/ Прочитано:

1.879

Судиите, адвокатите и новинарите дискутираа како да се подобри заемната соработка заради унапредување на медиумските слободи

Пoдoбрувaњe нa сoрaботката помеѓу новинарите и судиите заради унапредување на медиумските слободи беше темата на стручниот состанок, организиран од Академијата за судии и јавни обвнители „Павел Шатев“ и Здружението на новинари на Македонија, во рамките на проектот „Мрежа на новинарите за слобода на медиумите во Македонија“.


На денешниот стручен состанок учествуваа новинари, судии и адвокати кои разговараа на теми кои се од заеднички интерес, а се поврзани со слободата на медиумите. Овој тип состаноци, беше истакнато на денешниот настан, ги подобрува комуникацијата и довербата, а воедно ја зајакнува соработката помеѓу новинарите и судиите.

Поконкретно, на состанокот се дискутираше за слободата на изразување низ практиката на Европскиот суд за човековите права  и општо за новинарската етика и практики. Излагачи на настанот беа: д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, поранешен судија во ЕСЧП, Лидија Димчевска, судија во Апелационен суд Скопје и Кристина Мачкиќ, новинар.

Со воведни говори на стручниот состанок се обратија: Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Арнаудовска посочи дека во денешно време судиите, за разлика од порано, се соочуваат со налетот на глобалните промени, кои бараат модернизација на судството и отворени врати за јавноста. Пред тие промени,  нагласи Арнаудовска, судиите мораше да ги отворат судниците за медиумите и цивилното општество во смисла на она што значи сервисно ориентирано судство.

Во денешно време, посочи Арнаудовска, странките ги знаат своите права и обврски, тие читаат и се информираат. Во таа насока, потребен е современ начин на комуникација со публиката која и тоа како е заинтересирана за работата на судиите, не само во делот на одлучувањето и постапувањето, туку и во поглед на нивниот углед и нивното однесување во приватниот живот.

„Судиите и новинарите треба да ги почитуваат своите професии и да ги надминуваат меѓусебните разлики. И двете професии мора да се држат до својот етички кодекс“, истакна Арнаудовска.

Новинарите, посочи Селмани, можат да бидат најголеми сојузници на судиите. Добрата соработка помеѓу судиите и новинарите значи и добра комуникација со јавноста. Исто така, додаде Селмани, и новинарите можат да бидат сојузници на судиите кога тие се соочуваат со влијанија од одредени центри на моќ. Селмани истакна дека новинарите и судиите се соочуваат со исти проблеми и предизвици и меѓусебно мора да ги почитуваат етичките кодекси на двете професии кои мора да имаат заемна соработка.

„Како новинари, не бараме ништо посебно од судиите. Бараме само кога им се суди на новинарите, судиите да се раководат од практиката на Европскиот суд за човековите права“, истакна Насер Селмани.

Во однос на слободата на изразување низ призмата на ЕСЧП, д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, се осврна на членот 10 од Европската конвенција за човековите права во кој се вели дека секој човек има право на слобода на изразување.

Ова право, се пропишува во членот 10 од Конвенцијата, ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, кое вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот,  угледот или правата на другите, за спречување на ширењето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Во таа смисла, посочи д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, слободата на изразување не е од апсолутен карактер и таа има свои ограничувања. Исто така, слободата на изразување не се однесува само на новинарите, туку и на граѓаните, граѓанските активисти, уметниците, судиите, адвокатите итн. Позитивна обврска на државата, подвлече Трајковска-Лазаревска, е да обезбеди ефективно уживање на слободата на изразување, а државата треба да овозможи амбиент за таквата слобода.

„Ја имаме и првата пресуда за Македонија во однос на слободата на изразување. Со пресудата за случајот ’Селмани и други против РМ‘ за првпат се утврдува повреда на правото на слобода на изразување од страна на Република Македонија, кое е заштитено со членот 10 од Европската конвенција за човекови права. За овој случај, ЕСЧП вели дека јавноста имала потреба од објективно информирање. Дикцијата на пресудата е дека информирањето било потребно. Воопшто, ЕСЧП оди со стандардот дека веста која е шокантна заслужува да го види светлото на денот, сè додека не оди на нарушување на уставниот поредок“, истакна д-р Мирјана Лазарова – Трајковска.

Што се однесува до повредата на членот 10 од Конвенцијата, ЕСЧП во овој случај  го применил во целост тестот на пропорционалност, што е вообичаена методологија на анализа на основаноста на жалбените наводи, кои се однесуваат на оваа одредба. Врз таа основа, тој најпрво утврдил дека отстранувањето на новинарите, кои се јавуваат како апликанти во конкретниот случај, од собраниската галерија, од каде што известувале за текот на собраниската седница, довело до вмешување во правото на слобода на изразување, дека тоа имало правен основ во Законот за Собранието и Деловникот на Собранието.

Во своето излагање д-р Мирјана Трајковска-Лазаревска посочи дека ЕСЧП внимава и на аспектот на слободата на изразување и на почитувањето на приватниот и семејниот живот, но и на висината на казните за новинарите, но и за граѓанските активисти и научниците. Жалби за поновите повреди на Конвенцијата, додаде д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, , кои пристигнуваат до ЕСЧП се однесуваат на интернет и на интернет порталите.

Лидија Димчевска, судија во Апелационен суд Скопје, нагласи дека од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета до денес има близу 200 предмети. Судијката подвлече дека значајно е што овој закон се повикува на практиката на Европскиот суд за човекови права.

Во овој закон, појасни судијката, во делот за исклучување на одговорноста, се вели дека при оценувањето на условите за исклучување на одговорноста, судот ќе ги примени критериумите за оправдано ограничување на слободата на изразување содржани во Европската конвенција за заштита на човековите права и во судската практика на Европскиот суд за човекови права.

Практиката на ЕСЧП мора да се почитува, но исто така мора да се почитуваат и етичноста и професионалноста. Сите, нагласи судијката, треба да се бориме за професионалноста, но во таа насока треба да се констатира дека има напредок.

Денешната стручна расправа се заокружи со излагањата на Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите во Македонија и новинарката Кристина Мачкиќ.

Говорејќи за новинарската етика и практики, Мачкиќ подвлече дека не треба да постојат грешки во однос на фазите на судската постапка и за тоа дали едно лице е осомничено или обвинето. Нашето субјективно мислење, посочи Мачкиќ, не смее да се почувствува во текстот, па читателот или гледачот да го донесе заклучокот. Потребно е судиите и новинарите, порача Мачкиќ, да ја вратат довербата еден кон друг, а таа доверба може да се врати со редовни брифинзи и прес-центри во судовите.

СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА НОВИНАРИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СОБРАНИЕТО ПРИ ДЕБАТАТА ЗА БУЏЕТОТ

Унапредување на дијалогот меѓу Европскиот суд за човекови права и заедницата за медиумска слобода

М.В