Пресуда за случајот со малиот Алмир

Во Основниот суд во Куманово денеска беа изречени пресудите на обвинетите во случајот со прегазувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово. Судот му изрече 6 години затворска казна на 30-годишниот Бобан Илиќ, кој со своето возило на 25 јуни 2016 година го усмрти четиригодишниот Алмир Алиу. Кумановскиот суд им изрече и казна затвор од шест до девет месеци на Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу.

Првично, Илиќ беше обвинет за кривичното дело Убиство, предвидено во членот 123 ст. 2 т. 3 од КЗ на РМ, кое подоцна беше преквалификувано во тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Преквалификацијата на делото предизвика реакции во јавноста. Четворица јавни обвинители од Јавното обвинителство на РМ испратија соопштение до јавноста во кое известуваат дека се против одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово и Основниот суд во Куманово да се преквалификува делото во случајот со смртта на малиот Алмир.

Во врска со соопштението на обвинителите, републичкиот јавен обвинител истакна дека јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и процени, од притисокот на јавноста или политиката.