/Прочитано:

1.903

Пресуда за случајот „Монструм“

Судот ги прогласи за виновни и им одреди доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, a единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од 9 години за обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.

За обвинетиот Сами Љута се одбива обвинението поради откажување на јавниот обвинител.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, заедно со судијата Осман Шабани и тројца поротници, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Во името на граѓаните, по советување и гласање Основниот кривичен суд Скопје, како првостепен кривичен суд ја донесе следната пресуда:

„Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се прогласуваат за виновни дека го сториле кривично дело ‘тероризам’ од член 394б став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, ги осудува на казна доживотен затвор. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ се прогласува за виновен дека го сторил кривично дело ‘тероризам’ од член 394б став 1 во врска со член 22 од КЗ и го осудува на казна доживотен затвор. Обвинетиот Хаки Азири се прогласува за виновен за две кривични дела ‘помагање на сторител во извршено кривично дело’ по член 365 став 2 во врска став 1 од Кривичниот законик, па за секое кривично дело судот го осудува од по пет години затвор и го осудува на единствена казна затвор од девет години. Обвинетиот Фејзи Азири се огласува виновен за две кривични дела ‘помагање на сторител во извршено кривично дело’ по член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, и за секое кривично дело го осудува на единствена казна затвор од 15 години“, изјави судијата Осман Шабани.

Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство на Косово и им се судеше во отсуство.

Обвинителката Фатиме Фетаи од Судот побара да им одреди мерка притвор на неправосилно осудените Хаки и Фејзи Азири поради опасност од бегство.

„Заедничко за сите обвинети е околноста што постои опасност од нивно бегство, а првообвинетиот Алил Демири и второобвинетиот Африм Исмаиловиќ веќе девет години и се во бегство, за обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ нема ниту потреба, за нив постои решение за определување на мерка притвор“, рече Фетаи по соопштувањето на пресудата од страна на Судот.

По советување, Судот донесе одлука предлогот на ЈО да се уважи и на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Фејзи Азири им се определува мерка притвор до отпочнување на издржување на казната затвор, односно до правосилност на пресудата.

Обвинетиот Фејзи Азири пред судот ги повика јавниот обвинител Љубомир Јовески и јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска да го посетат во затворот во Шуто Оризари да им предложи докази за нарачателите на убиството, за организаторите на убиството во овој предмет и за помагачите, со име и презиме и со прецизни докази.

„Доколку во рок од десет дена не ме повика во ЈО или не ме посети да го пријавам случајот, ќе ги дадам доказите на јавноста, на странските амбасади и на меѓународната заедница за да се утврди точно кој е нарачател и извршител на убиството“, рече Азири.

Во претходна постапка за убиството на  момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 година го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети. (MИА)

Кривичниот суд определи мерки притвор во предметот „Монструм“

Соопштение на Кривичниот суд во врска со предметот „Монструм“

Врховниот суд ги укина првостепената и второстепената пресуда за предметот „Монструм“

Обвинителството бара укинување на пресудите и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување

Врховниот суд го комплетирал предметот „Монструм“. Се очекува закажување на јавна седница за разгледување на жалбите

АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ПРЕСУДАТА ЗА „МОНСТРУМ“: Доживотeн затвор за шестмина обвинети

„МОНСТРУМ“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА: Укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење, бара одбраната

ПРЕСУДА: По три години затвор за шестмина обвинети за насилните протести за „Монструм“

Сведоци на одбраната го потврдија алибито на обвинетите за насилните протести за „Монструм“…..

„Монструм“