/Прочитано:

3.863

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд 1

Бр. на предмет: К.Бр 3606/12

СУДЕЊЕ

Почеток: 20.03.2013.

Судија: Судија Гордана Спиревска (претседавач)

Обвинител: Снежана Бундалевска

Обвинети:

  • Васил Тупурковски
  • Јован Андонов

„Тајвански кредити“

Предметот за случајот „Тајвански кредити“ се водеше против поранешниот лидер на „ДА“ и ексдиректор на Агенцијата за обнова и развој Васил Тупурковски и неговиот заменик Јован Андонов – Реган. Обвинителството ги товареше за злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.З вв со ст.1 вв со чл. 22 и чл. 45 од КЗ., односно дека со одобрување на средства (договори кои биле склучени со 8 фирми) од тајванските кредити ја оштетиле државата за 172. 304.092 милиони денари. Откако Апелациониот суд ја укина по вторпат пресудата за обвинетите, на 22 март, 2013 година по само едно рочиште на кое странките останаа на она што беше изнесено во претходната постапка,  Основниот суд Скопје 1 донесе нова ослободителна пресуда за Тупурковски и Андонов. По шест години од отпочнувањето на судскиот процес, Апелациониот суд ја потврди ослободителната пресуда. 

Развој на судскиот процес по хронолошки редослед

Со обвинителниот акт КО. Бр. 24/05 од 4.12.2007 година  застапуван од  јавниот обвинител Вилма Рускоска :

  • Тупурковски беше обвинет дека „во својство на службено лице, директор на Агенцијата за обнова и развој при Владата на Република Македонија во периодот од 6.09.1999 година до 25.10.1999 година со искористување на своето службено овластување со намера за друг да прибави имотна корист во значителен износ од кредитот што Владата го добила од Меѓународната комерцијална банка на Кина од Таипеи, Тајван „на повеќе правни субјекти префрлил девизни средства во вкупен износ од 172.304,092,00 денари, на начин што склучил 8 договори за одобрување на девизен кредит“.
  • Јован Андонов беше обвинет дека за  фирмата „Алмако Вино Био“ прибавил имотна корист во значителен износ.
  • Кредитите биле доделени за отприлика два месеца, во периодот од 9 септември до 25 октомври 1999 година. Обвинетите за цело време тврдеа дека се невини. Сепак, Обвинителството остана на тврдењето дека парите од тајванскиот кредит биле доделувани без гаранции дека ќе бидат вратени.

По една година колку што траеше судскиот процес, советот на чело со судијата Јани Нича во целост го прифати обвинението и го осуди Васил Тупурковски на казна затвор во траење од 3 години и надомест на штетата на Република Македонија во износ од 89.008.917,00 денари.Со истата пресуда Јован Андонов беше осуден на казна затвор од 2 години. Андонов и Тупурковски солидарно беа осудени да го надоместат износот од 61.992.398,00 денари на Република Македонија и да ги платат трошоците за кривичната постапка. Одбраната се жалеше до повисокиот суд, по што предметот беше вратен на повторно одлучување. Апелациониот суд ја укина  пресудата на Основен суд Скопје 1 поради утврдување на повреди во постапката. Жалбата на ЈО за  гонење на организиран криминал и корупција беше отфрлена како беспредметна. Со читање на измените во Обвинителниот акт со кој Тупурковски и Андонов овој пат беа гонети само за злоупотреба на службената должност, на 2.6.2011 година во основниот суд Скопје 1 судењето стартуваше повторно.

Тупурковски и неговиот бранител, адвокат Светлана Савиќ (фото: akademik.mk)

Судењето кое овој пат и беше доделено на судијката Гордана Спиревска по нешто повеќе од половина година финишираше со ослободителна пресуда за Тупурковски и Андонов. Ваквата одлука е донесена врз основа на образложение дека немало докази за да се докаже обвинението од ЈО. 11 месеци подоцна, Апелациониот суд Скопје во совет составен од судиите Катерина Оровчанец, претседател на советот, Гордана Сајковска и Африм Фидани, членови на советот ја уважија жалбата на Основното јавно обвинителство и ја укина првостепената пресуда со образложение дека истата била  нејасна, неразбирлива и противречна сама на себе.

Јован Андонов – Реган (фото: akademik.mk)

– „Судот го разгледа жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од чл.381 ст.1 т. 11 од ЗКП, па оцени дека истиот е основан со оглед да обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, па како таква е неподна за испитување и извршување.

Основан е жалбениот навод дека, имајќи ја во предвид изреката на обжалената пресудата, каде што првостепениот суд навел дека обвинетите ги ослободува од обвинението согласно чл.368 т.З од ЗКП, и образложените причини за решителните факти, постои противречност, по кој основ првостепениот суд ги ослободил обвинетите од обвинението. Имено, дали во конкретниот случај при образложувањето на својата одлука, преку причините кои ги навел, судот смета дека во дејствијата на обвинетите не се содржани битните елементи на кривичните дела кои им се ставаат на товар или дека согласно изреката не е докажано дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар, правејќи ја на ваков начин пресудата нејасна, неразбирлива и противречна на самата себе“, стои во пресудата на Апелациониот суд Скопје.

На јавната седницата што се одржа на 15 ноември 2012 каде беше образложена жалбата на обвинителството, одбраната во целост остана на првостепената ослободителна пресуда и побара од судот да се потврди истата.

Бранителот на Тупурковски, адвокат Светлана Савиќ на јавната седница истакна дека останува во целост кон поднесениот одговор на жалбата и наводите во истиот и предложи жалбата на Основното јавно обвинителство да се одбие како неоснована и да се потврди првостепената ослободителна пресуда. Според Савиќ она што можело да се забележи во текот на постапката е дека судот го зголемил стручниот тим, сослушал сведоци експерти за банкарско работење и врз основа на изведените докази правилно утврдил дека обвинетиот не го сторил кривичното дело кое му се става на товар. Таа појасни дека Агенцијата била владино тело и не е основан наводот дека владата не знаела за земените кредити. По однос на пропустите на банката, Савиќ посочи дека судот сослушал голем број на вешти лица и од нивните искази правилно утврдил дека обвинетите не ги сториле кривичните дела.

– „Банката работи во свое име и врз основа на склучените договори помеѓу Агенцијата и Банката е должна да ги следи и да ги почитува одредбите од истите договори“, посочи на јавната седница адвокат Светлана Савиќ.

Тупурковски на јавната седница истакна дека се согласува со одбраната дадена од страна на неговиот бранител додавајќи дека обвинението е нејасно и дека во истото не е точно утврдено за што точно се обвинува. Како што посочи, во текот на целата постапка е утврдено дека тој не давал кредити и дека со своите дејствија не извршил никакво кривично дело.

Бранителот на обвинетиот Јован Андонов, адвокат Васил Георгиев на јавната седница истакна дека во целост останува кон поднесениот одговор на жалба и наводите во истиот, додавајќи дека двајцата обвинети пред настапување на доспеаноста на побарувањата, функциите кои ги имале им престанале, па оттука следува дека тие не знаеле и не можеле да знаат што се случувало поиатаму. Адвокат Георгиев посочи дека првостепениот суд направил вештачење и според тоа вештачење се утврдило дека обвинетите ги немаат сторено кривичните дела.

На 22 март, 2013 година по само едно рочиште на кое странките останаа на она што беше изнесено во претходната постапка,  Основниот суд Скопје 1 донесе нова ослободителна пресуда за Тупурковски и Андонов.

На 13 декември 2013 година, второстепениот суд донесе одлука со која ја потврди ослободителната пресуда за обвинетите.

>> Потврдена ослободителната пресуда за „Тајвански кредити“

>> ПРЕСУДА „Тајвански кредити“:  Oслободителна пресуда за Тупурковски и Андонов

>> СУДЕЊЕ „Тајвански кредити“: Во петок, на 22 март, нова пресуда за Тупурковски и Андонов