/ Прочитано:

3.252

Судиите и извршителите дискутираат за новините во Законот за извршување

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители се одржува советување на тема ,,Новиот закон за извршување со преглед на правозаштитни барања, разлика помеѓу правото на приговор и правото на тужба, одлагање и запирање на извршување“.

На денешното советување се говори за битните промени во новиот Закон за извршување и за приговорот за незаконитости при извршување, противизвршување, одлагање на  извршувањето и други правни средства предвидени со Законот за извршување. Исто така, на советувањето се говори и за правозаштитни барања предвидени со Законот за извршување, разлика помеѓу правото на приговор и правото на тужба.

Извршителката Анѓелка Ефкоска од Комората на извршители на РМ истакна дека  предлагањето на новиот Закон за извршување е заради создавање модерен пристап кон извршувањето, со следење на светските текови, особено со принципите нагласени во Меѓународниот кодекс за извршители, донесен од страна на Меѓународната унија на извршители.

Исто така, подвлече извршителката Ефкоска, новиот Закон за извршување има за цел да се овозможи уште побрза и поефикасна наплата на побарувањата и поефикасно остварување на правата, побрзо вртење на средствата во стопанството, како и подобра бизнис клима што е дел од препораките на извештајот на „Дуинг бизнис“.

Со новиот Закон, образложи извршителката Ефкоска, се воспоставуваат построги услови за подигнување на квалитетот на професијата и спроведување електронско полагање на испитот за извршители.

Со новиот Закон за извршување се воспоставуваат нови извршни дејствија во однос на преземањето дејствија во врска со доверени работи од судот,  обезбедување материјални докази и преземање дејствија за вонсудска наплата на долгови.

Ефкоска истакна дека новините во Законот за извршување се бројни и тие првенствено се однесуваат на новини што се однесуваат општо на извршителите, новини што се однесуваат на спроведување на извршувањето, извршувањето врз недвижностите, извршувањето врз подвижни предмети, извршувањето врз парично побарување на должник, вонсудската наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа.

Во контекст на новиот Закон за извршување, има промени и во другите извршни постапки. Па така, извршителите имаат пристап до сите податоци од банки, регистри, јавни книги и работодавачи. Продажба на имот и други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечаен управник, исто така е важна законска промена.

Извршителот ќе спроведува и физичка делба на предмети и недвижности. Ако самите странки не ја спроведуваат делбата, тоа го прави извршителот, па ако предметот не е делив, извршителот постапува во согласност со одредбите на Законот за извршување за продажба на подвижни или недвижни предмети.

Кај непаричните побарувања, истакна извршителката Ефкоска, големи промени нема, освен тоа дека доверителот е должен да присуствува на дејствија на испразнување и предавање на недвижности и предмети, а ако не е присутен, дејствието се одлага и трошоците паѓаат на негов товар. Ако има приговор, дејствието се спроведува по правосилноста на решението.

Судиите Александар Шопов и Лидија Димова од Основен суд Велес говореа за правните средства за заштита на правата на странките и учесниците во извршувањето и во таа насока ги елаборираа прашањата за приговорот за незаконитости при извршувањето, одлагањето на извршување, противизвршувањето, ограничувањето на извршување врз предмети и права неопходни за вршење на дејноста на Р Македонија и нејзини органи, ЕЛС и јавни претпријатија.

Паричната казна за неисполнување на дејствие што може да го изврши само должник, подобноста на извршната исправа за извршување, извршувањето спрема солидарни должници, поништувањето трансакции, повлекување на барањето за извршување, прекинот на извршувањето и одговорноста за штета, како прашања исто така беа дел од денешната дискусија и советување.

Воедно, на советувањето се посочија и некои од дилемите што се наметнуваат низ судската практика. Дел од прашањата што предизвикуваат дилеми низ практиката се и прашањата дали надвор од наводите на приговорот, судот може и ex officio да ја цени законитоста на оспореното извршно дејствие и дали приговор во извршување за долг над 10.000 евра, кој не е составен од адвокат и не содржи адвокатски печат, се враќа на уредување, се отфрла или пак се смета за нецелосен или недозволен.

M.В