/Прочитано:

2.892

„ЛИКВИДАЦИЈА“: Завршен збор на бранителот Филип Медарски за Томислав Кежаровски

Случај: „Ликвидација“ Завршен збор: Филип Медарски, бранител на четвртообвинетиот Томислав Кежаровски


 

Оценката дали обвинетиот Томислав Кежаровски е сторител на делото за кое се терети со предметното обвинение во голема мера ќе зависи од анализата на двата изведени писмени докази и тоа текстовите објавени во печатената публикација Репортер 92 и тоа под бр.6 од 20.11.2008 г. и бр.7 од 04.12.2008 г. Притоа, судот ќе треба со ваквата анализа да утврди дали навистина со објавување на овие текстови обвинетиот Томислав го има откриено идентитетот на заштитениот сведок во случајот Ореше. Со ваквата анализа сметам дека апсолутно не може да се утврди дека идентитетот на зашитениот сведок е откриен, а тоа од следните причини:

Во првиот објавен текст од 20.11.2008 г. се изнесени следните податоци кои што евентуално може да се третираат како откривање на идентитетот, тоа е дека сведокот е лице со големо криминално досие, кое во моментот на објавување на текстот се наоѓал во затворот во Шуто Оризари за сторено разбојништво. Додека во вториот текст и тоа од 04.12.2008 година дека се работи за лице именувано како штипјанецот Златко, како и дека ова лице согласно записникот кој што е објавен во овој текст извесен период коритело одреден телефонски број.

Од вака објавените податоци, апсолутно не може да се открие идентитетот на лицето, лицето ниту е родено во Штип, ниту пак живее во Штип, така што вака употребената формулација во самиот текст не само што не оди на линија на откривање на идентитетот, туку упатува во погрешна насока во поглед на откривање на неговиот идентитет. Доколку навистина идентитетот на овој заштитен или во тој момент загрозен сведок, поточно е навистина откриен со овие објавени текстови, зошто на ова лице формално му се дава статус на заштитен сведок многу подоцна, односно во 2010 година и зошто тоа лице во постапката која што се води во Основниот суд Велес е сослушувано со ваков статус подолг период по објавување на предметните текстови?

Притоа, фактот дека ова лице формално добива статус на заштитен сведок во 2010 г. се утврдува како со неговиот исказ во претходна постапка, така со исказот на сведокот Звонко Давидовиќ во тек на главниот претрес. Спротивно на тврдењето на обвинителството изнесено во завршниот зборови дека од дел од транскриптите за прислушувани разговори со применување на ПИМ мерки на определени лица може да се заклучи дека идентитетот на сведокот им бил познат по објавување на текстовите и дека истите се обиделе да влијаат на неговиот исказ со анализа на овие транскрипти апсолутно не може да се дојде до ваков заклучок, посебно во делот дека има обиди за влијание на овој сведок, бидејќи доколу навистина тоа беше случај, обвинети ќе беа евентуално други лица за друго кривично дело.

При анализа на овие текстови може да се утврди уште еден факт што исклучително битен, а тоа е фактот дека идентитетот на овој заштитен сведок бил „пробиен“ уште пред објавување на овие текстови и пред неговото распрашување во својство на загрозен сведок од страна на истражниот судија, во самиот записник чија што страна 4 интегрално дадена во текстот може да се утврди дека во самиот затвор има определени упатени закани кон него поради фактот што истиот треба да сведочи во постапката за случајот Ореше.

Од друга страна доколку и се земе дека навистина е откриен идентитетот од страна на обвинетиот Томислав со објавување на предметните текстови во конкретниот случај недостасува еден елемент на кривичното дело за да постои кривична одговорност на обвинетиот Томислав. Имено, од начинот на формулирање на кривичното дело во ставот 1 од чл.42 од Законот за заштита на сведоци може да се утврди дека за постоење на ова кривично дело се потребни 2 елементи и тоа 1: елементот на откривање на идентитетот на сведокот и второ елементот на загрозување на животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или името од поголем обем на овој сведок или на нему блиско лице. Во конкретниот случај, во предметното обвинение е паушално наведено дека спротивно на Законот е оддаден вистинскиот идентитет на загрозениот сведок што можело да го загрози неговиот живот, здравјето, слободата или физичкиот интегритет.

Најпрво, ваквата формулација на описот на дејствијата на обвинетиот Томислав е спротивна на она што е пропишано во чл.42 и постои и семантичка и логичка разлика во поглед на описот во овој дел и законската формулација. Значи не се бара откривање што би можело да го загрози, туку се бара загрозување за постоење на кривичното дело. Доколку законодавецот сметал дека требал да го санкционира секое откривање на идентитетот не би го формулирал кривичното дело на овој начин. Тргнувајќи од тоа дека објект на заштита кај ова кривично дело е пред се животот, здравјето, слободата физичкиот интегритет или имотот од поголем обем на сведокот или нему блиско лице, законодавецот свесно го внел овој елемент во законската дефиниција на кривичното дело.

Покрај тоа што описот на кривичното дело не одговара со законската формулација од чл.42 од Законот за заштита на сведоци од изведените докази, во тек на претресот од ниеден доказ не произлезе дека постоело било какво загрозување, напротив од изведениот писмен доказ односно нотарски дадената изјава од заштитениот сведок се утврди дека не постоело никакво загрозување.

Во конкретниот случај судот при одлучувањето дали постои кривична одговорност кај обвинетиот Томислав мора да има во предвид уште еден аспект на случајот кој што е исклучително битен, а тоа е околноста дека обвинетиот се терети за два објавени текста како новинар и дека самото водење на оваа постапка во која што истиот се наоѓа во притвор и евентуалната осуда за кривично дело ќе значат директно ограничување на слободата на изразување, заштитена како со чл.10 од Европската конвенција за човекови права, така со чл.16 од нашиот Устав.Кое е значењето на слободата на изразување во вакви или слични ситуации може да се увиди со анализа на слични случаи од праксата на Хашкиот трибунал каде што новинари со текстови го имаат откриено идентитетот на заштитениот сведок, и тоа не на начин на кој што според наводите од обвинението го има сторено обвинетиот Томислав, туку со име, презиме и адрса на заштитениот сведок.

Така во случајот на Батон Хаџиу, новинар од Косово, со пресуда од 24 Јули 2008 година е казнет со парична казна во висина од 7000 евра, новинарите Ивица Маријачиќ и Маркица Ребиќ со пресуда од 10 Март 2006 г. се казнети со парични казни од по 15000 евра, а новинарот Домагој Маркетиќ со пресуда од 07 Февруари 2007 г. е казнет со казна од 3 месеци затвор и парична казна од 10000 евра.

Значи највисоката казна за новинар кој што го открил идентитетот на заштитениот сведок и тоа во многу сериозни случаи на воени злосторстава коишто се судени од страна на Хашкиот трибунал е 3 месеци затвор, додека до овој момент обвинетиот Томислав е во притвор подолго од 4 месеци.

Во контекст на одлучувањето и на претходно изнесеното судот ќе мора во предвид да ја има и праксата на судот на судот за Европски права во Стразбур кои што во повеќе пресуди ја потенцираат важноста на медиумите во демократскиот, политички процес. Така, уште во 1979 година во пресудата Сандеј тајмс против Обединетото кралство судот ја потенцира ваквата важност на печатот , при што печатот и медиумите ги окарактризирува како куче чувар на јавноста кои што се витални за демократскиот политички процес. Во поглед на определувањето на затворска казна за новинар за дело извршено преку печат, референтна е пресудата Кумпања и Мазаре против Романија од 2004 г. каде судот во Стразбур го поставува следниот стандард: наметнување на затворска казна поради дело сторено преку печат ќе биде компатибилно со слободата на изразување на новинарите само во исклучителни околности, особено кога други основни права се сериозно загрозени, како што е случај со говорот на омразата или поттикнувањето на насилство, во конкретниот случај како што веќе потенцирав не постои никакво загрозување на евентуално загрозениот сведок, ниту пак има говор на омраза или поттикнување на насилство во текстовите објавени од страна на обвинетиот Томислав. Напротив во нив постои силна критика за определени состојби во Министерството за внатрешни рботи што несомнено е тема од јавен интерес.

Во контекст на ова секаква осуда на обвинетиот Томислав ќе значи повреда на неговата слобода на изразување која што сигурно еден ден ќе биде предмет на оценка на судот за човекови права во Стразбур. Поради сето наведено предлагам обвинетиот Томислав да биде ослободен од обвинение, од причина што не се докажа дека истиот е сторител на кривичното дело за кое се терети, односно од пирчина што кривичното дело опишано во предметното обвинение, не е кривично дело по закон поради непостоење на сите елементи од истото.