/Прочитано:

255

Вкупно 52 години казна затвор за убиството на ракометарот Тот

Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска ги огласи за виновни обвинетите во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека, на обвинетиот Андреј Костовски 16 години за сторено кривично дело „убиство“.

Судскиот процес го води судијката Елена Илиевска Јосифови.

Во овој процес, Основното јавно обвинителство – Скопје ги гони обвинетите за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Во текот на доказната постапка, обвинетите, најпрво, изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинителството потоа изведе докази кои се однесуваа на обвинителниот акт. Се изведоа материјални докази помеѓу кои беа и видео-снимката од конкретниот настан, сведоштва на очевидци на настанот како и вешти лица од областа на судската медицина и психијатријата.

Одбраната во текот на доказната постапка, преку изведените докази и изјави за медиуми, алудираше на преквалификација на делото, бидејќи, според нив, во кривичното дело „убиство“ за кое се обвинети обвинетите, недостасува умислата. Тие, исто така, испрашуваа очевидци на настанот, како и вешти лица од областа на психијатријата и психологијата, а на нивен предлог сведочеа и лекарите кои го лекувале оштетениот Денис Тот по приемот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.

По завршувањето на доказната постапка, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна, додека, одбраната и обвинетите, ослободителна пресуда.

Извор: МИА