/Прочитано:

2.482

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд Скопје 1

Бр. на предмет: КОК. Бр. 127/15

СУДЕЊЕ

Почеток: 9 февруари 2016г.

Судија: Верка Петковска (претседавач)

Обвинител: Наум Пановски и Вилма Русковска

„Дива Населба“

На 9 февруари во Основниот суд Скопје 1 започна судскиот процес против 29 лица дел од таканаречената Кумановска група кои се обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај во Дива Населба во Куманово.

По неколкумесечната истрага Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ноември минатата година поднесе обвинение против 29 лица.

Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” од член 394 – а и „Тероризам” од член 394 -б од Кривичниот законик.

Кривичниот суд во декември одржа јавна седница за оценка на обвинителниот акт на која обвинителството и одбраната ги изнесоа своите аргументи во однос на обвинението.

Јавниот обвинител од Обвинителството за организиран криминал, Наум Пановски, презентирајќи го обвинението наведе дека по нападот на караулата Гошинце од 21 април 2015 година полицијата започнала обемна истрага и претреси кои се однесувале на лицата за кои постоело основано сомнение дека учествувале во нападот.

diva-naselba-6

„На 9 мај припадниците на Единицата за специјални задачи постапувале по судска наредба за вршење на претрес во врска со сомнение за кривично дело тероризам, а во врска со нападот на караулата Гошинце. Приближувајќи се кон објектот, врз Единицата за специјални задачи била фрлена рачна бомба, при што биле поврдени дел од пoлицајците. Потоа групата продолжила да пука со автоматско оружје и снајпери, а борбите траеле цела вечер и другиот ден. Следниот ден вечерта групата била приведена, притоа 18 од нив носеле униформи на УЧК“, наведе застапникот на обвинението.

Од ваквиот краток приказ на доказите произлегува дека обвинетите се сторители на кривичните дела и предлагаме Судот да го прифати обвинението, истакна Пановски на јавната седница.

Сите 29 обвинети за кумановските случувања, пак, рекоа дека не се чувствуваат виновни. Според одбраната, која не негира дека имало вооружена група, предметот треба да се предаде на специјалната обвинителка, бидејќи мотивот, како што велат, не е тероризам, а обвинетите се жртви на друго сценарио.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива Населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група. Според официјалните информации, меѓу загинатите се и Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, кои исто така наводно биле едни од водачите на групата.

Тек на постапката