/ Прочитано:

956

Судии на Управниот и Вишиот управен суд на семинар за Праксата на ЕСЧП и принципот на невраќање

Петок, 21 декември 2012 – Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и претставништвото на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје, денеска и утре во Маврово ќе се одржи семинар на тема „Правото за бегалци и практиката (Праксата на ЕСЧП и принципот на невраќање)“.

Семинарот е наменет за судиите на Управниот суд и Вишиот управен суд, а ќе бидат поканети и претставници на највисоките правосудни институции, високи претставници на Министерството за внатрешни работи, како и претставници од  Одделението за азил  при МВР. Целта на семинарот е да се промовира заедничката соработка заснована на Меморандумот за разбирање, кој беше потпишан помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и УНХЦР, како и да се презентира поновата судска пракса на Европскиот суд за човекови права во предметите поврзани со азил и нивното значење во националната пракса. На семинарот ќе биде разгледана и меѓународната заштита на бегалците, поновата пракса на Управниот суд, а ќе биде даден и осврт на состојбата во главните земји на потекло на нови баратели на азил.

Во рамките на семинарот ќе биде промовирано и новото издание на Прирачникот и упатствата на УНХЦР за постапките и критериумите за определување статус на бегалец од 2011 година.

Семинарот ќе го отворат директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Виолета Јанковска, претставникот од Претставништвото на УНХЦР во Скопје Мохамад Ариф,  претседателката на Судскиот совет на Република Македонија Александра Зафировска и судијата на Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајковска.