/Прочитано:

2.308

Обвинетите не се терористи и предметот е политички мотивиран, велат адвокатите во воведните зборови за „27 април“

Адвокатите на обвинетите во судењето за настаните во Собранието од 27 април минатата година во своите воведни зборови истакнуваат дека обвинетите кои ги застапуваат не се терористи и не сториле никакво кривично дело, а најмалку тероризам и уривање на уставниот поредок.

Адвокатите ги негираат обвинението и тврдењата на Обвинителството, од каде што, пак, велат дека има докази со кои ќе се потврдат наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Од одбраната, исто така, нагласуваат дека ќе докажат дека обвинетите не се виновни, за што исто така има цврсти докази. Дел од адвокатите нагласуваат дека се работи за политички мотивиран случај.

Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Игор Дурловски, Владо Јовановски, Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Радулов, Илија Славковски, Јане Ченто, Митко Чавков, Елена Доцевска, Абдуљафет Алими, како и пратениците: Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов се дел од обвинетите во случајот за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Адвокатот Рубин Двојаков во својот воведен говор истакна дека Борис Дамовски како режисер припаѓа на уметничката, а не на криминогената фела и дека има значен креативен и творечки опус. Адвокатот Двојаков нагласи дека очекува фер судење и ослободителна пресуда.

Сања Алексиќ, адвокатка на Богдан Илиевски-Бетмен, истакна дека одбраната со предложената листа на докази ќе докаже дека обвинетиот не го сторил делото, туку ги остварувал своите права.

Богдан Илиевски, подвлече адвокатот Донче Наков, е успешен архитект од правничко семејство и познат колумнист, но никако насилник. Во иницијативниот одбор на „За заедничка Македонија” 65 дена не дозволил да се случи ниту еден инцидент.

Владо Јовановски, нагласи адвокатот Наков,  е успешен уметник и семеен човек.   Патриот и емотивен човек, но никако терорист. Јовановски, додаде адвокатот Наков, не повикувал на насилство, туку пеел патриотски песни, а во собраниската сала рецитирал песна од Блаже Конески.

Ставре Џиков, исто така адвокат на актерот Јовановски, посочи дека обвинетите се жртви на политички прогон. Обвинението, нагласи Џиков, не е конструирано во Обвинителството за организиран криминал и корупција, туку е конструирано во некои  други простории.

Адвокатот на обвинетиот Иван Цветановски, Драган Пешевски, нагласи дека Обвинителството за истото дело досега дало четири различни правни квалификации. Според Пешевски, Обвинителството имало доволно време да ги квалификува овие настани и лошо си ја завршило својата работа.

Тони Менкиновски, адвокат на Горанче Ангеловски, посочи дека не ги добил навреме обвинителниот акт и доказите. Адвокатот рече дека во себе го има полномоштието како бранител, и го напушти рочиштето, нагласувајќи дека за тој чин ќе го информира комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Адвокатката на обвинетиот Јане Ченто, Валентина Тодоровска, рече дека Јане не го сторил кривичното дело што  му се става на товар, додека пак адвокатот на Игор Југ, Сашо Јанев, рече дека Југ влегол во Собранието за да го одбрани Уставот, да го спречи неуставниот избор на претседател на Собранието на Република Македонија, да спречи пуч и пеење химна на туѓа држава.

Сашко Христовски-Липски, адвокат на Стефан Младеновски, на Михаил Младеновски и на Захарие Симовски, рече дека овој судски случај е политички мотивиран и дека „целата политика“ му ја остава на Обвинителството.

Според  Донче Наков, адвокат на Љубен Арнаудов, на Богдан Илиевски,  на Владо Јовановски и на Абдуљифета Алими, обвинетите извршиле вербален тероризам, но не и практични терористички дејствија, односно тероризам со зборови, а не со дела.

Адвокатот Наков во воведниот говор пред судот нагласи дека ќе докаже дека ниту еден обвинет не презел општо опасно дејствие или чин на насилство и дека кај нив не постои ниту намера, ниту умисла за сторен тероризам.

Љубен Арнаудов, нагласи Наков, е пратеник избран од мнозинството граѓани,  гинеколог со над 15.000 породувања и со импозантна кариера од 37 години. И после една таква кариера, истакна адвокатот, наеднаш формира умисла за терористички акт.

За Абдуљфета Алими рече дека е полицаец кој му го спасил животот на пратеникот Зијадин Села. За овој човек, рече Наков, жртвата во настанот – пратеникот Зијадин Села, како гаранција ја даде својата куќа.

Мотивот за сторување на кривичното дело тероризам, според обвинението, е наводното спречување на избор на претседател на Собранието, а следствено на тоа обвинетите се гонат за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста и уставниот поредок“.

Адвокатот Наков образложи дека намерата не се остварила бидејќи избраниот претседател Талат Џафери е назначен на функција и сѐ уште е актуелен собраниски спикер. Тврдењето дека четворицата обвинети што ги застапува не сториле тероризам бранителот го поткрепи и со фактот дека ниту еден од овие обвинети досега не е осудуван.

Еленко Миланов, адвокат на Игор Дурловски, на Мунир Пепиќ и на Љупчо Димовски, во својот воведен збор нагласи дека тие не се винови и дека немаат сторено никакво кривично дело.

Миланов запраша дали присуството на граѓани во Собранието без никаков акт на насилство може да се третира како обид за уривање на уставниот поредок. Адвокатот Миланов нагласи дека Љупчо Димовски не презел никакво дејствие, дека не дал наредба да се отворат вратите на Собранието, туку тоа што гестикулирал со рацете го правел постојано, односно махинално гестикулирал. Игор Дурловски воопшто не бил во групата што се движела и влегла во Собранието, туку дошол половина час по упадот и никого не поттикнувал на насилство. Бил само во пленарната сала, каде што немало насилство.

Миланов подвлече дека Пепиќ воопшто не бил во салата 3, туку дека како вработен во Агенцијата за разузнавање следел едно лице кое влегло во Собранието. Ќе докажеме, истакна Миланов, дека неговото движење е во насока на следење на лицето.

Адвокатот на Митко Чавков, Сашо Дукоски, во воведниот говор рече дека Чавков дал наредба за упад на полициските сили во Собранието и за употреба на шок-бомби и е заслужен за формирањето полициски кордон за извлекување на пратениците од Собранието во оклопно возило и транспорт во касарната во Ѓорче Петров. На тој начин, истакна Дукоски, им ги спасил животите. За ова, додаде Дукоски, Чавков треба да биде награден, а не да се казни

„Како е избран Чавков за најголем црн ѓавол кој сакал да го загрози уставниот поредок, а другите двајца, сребрената и бронзената команда, да бидат изземени? Според Упатството за овие команди, и министерот за внатрешни работи можел да даде наредба за влегување на специјалните полициски сили во Собранието. Чавков, наводно, не му кревал на високозагрижениот министер Агим Нухиу цели два часа, замислете. Нухиу доаѓа во 19:25 часот во оперативниот штаб, Чавков во 20:00 часот на 27 април лани. Од записникот од штабот ќе се види дека давал континуирани наредби цело време и на крај организирал кордон за извлекување на пратениците”, рече адвокатот Дуковски во својот воведен говор.

Адвокатот Звонко Давидовиќ истакна дека во ниеден документ нема доказ дека Душко Лазаров имал командна одговорност. Лазаров на 27 април бил дежурен, а таму бил и министерот Агим Нухиу, кој не дал наредба. Зошто, праша адвокатот Давидовиќ, Нухиу го нема во обвинението?

Пред почетокот на расправата, адвокатката на Митко Пешов, Павлина Зефиќ, побара од судот да реагира до затворот бидејќи притворените се испраќаат на судење без храна и вода.

Обвиненија за настаните во Собранието