/ Прочитано:

1.047

Судии, обвинители, адвокати и судска полиција на обуки посветени на новиот ЗКП

Понеделник, 11 март 2013 – Судии, јавни обвинители, претставници на правосудната полиција и адвокати денеска со почеток во 10:00 часот ќе започнат со реализација на серија напредни обуки посветени на новиот Закон за кривична постапка (ЗКП) која ќе трае три дена.

Целта на работилницата е целосна подготовка на правосудството за примена на новиот Закон за кривичната постапка, поточно да се презентираат новите законски решенија, да се дадат практични објаснувања на позначајните законски одредби, да се истакнат спорните ситуации и да се предложат мислења за нивно решавање, како и да се унапредат практичните знаења и вештини на правосудната полиција, судиите, јавните обвинители и адвокатите за постапувањето во кривичната постапка.

Реализацијата на обуката е предвидена како работилница на која се комбинира теоретскиот со практичниот дел. Во теоретскиот дел се опфатени клучните измени на ЗКП, а во практичниот дел овие измени се опфатени во предвидените вежби.

Траењето на обуките по овој модул е три (3) дена и ќе се реализираат преку следните наставни модули: предавање со помош на Power Point презентации, студии на случаи, симулации, играње на улоги, дискусии и изработка на писмени акти. Првата обука ќе ја реализира едукаторскиот тим во чии состав ќе бидат: д-р Јован Илиевски, јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција; д-р Тодор Витларов, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Штип, Зуица Наумовска, судија на Апелационен суд Скопје,  Ненад Јаникевиќ, адвокат, проф. д-р Гордан Калајџиев, Правен факултет „Јустинијан Први“- Скопје, м-р Митко Чавков, началник на Централни полициски служби при Министерството за внатрешни работи и Гоце Бачанов, началник на Центар за обука при МВР на РМ.