Ново рочиште за насилствата пред Општина Центар
Во овој предмет се обвинети 14 лица: поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната пратеничка Даниела Рангелова и уште единаесет други лица. Според обвинението, Груевски во овој случај е нарачател на насилството, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на Општинскиот совет.
Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска треба да продолжи судскиот процес за насилните протести пред Општина Центар. Во овој предмет се обвинети 14 лица: поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната пратеничка Даниела Рангелова и уште единаесет други лица. Според обвинението, Груевски во овој случај е нарачател на насилството, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на Општинскиот совет.
На минатото рочиште, кое се одржа на 22 февруари, судијката Татјана Михајлова го прекина рочиштето, откако ги казни обвинителките од Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и Фатиме Фетаи со по 2.000 евра поради непочитување на судот.
По овој настан, судијката Михајлова поднесе претставка до Советот на јавни обвинители, а вчера претседателот Петар Аневски изјави дека Советот се состанал и заклучил дека Фетаи и Јанева го прекршиле Етичкиот кодекс на јавните обвинители.
„Двете обвинителки го прeкршиле кодексот и наша препорака до нив е да се назначи нов јавен обвинител во конкретниот случај“, истакна Аневски, нагласувајќи дека ќе побара случајот за насилствата во Општина Центар да го водат други обвинители.
Инаку, на рочиштето што се одржа на 16 декември минатата година, судијката Михајлова ги отфрли како докази прислушуваните разговори од т.н. политички бомби, со образложение дека со нив се кршеле човековите права.
Специјалното јавно обвинителство на почетокот на март ја обжали оваа одлука пред Апелациониот суд, но сѐ уште нема одлука за жалбата.
А. Б.