Основен кривичен суд Скопје: „Организатори 27 – ми април“
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ 04.04.2023
Имајќи го во предвид соопштението на Апеалциониот суд Скопје во однос на одлуката за предметот во јавноста познат како „Организатори 27 – ми април“, Кривичниот суд смета дека:
- Апелациониот суд Скопје, можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или неприментат на Законот за амнестија, како што е наведено во нивното соопштение, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката сосотјба, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување. Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има во предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас.
- Апелационите судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат Законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за Европскиот напредок.
- Сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд, се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред се од Министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите „добронамерни“ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука.
- Сосема на крај, во правец на изјавата на Министерот за правда, како суд ги повикуваме медиумите и стручната јавност да анализираат каде и заради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.
Со почит Основен кривичен суд Скопје.