, оружена група, борци за слобода, армија или нешто друго?

– Дефинирана е како организирана воена структура, со  централна команда, униформи, ознаки, логистика, бригади, команданти и др.

Кое е официјалното сфаќање на трибуналот за акцијата во Љуботен, акција со намера за пресметка со населението, акција за пресметка со оружена група, бунтовници или армија или нешто друго?

– Судот генерално ја оцени акцијата како легитимна акција на македонската држава, со цел пронаоѓање  и лишување  од слобода на сторители на терористички чин поставување на мина кај Љуботенски бачила.

Дали сметате и зошто сметате дека оваа пресуда е важна за правосудството во Република Македонија?

– Пресудата е многу значајна за македонското правосудство. Пред се од формална страна е пример како треба да изгледа една пресуда. Таа е прегледна и јасна. Иако има 300 страни, може веднаш да се оди  во оној дел кој ти треба. Покрај тоа, од образложението се гледа дека :

  • акцијата во Љуботен била легитимна  акција на македонските безбедносни сили;
  • дека не е докажано постоење на Joint Criminal Enterprise  (JCE), што значи дека нема висок степен на кривична одговорност на повеке учесници;
  • дека кривичната одговорност е лична, а не колективна или на државата (државна);
  • дека за  3 убиства Јохан е ослободен од обвинение, обвинителството за нив не докажа со сигурност дека се заштитена категорија според конвенцијата (цивили или вооружени лица кои го положиле оружјето);
  • во пресудите се гледа дека се применети највисоки стандарди на човекови права, на обвинет во постапка. Такви права кај нас нема и нема да ги има ниту со новиот ЗКП ниту во догледно време.