/ Прочитано:

2.673

Судии, адвокати и обвинители на работилница за теми поврзани со специфични аспекти од кривичната постапка

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје,  организираше работилница на теми поврзани со специфични аспекти од кривичната постапка, на која  присуствуваа судии, јавни обвинители и адвокати.

На работилницата воведни обраќања имаа судијката Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, и Алфредо Стриполи, раководител на Отсекот за владеење на правото, Мисија на ОБСЕ во Скопје.

Предавачи на работилницата беа д-р Марин Мрчела, судија во Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа, д-р Лаура Валковиќ, адвокат од Загреб, и м-р Ненад Савески, судија на Основен суд Скопје 1 и обвинителот д-р Тодор Витларов.

Предавачите говореа за значајни теми од областа на кривичната постапка, со посебен фокус на улогата на јавниот обвинител во претходна постапка (предистражна и истражна) и на улогата на судот во доказната постапка и постапка по жалба.

Во таа насока, на настанот се говореше за пристапот на одбраната до доказите на јавниот обвинител во предистражна и истражна постапка, испитувањето на сведок од страна на јавниот обвинител во предистражна постапка, улогата на судијата во претходната постапка, определување на мерката притвор – основи и предизвици од практиката и улогата на судијата при обезбедување и одземање на предмети – случаи од практиката.

На работилницата стана збор и за судската контрола над законитоста, што треба да направи судот при недозволени прашања од страна на странките; ефективно одлучување по приговори; прашања кои може да ги постави судот во текот на главната расправа и сл.; постапка по жалба, редовна и скратена постапка; јавна наспроти затворена седница во постапка по жалба и главна расправа по жалба пред второстепениот суд. Воедно, на денешната работилница беа презентирани  случаи од практиката и размена на искуства.

М.В