/Прочитано:

1.892

Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ не се чувствуваат виновни

Обвинетите за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, на денешното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни.

Во овој предмет, за кој се води судски процес, обвинети се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Во воведниот говор  обвинителката  Вилма Русковска истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Адвокатите на обвинетите во судењето истакнуваат дека обвинетите кои ги застапуваат не се терористи и не сториле никакво кривично дело, а најмалку тероризам и уривање на уставниот поредок. Процесот, нагласија дел од адвокатите во своите воведни говори, е политички мотивиран. Во таа насока, адвокатите ги негираат обвинението и тврдењата на Обвинителството и нагласуваат дека ќе докажат дека обвинетите не се виновни, за што исто така има цврсти докази.

Претседател на судечкиот совет е судијката Добрила Кацарска. Судскиот процес продолжува на 31 август, со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството. Како сведоци повикани се Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.

Обвинетите не се терористи и предметот е политички мотивиран, велат адвокатите во воведните зборови за „27 април“

Обвиненија за настаните во Собранието